ЈЕРОПЛАН
кога државата сакаше нешто да ни каже или покаже
во мојот мал град со летно кино
пазар и чаршија
ни пушташе мали двокрилни авиони
а ние деца трчавме боси по калдрмата
Јероплан јероплан пушти ни летки
и на мајка ми фустан
трчав и викав кон аеропланот
што одеднаш ќе се појавеше зад ридот над градот
со крилја налик на стари весници од шеесетите
и од висината на нашите фуртини заточкани на небото
пушташе црвени жолти и сини летки
мали шарени крилца
што се вртеа зад вртлозите на пропелерите
и паѓаа кон нас
и врнеа над градот тогаш арлекини со карирани неба
слонови со тивки нашминкани очи
кловнови со насмевки пошироки од нашите први љубови
градскиот бониван со искинат полуцлинидер
и разбојничка брада и лукавиот Пјеро
како најава за доаѓањето на циркусот во градот
со циркуските шатори
со змиите долги 800 километри и тешки 8о килорами
што ни одговараа на прашањата наши
со акробати што летаа низ огнени обрачи
помеѓу сноповите од рефлекторите
и се фаќаа со раце за смртта и се отпуштаа
за да се факат со другиот акробат на трапезот
со камили што ги јадеа лисјето
на лознициоте од одрините на старата чаршија
со мечки што одеа на големи топки и мајмуните
што се возеа на трицикли
а тука беше и џуџето Жпрж со голем дренов стап
со кој не тепаше кога влегуваме под шаторот
без да платиме билети
одеднаш од небото се спушташе и добриот шериф
Џон Вејн со дилижанзата помеѓу кактусите
по која јуреа разбојници со марами на лицата
и Џемс Бонд што живееше само два пати помеѓу нинџите
вселенските бродови и сателитти со ласерско оружје
трчавме и ги ловевме летките
и се тепавме кој прв ќе прочита за доаѓањето на циркузот
или за отворањето на единствената стоковна куќа
и не знаевме дека тогаш не фаќаме летоци
туку мигови вечни од едно детство
не знаевме ни дека над нас постои и едно друго небо
на големите сили и студената војна
со ракети скриени под земјата
со подморници под морињата и океаните
со шпиони зад завесите
и со прсти што никогаш не беа далеку
од копчето што може да го избрише утрото
студената војна не беше војна
таа беше огромен фрижидер
поставен среде Берлин и големиот ѕид
во кои тогаш седеа две армии на ледени столови
и десет сега и си подаваат запалени пури
додека ракетите им висат од таванот како замрзнати ајкули
а две огромни раце
и денес го држат глобусот како граната
и никој не знае кој прв ќе ја испушти
за да го претворат детството во археолошки слој
Но сега знам тие летки не беа само реклами
беа сведоштво дека и во најстудените години
човекот има потреба од приказна
од темна кино-сала и светло на платното
од некои животи некаде далеку
во кои за миг ќе го заборавиме својот.
за нас најважно беше:
ќе има ли вечерва филм во летното кино
ќе пука ли Џон Вејн од огромното бело платно
и ќе ги читаме ли титловите
од бурлеските на Чарли Чаплин
од задната страна на платното
оти немавме да си платиме ни со свежо јајце
и тогаш и сега
живееме под истите закани од нуклеарни ракети
историјата не е права линија
таа е како годишните времиња како наследна болест
како тајна днк со сите империи кои ми влегуваат во сонот
во кој наполеон бара wi-fi
за да ѝ се јави на Жозефина и да и каже
дека ни една војна ни сите победи и освоени земји
не се вредни за нејзините лебедови рамења и колкови
а Цезар,
со мобилен телефон во раката,
се јавува во иднината
— Ало? Ало!
