ИЗГУБЕНИ НАРАТИВИ: она што останува кога времето ќе помине, Даница Крстеска

ИЗГУБЕНИ НАРАТИВИ: она што останува кога времето ќе помине
(Антропологија на жената, времето и меморијата на Дана)

Постојат слики што ги гледаме и слики пред кои, без сосема да знаеме зошто, остануваме подолго, не затоа што бараат еднозначно дешифрирање, туку затоа што во нив препознаваме нешто што можеби никогаш не сме го изговориле до крај: фрагмент од сопствената меморија, од телесното искуство, од стравот, љубовта, чекањето или загубата. Такви се сликите од поставката на изложбата „Изгубени наративи“ на авторката Даница Дана Крстеска. Тие претставуваат дела што не го исцрпуваат своето значење во она што непосредно го прикажуваат, туку отвораат простор во кој видливото постепено преминува во веќе доживеано, а индивидуалното во универзално.

По триесет и пет години творештво на авторката, ако се фокусираме на ретроспективата на создавањето, се воочува дека тоа не е само можност да се погледне наназад кон еден уметнички пат, туку многу посложен чин на собирање на времето во еден заеднички простор. Во неа се среќаваат различни периоди, чувства, одлуки и ликовни искуства, но и она што, и покрај промените, останува суштинско во авторскиот свет. Затоа овие дела не ги читам како затворени сликарски целини, туку како фрагменти од еден долг разговор меѓу жената и светот, човекот и природата, телото и времето, видливото и она што останува зад него. Ретроспективата, во таа смисла, не е само хронологија на создаденото, туку и археологија на чувствувањето.

Низ сликите се повторуваат женски фигури, птици, коњи, јаболка, калинки, садови, книги, часовници, кафези, крилја, венци, нишки, цвеќиња, вода и небо. Тие мотиви се појавуваат во различни односи и контексти, понекогаш изменети, понекогаш речиси како сеќавање на самите себе, создавајќи препознатлив иконографски и симболички регистар. Сепак, тие не функционираат како едноставен речник во кој секој знак има однапред зададено значење. Птицата не е секогаш слобода, кафезот не е само заробеништво, коњот не е само сила, ниту плодот може да се сведе на една митолошка или религиска асоцијација. Значењето се создава во односот меѓу предметот, фигурата, просторот, колоритот и психолошката атмосфера на композицијата. Токму односот, а не изолираниот симбол, се покажува како една од најважните категории на ова сликарство. Во центарот на тој систем на односи речиси постојано стои жената. Но, таа не е портрет во традиционалната смисла, иако има лице и не е ниту класична алегорија, иако околу неа се гради густ симболички свет, а уште помалку е идеализирана хероина што освојува простор со демонстративна моќ. Нејзиното дејство најчесто е сведено на различни улоги, таа седи, чека, набљудува, држи, прегрнува, се сеќава, го допира сопственото тело, се свртува кон птица, дете или животно, го среќава нашиот поглед или гледа некаде надвор од видливата сцена. Токму во таа воздржаност се создава парадоксот на нејзиното присуство и колку помалку е нагласена нејзината надворешна акција, толку повеќе се интензивира нејзиниот внатрешен простор.

Во историјата на визуелната култура женското тело премногу често било конструирано како тело што се гледа, идеал на убавина, мајка, светица, грешница, муза, љубовница, алегорија или објект на погледот.  Во овие дела тоа се трансформира во зависност од улогата, чувствата, просторот околу неа, што означува тивко, но значајно поместување. Жената останува видлива, но престанува да постои единствено за да биде гледана. Нејзиниот поглед понекогаш нè сретнува, но почесто како да минува низ нас и да се насочува кон простор што не ни е достапен. Таа има сопствена внатрешност и токму таму започнува нејзината автономија. Во делата на авторката, жената не е само тема на сликата, напротив, таа станува перспектива од која се чита светот.

Ликовниот простор дополнително ја засилува оваа состојба. Хоризонтите често се затемнети, небото е тешко, а земјата добива речиси безвременски карактер. Сино-сивите, земјените, белите и окерно-портокаловите тонови не функционираат само како колористички избор, туку како носители на психолошка и временска атмосфера. Светлината често не се однесува како едноставен природистички извор, туку како средство што ја издвојува фигурата од реалното и ја внесува во простор на сеќавање, претчувство или внатрешна визија. Во односот меѓу статичноста на женската фигура и движењето на коњот или птицата, меѓу тежината на земјата и отвореноста на небото, се создава еден вид напнатост што ја надминува самата сцена и преминува во егзистенцијална состојба.

