ГРОМОГЛАСЕН ПОЗДРАВ ОД ВЕЧНОСТА
(Кон книгата Јас сум Живка од Ирена Павлова де Одорико, Восток, 2026)
Кога во студентските денови, во една од книжарниците на Мисла, ја купив збирката стари египетски ракописи „Слепиот харфист“, приредена од Трајан Петровски, најмногу од што бев зачудена тогаш беше текстот на песната кој ми остана во сеќавање – „Разговор на човекот со својата душа“. Тогаш тоа за мене беше непоимливо како тема – дека може да се разговара со сопствената душа. Многу години подоцна разбрав дека за душата како опсесивно тематско и мотивско јадро пишувале речиси сите антички филозофи (Платон, Аристотел, стоиците), а душата како централно жариште се јавува и во сите религии и духовни книги. Грижата за душата, како што препорачувал и самиот Сократ, никогаш не престанала да биде важна тема за човештвото.
Го пишувам овој вовед за најновата книга на Ирена Павлова, за да укажам на нејзината спиритуалистичка црта. Имено, и во ова дело – поема на нашата авторка се расправа за метафизичката страна на постоењето. И ако во египетскиот ракопис пред нас се одвива дијалогот на еден човек со душата по смртта, во вториот случај – книгата на Павлова Де Одорико – се случува дијалог со душата на родителот, исто така по смртта. Родителот во случајов е Живко Павлов, татко на нашата авторка и бард на македонскиот хумор и сатира.
Но за да ги избегне замките на тие задгробни египетски ракописи, овој текст на Павлова Де Одорико ја приопштува и житејската односно земната, па затоа и хуманата, страна на животниот пат не само на нејзиниот татко туку и на нивната семејна лоза. Овој биографизам во поемата на Павлова воопшто не е ниту патетичен ниту чисто информативен. Напротив, тој е лиризиран и метафоричен. Овде би можеле да говориме за поемата како за една поетска или лирска биографија во која лапидарно ни е предаден портретот на едно семејство, во чие средиште се наоѓа ингениозната фигура на еден не само хуморист туку и ироничар па и пародичар на секојдневната стварност. Но овој биографизам не е цел сам за себе, тој е во функција на она што следува потоа – имено последното обраќање и збогување со неговиот дух, кога поради одредени објективни околности, нашата авторка не е во можност да присуствува на последното испраќање на својот родител – испраќањето во светот на вечноста – или како што би рекле Египќаните – во земјата на Западот.
Она што го карактеризира текстот на поемата не е трагичниот тон на загуба на родителот туку свечената и возвишена екскламација дека тој заминал „во друг, светол вилает./ Можеби во еден од најсветлите. Можеби, во/ најсветлиот“ затоа што како што вели авторката: „Сиот негов живот беше една долго најавувана смрт,/ но и долгоочекувана, зад која вечноста катаден/ се потпишуваше./ Сè до неговиот Премин“. Таа игра меѓу животот и смртта, тоа коцкање со смртта – тој ризичен руски рулет, да се оди по работ – го можат само оние што се издигнале над овој земен свет во височините на духот, во луцидноста на мислата, затоа што конечно афоризмот е и тоа – проблесок на умот, во кој е содржана самата суштина за светот. Тоа е прекрасно предадено во стихот: „Како да имам татко – Мисла“.
Книгата е поделена на седум пеења – „Азбука на генетиката“, „Живково житие или Паталец, со дарба за возвишена реч, е светец“, „Мајка ми“, „Средби пред семафорот или живот на различни адреси“, „Мојата и твојата книга на животот. Твојата книга на антисмрт. Или, на мегдан со духот на татко ми“, „Живкино житие“, „Човечица“ и „Реминисценции“.
Во книгата се сопоставени две поетски житија – едното на родителот и другото на авторката, но второто му доаѓа нешто како второ раѓање или прераѓање, или пак може да се нарече дури и спиритуална автобиографија, кога преминот на родителот на другата страна ја преобразува личноста на ќерката – таа презема аманет, завет неговите зборови да станат татковина за нејзините деца.
„Токму затоа гувеам пред секој збор од таткото,/За да создадам татковина и за децата мои.“
Аманетот, како што знаеме, се пренесува од колено на колено и има значење на света реликвија во едно семејство. Во случајот на Павлова света реликвија е зборот, односно пишувањето.