но никој не крева – иднината и денес е зафатена
со повторување на минатото
и иако новата година имаше млечни заби
јас пак се будев во де ен ка та на нашето денес
со нови јазици, но со зборови
стари закачени како црвени вратоврски и пирсинзи
на усните и ушите на некои нови диктатори и генерали
и повторно
картите се движат
како немирни континенти под кожата на земјата
и како наци мустачињата на Хитлер
кога мувите си жонглираа на неговите јаготки
но моите детски нозе се побрзи од историјата
и јас трчав пред студена војна и се прашував
како војната може да има температура
и дали и мртвите млади војници
беа топли во студената војна
и дали куршумот станува помалку куршум
ако идеологија го нарече историска нужност
и дали ракетите помалку го сакаат огнот
ако спијат во својот силос
но историјата не спие
таа има очи на був и трпение на змија во темницата
а ние малите луѓе
живеевме во гордиевиот јазол на нетрпението
и знам дека човештвото никогаш не научило
да гледа во иднината
а научило само подобро да ја повторува историјата
како огромно тркало
што го туркаат мртвите и го продолжуваат живите
и трчам јас
трчам по мојот јероплан и му викам
Јероплан јероплан пушти ни летки
и на мајка ми фустан
и долго долго гледам како во далечините лебдат
мали шарени хартиени соништа
помеѓу кои сонувам
Борче Панов, необјавена песна

Борче Панов е роден на 27 септември 1961 година во Радовиш, Република Северна Македонија. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1998 година. Објавил: повеќе поетски книги: „Што виде Чарли Ч. Види од наопаку“ (1991), „Циклонско око“ (1995), „Стоп Чарли“ (2002), „Такт“ (2006), „Гатанка од стакло“ (2008), „Базилика на ракописот“ (2010), „Заумна вечера“ (2012), „Вдах“ (2014), „Човечки тишини“ (2016), „Уханија“ (2017), „Глочка школка“ (2018), „ Соба на моите временски зони“ (2021); „Анатомија на небото“ (2022); и повеќе есеи, преводни книги од други автори и драми: „Петто годишно време“ (2000), „Градот двојник“ (2011), „Слеп сокак среде улица“ (2002), „Хомо сапуненс“ (2004), „Фатетете го месечарот“ (2005), „Поделен од сопствениот нос“ (2006) и „Летно кино“ (2007).
Борче Панов е член е на ДПМ од 1998 година. Објавил 30 поетски книги во Макдонија и во странство, како и осум драми. Тој има објавено и поетски книги на други јазици: „Честички од хематит“ (2016 – на македонски и бугарски јазик и „Фотостихеза“ 2019, објавени во Бугарија), „Вдах“ (2017 – на словенечки, објавена во Словенија), „Бричење балон“ (2018 – српски во Србија), „Крв што жонглира со 8000 поетски мисли“ (2021 година на хрватски во Хрватска), „Подземно јаболко“ на арапски јазик објавена во Обединетите Арапски Емирати во 2021 година од издавачката куќа Равашен и „Подземно јаболко“ на англиски јазик објавена во Холандија од Демер прес во 2021 година, кога излезе и книгата „Гласови од глуварчето“ (коавтор) во Индија (2021 година ). Во 2022 г. излезе и поетската книга „Скулптура на дишењето“ во Италија како двојазично издание на италијански и на англиски, како и книгите: „Линија на утрото„ на романски јазик, книгата „Вавилонски прозорец“ во САД, како и најновата негова двојазична книга на шпански и на италијански јазик „Витрувијански човек 21„ објавена во Колумбија за која ја доби големата книжевна награда од критиката во Мадрид – Шпанија односно интернационалната награда „Сиал Пигмалион“, која беше доделена на интернационалниот книжевен фестивал „Никита Станеску“ во Мадрид Гадафе. Наградата е признание од една од најважните издавачки куќи – „Пигмалион“ во Шпанија, а книга„Витрувијански човек 21„ беше избрана како најдобра помеѓу 25 книги од неколку земји, и тоа: Шпанија, Франција, Србија, Колумбија, Мексико, Перу, Италија.
Неговата поезија е е преведувана на околу 50 јазици. Ги добил книжевните награди: Premio Mondiale „Tulliola-Renato Filippelli“ во Италија за неговата книга „Бричење балон“ (2021), „Град Галатео-Антонио Де Ферарис“ (Италија, Рим, 2021 година), Премио „Le Occasioni“ во Италија, светската книжевна награда „Сахито“ за 2021 година, „Предраг Матвејевиќ“ во Хрватска за неговата книга „Бричење балон“ како и меѓународна награда за поезија „Наџи Наман“ ЗА 2022 година, Наградата Клемен Јаницки во Полска за 2022 година и други, Признанието на Светскиот фестивал на поезијата „Михаи Еминеску“ – Крајова, Романија 2023, кога бев прогласен и како амбасадор на културата и поезијата од Интернационалната Академијата Михаи Еминеску и други.