Во многу композиции имаме чувство дека времето е запрено непосредно пред нешто да се случи или непосредно откако нешто веќе се случило. Токму затоа ретко го гледаме самиот настан,а почесто го гледаме неговиот траг. Не ја гледаме разделбата, но го чувствуваме нејзиното отсуство. Не ја гледаме борбата, но ја насетуваме раната. Не го гледаме заминувањето, но празниот простор сведочи дека некој заминал. На тој начин, сликарството станува простор на последицата, а човечкиот живот се појавува не преку спектакуларните настани, туку преку она што тие го оставаат во човекот. Историјата ги бележи датумите, додека човекот ги памети чувствата и додека историјата знае кога започнала војната, мајката памети кога нејзиното дете се родило. Едновремено, историјата го регистрира падот на една држава, а поединецот памети која врата последен пат се затворила зад некого. Токму во тој расцеп меѓу големата историја и малата, лична меморија насловот „Изгубени наративи“ добива пошироко значење. Низ времето не се губат само приказните, туку и безброј животи што никогаш не добиле право да станат дел од официјалниот наратив. Колку женски искуства, љубови, породувања, загуби, чекања, жртви, стравови, желби, проштевања и секојдневни херојства исчезнале затоа што историјата не ги регистрирала, не ги сметала за доволно важни? Историските хроники долго ги паметеле владетелите, војните, договорите, освојувањата и границите, додека животот на огромен дел од човештвото се одвивал далеку од местата каде што се пишувала историјата, како во домот, покрај детето, во работата, пред прозорецот, во чекањето, заминувањето, љубовта и молчењето. Можеби токму тие се изгубените наративи, а уметноста е едно од ретките места каде што можат повторно да добијат форма, тело и право на присуство.

Од таа перспектива жената во овие дела постепено престанува да биде само индивидуален лик и станува носителка на меморија во која се таложат повеќе времиња и повеќе идентитети во улога на девојка, мајка, жена што чека, сака, губи, верува, се брани, молчи и повторно се воспоставува себеси. Сепак, таа никогаш не е сведена само на позицијата на жртва. Нејзината ранливост не ја поништува силата, бидејќи силата овде не е претставена како доминација, туку како способност да се сочува внатрешниот интегритет во свет што постојано нешто одзема. На тој начин авторката ја поместува претставата за женската сила од надворешната моќ кон издржливоста, самосвеста и способноста повторно да се создава смисла.

Особено значајни во таа смисла се рацете и телесните гестови. Рацете држат, преклопуваат, прегрнуваат, допираат и пуштаат, понекогаш жената се прегрнува самата себеси, а тој гест може истовремено да се чита како заштита, самозадржување и обид телото да стане сопствено прибежиште. Телото затоа не е декоративен елемент, туку архив на искуството. Меморијата не постои само како свесно присетување, туку и во држењето на рамениците, во положбата на рацете, во погледот што се избегнува, во начинот на кој телото се собира или се отвора кон светот. Авторката ја слика токму таа тивка граматика на телото, во која психолошкото не е илустрирано, туку впишано во формата.

Покрај жената, особено значајно место имаат птицата и коњот. Птицата се појавува во различни односи со човечката фигура и со кафезот, отворајќи го прашањето за слободата без да го затвори во еднозначна метафора. Слободата не се сведува на отсуство на решетки, бидејќи отворената врата сама по себе не гарантира дека човекот ќе замине. Кафезот затоа може да се чита како психолошка, општествена и егзистенцијална состојба, како систем од очекувања, улоги, стравови, навики, традиции и туѓи дефиниции за тоа какви треба да бидеме. Птицата, во таков контекст, не е едноставен знак на ослободувањето, туку знак на можноста за слобода, а можноста секогаш подразбира избор и одговорност.

Коњот носи поинаква енергија. Таму каде што женските фигури често се статични и интроспективни, коњот внесува движење, нагон, телесност и сила. Односот меѓу нив создава напнатост меѓу мирот и импулсот, контролата и нагонското, останувањето и тргнувањето. Но, коњот не мора да се чита како нешто надворешно во однос на жената; напротив, тој може да биде визуелизација на онаа витална, неприпитомена енергија што продолжува да постои во неа и тогаш кога телото мирува. На тој начин животното не е придружен мотив, туку психички и симболички двојник на човечката фигура.