Тој автобиографизам продолжува и во другите пеења. Пред оваа експлодирачка искреност и соголување читателот не може да остане рамнодушен затоа што сите ние, во нашите животи имаме неодговорени прашања. Можеби затоа ова поетско писмо на Павлова е предизвикувачко и за сите нас, да погледнеме во нашите животи, да се запрашаме за односот кон родителите, кон децата, кон предците. Оти животната врвица не потекнува само од нас – таа продолжува од нашите прадедовци кон нашите поколенија. И затоа прашањето за заминувањето на родителот можеби е исто толку важно како и раѓањето на нашите деца – оти животот треба да се согледа во неговата целост за да може да се разбере, барем малку, неговата таинственост.
Сепак, се чини најважната асоцијација што ја поврзува оваа книга со онаа збирка египетски текстови спомната на почетокот е петтото пеење Mојата и твојата книга на животот. Твојата книга на антисмрт. Или, на мегдан со духот на татко ми, при што авторката можеби несвесно повторно прави сопоставување – имено, наспроти египетската Книга на мртвите ја сопоставува Книгата на животот или книгата на антисмрт затоа што вечно живее оној што се памети, а оваа книга е токму тоа – за вечен спомен и паметење на светлиот лик на таткото, и покрај неговите Сцили и Харибди. Импресивен е разговорот што лирското јас го води со духот на таткото. „Нема смрт за оние што ќе преминат онаму“, вели таткото – „Дури сега ми умре смртта,/ па можам конечно да ти бидам татко“.
Во овие стихови е, всушност, изразена вистинската припадност – дека нашите родители не ни ја даваат само крвта туку и сиот генски и животен запис. Во оваа интимна дијалогичност се случува и она метафизичко предавање на духовното богатство на своите потомци што човекот како искуство и мудрост го стекнал на земјата. Како духовно наследство, што и тоа како понекогаш е поважно од материјалното. И токму во тоа примопредавање се случува и клучниот чин на преобразба, на ново раѓање. Иницијантот, во случајот лирското јас, добива ново име и ново обличје, станува Живка. Така ќерката станува негов озаконет наследник/наследничка – оној (во случајот онаа) што ќе го продолжи неговото дело – оти убаво велат стиховите – „Затоа ти ќе продолжиш онаму,/ каде што светот веќе застанал да нишани со реч./ Фактот што сиот живот во рацете држев пенкало, /го спаси светот за еден крвник помалку“.
Ете во овие неколку реда е изразена сета мудрост на пишувањето – навистина не е сеедно дали во раката држиме перо или убоит меч. Оти и во тоа е грижата или негата за душата, како што би рекол Сократ. Од тој момент па натаму – ние ја преживуваме смртта на самата смрт, односно го гледаме описот на патот во вечноста.
Во возбудливиот духовен и спиритуален дијалог што го водат таткото и ќерката, лирското јас ја оживува пред нас сцената на Хамлет, кој исто така додека разговара со духот на својот мртов татко – го поставува клучното прашање за сопственото постоење – да се биде или не. Така лирското јас не само што станува модерен Хамлет или Хамлетка туку и го одговара едно од најкруцијалните прашања на денешницата.
„Знае дека треба да се биде/И дека тоа повеќе/Не е прашање/Ниту сега/Ниту за вечни векови.“
Таа атмосфера на сновидение со која е проткаена целата поема го прикажува тоа душевно патешествие ни на небо ни на земја оти тоа е пат без време, пат во бескрајот, каде што духот на лирското јас го придружува духот на таткото до неговото вистинско вечно живеалиште, не гробот, не земјата, ами небото и вечноста, при што лирското јас го дава своето лирско ветување: „Со синтаксата/Од твоите афоризми/Ги хранам сите/ Мои песни“. Таткото афористичар оживува во зборовите на ќерката писателка, неговото дело продолжува во нејзините дела, неговиот хумор ја охрабрува и бодри. И затоа нашата новородена Живка нема да плаче, оти Живка ќе ги одложи солзите. Рефренот што се одгласува во последниот дел на поемата, „Ќе плачам утре“, повторно нè потсетува на египетските ракописи, во кои се вели дека садот со солзите треба да се одложи за некое друго време. Сега е потребно да се сподели она што е некажано, она што било премолчено, она што не успеало да се изрече на последната разделба, па ако треба дури и да се напише поема. Да се олесни душата не со солзи, ами со зборови, а најубаво ако може со песна, затоа што песната останува, телото е трошно, но зборовите, песните, книгите, ќе ја преживеат секоја смрт, нашата смрт до некое наше одново создавање и раѓање.
Сузана В. Спасовска