Времето, пак, е еден од најсилните невидливи протагонисти на целиот циклус. Часовникот го прави видливо, но неговото присуство се чувствува и таму каде што предметот отсуствува,  во хоризонтот, во прекинатото движење, во погледот, во повторувањето на мотивите и во самата ретроспективна природа на изложбата. Човекот го создал часовникот за да го мери времето, но со тоа го претворил времето и во мерка на сопственото постоење, колку поминало, колку останува, дали сме задоцниле, дали нешто можело да биде поинаку. Сликата, меѓутоа, воспоставува друг однос кон времето. Таа го запира мигот и истовремено сведочи дека тој веќе поминал, лицето останува младо на платното додека човекот старее, птицата останува во лет, коњот никогаш не го завршува својот чекор, а раката останува засекогаш во истиот гест. Во тој парадокс се наоѓа една од суштинските функции на уметноста: таа не го победува времето, туку му се спротивставува со меморија. Затоа ретроспективата по триесет и пет години на уметникот Даница Дана Крстеска има посебна тежина бидејќи пред нас не стојат само дела создадени во различни години, туку триесет и пет години човечко време претворено во материја, пигмент, платно, линија, потег, композиција и одлука. Секоја слика е некогашен сегашен миг што денес му припаѓа на минатото, а сепак продолжува да воспоставува однос со сегашниот гледач. Токму во таа способност минатото повторно да стане присутно се среќаваат ретроспективата, меморијата и уметничкото дело.

Од друга страна, јаболкото, калинката, плодот, садот, цветот и лебот го прошируваат овој визуелен свет кон културната меморија на човештвото. Тоа се предмети постари од нашите индивидуални биографии и низ различни културни системи носат значења поврзани со плодноста, сознанието, искушението, животот, смртта, повторното раѓање, домот, храната, жртвата и изобилието. Но нивната сила во овие композиции не произлегува само од наследената симболика. Тие го враќаат човекот кон неговата материјална и природна условеност, кон фактот дека и покрај сложените цивилизациски конструкции остануваме суштества зависни од земјата, телото, храната, водата и другиот човек. Тоа говори дека  затоа, природата  не е декор зад човечката драма, туку средина на која човекот суштински ѝ припаѓа.

Токму тука се отвора и прашањето за местото на човекот во поширокиот поредок на постоењето. Имајќи предвид дека една од големите цивилизациски заблуди е уверувањето дека човекот може да се постави над светот од кој произлегува, како негов господар и центар, овде сликите сугерираат поинаква можност, дека центарот можеби воопшто не е фигурата, туку односот. На прв поглед композицијата често ја поставува жената во средиштето, а птиците, животните, предметите и хоризонтот се организираат околу неа. Но, колку подолго ги гледаме делата, толку повеќе средиштето се преместува од телото кон врската, меѓу мајката и детето, жената и птицата, човекот и животното, телото и неговата ранливост, желбата и забраната, она што го држиме и она што мораме да го пуштиме, животот и сознанието дека животот е конечен.

Во таквата структура можат да се препознаат две невидливи оски на постоењето. Хоризонталната го опфаќа светот на човекот меѓу другите, љубовта, семејството, мајчинството, партнерството, заедницата, општествените улоги, природата и другите суштества со кои го делиме просторот. Вертикалната се движи од земјата кон небото, од телото кон духот, од минливото кон прашањето за бесконечното, од животот кон смртта и од смртта кон она што човекот се надева, верува или претчувствува дека може да постои зад неа. На пресекот на тие две оски стои жената, не како господар на универзумот, туку како точка на свеста или суштество што знае дека постои, дека сака, губи и е минливо, а сепак продолжува да создава смисла.

Токму во тој момент делата ја надминуваат исклучиво женската приказна и се отвораат кон универзалното човечко искуство. Жената на платното не станува „човек“ преку поништување на нејзиниот пол и специфичност, туку токму преку конкретноста на женското искуство се отвора кон општото. Секој човек бил зависен од нечии раце, нешто чекал, нешто изгубил, посакал да излезе од некаков вид ограничување и носи барем една приказна што никогаш не ја раскажал. Така приватното станува антрополошко, а индивидуалната слика се претвора во прашање за човековиот вид, неговата ранливост, неговата потреба за припадност и неговиот постојан обид да му даде смисла на сопственото минливо постоење.

Во сето тоа значајна е и ненаметливоста на авторката. Нејзиниот визуелен свет не се воспоставува преку агресивна потреба да му се диктира на гледачот што мора да види, ниту преку спектакл што сака да го совлада. Наместо тоа, се создава простор на тишина и задржаност. Но, тишината овде не е празнина, туку метод на гледање и начин на комуникација. Во време во кое современиот човек непрестајно произведува слики, зборови, информации и сопствено присуство, ваквата воздржаност добива речиси радикална вредност. Делата бараат од гледачот нешто што денешниот ритам сè потешко му го дозволува, а тоа е време да остане, да погледне повторно и да не ја замени веднаш една слика со следната.

Во таа ненаметливост се препознава и авторската позиција, нејзината широчина во чувствувањето, внимателна во градењето на сопствениот визуелен јазик и доволно сигурна за да не мора да го објаснува секој знак што го поставува на платното. Нејзината скромност не значи отсуство на став, напротив, најцврстиот авторски став понекогаш е токму оној што нема потреба да се докажува со гласност. Авторката Даница Дана Крстеска не стои пред своите дела за да им ја одземе можноста за повеќезначност, туку им отстапува простор тие самите да воспостават однос со гледачот.

По триесет и пет години уметничко создавање, нејзиниот најважен белег не може да се сведе на еден симбол, една боја или еден повторувачки мотив. Белегот е всушност начинот на гледање, како и способноста во малото да се препознае големото и конкретниот предмет да се отвори кон поширока човечка смисла. Во јаболкото се активира меморијата на искушението и сознанието, во птицата копнежот да се надмине сопствената граница, во кафезот невидливите конструкции во кои човекот се затвора, во коњот виталната сила што телото ја памети и кога разумот ја потиснува, во часовникот сознанието за минливоста; во жената историјата што никој никогаш не ја запишал целосно, а во тишината сето она за кое јазикот не бил доволен.

Оттука „Изгубени наративи“ не треба да се чита само како ретроспектива што гледа наназад. Овие дела едновремено гледаат кон нас и го поставуваат прашањето што од нашиот живот еден ден ќе остане, кои предмети ќе нè паметат, кои зборови никогаш нема да ги кажеме, кого не сме прегрнале кога сме можеле, од кои ограничувања не сме излегле иако можноста постоела, што сме наследиле од оние пред нас и што, свесно или несвесно, ќе им предадеме на оние што доаѓаат по нас. Во таа перспектива, прашањето кој ќе ја раскаже нашата приказна кога нас повеќе ќе нè нема, не е реторичка декорација, туку суштинско прашање за односот меѓу смртноста, меморијата и создавањето.

Можеби токму затоа човекот создава, слика, пишува, раѓа, гради, памети и остава трага, не затоа што навистина верува дека може да ја победи смртта, туку затоа што длабоко во себе не се согласува целосно да исчезне. Во тој отпор кон исчезнувањето се среќаваат уметноста и човековата потреба за смисла. Тогаш триесет и петте години творештво престануваат да бидат број и стануваат сведоштво за една жена што сликала жени, но преку нив ги набљудувала времето, природата, љубовта, мајчинството, слободата, стравот, осаменоста, телото и смртноста, а со тоа и нешто многу поголемо, „човекот“ кој откако станал свесен дека е минлив, започнал да остава знаци зад себе.

Од првата дланка оставена на ѕидот на пештерата до современото платно, суштинскиот импулс на создавањето можеби не се променил толку колку што се менувале формите, техниките и историските контексти. Во основата останува потребата да се потврди присуството дека некој бил тука, гледал, чувствувал, сакал, страдал и постоел. Токму затоа најважното прашање по средбата со оваа изложба не е дали сме ги дешифрирале сите симболи, туку дали тие нè натерале подобро да се разбереме себеси. Најдлабоката уметност не му кажува на гледачот што да мисли, таа создава услов тој да остане пред прашањето кој е, што носи во себе и што од неговото постоење може да го надживее.

Жените од овие платна затоа остануваат во просторот со своите птици, коњи, плодови, часовници, книги, кафези и тишини, некои насочени кон гледачот, други кон простор што останува надвор од неговиот видокруг. Нивните приказни не завршуваат во моментот кога посетителот ќе ја напушти изложбата, бидејќи нивната функција не е да понудат затворен наратив, туку да активираат меморија, асоцијација и самопрепознавање. Во таа смисла, наративите можеби никогаш не биле навистина изгубени, можеби само го напуштиле јазикот и продолжиле да живеат во сликите.

Проф. д-р Соња Ризоска Јовановска
Редовен професор на Факултет за психологија, МСУ

                             

 

 

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија