Паѓање на колена
Во употреба често е двојното внесување на стоки, пократка, поцврста, повеќе е кажано отколку прочитано од книга, каде што гласот побрзо се отсекува, како да се плаши од сопствената должина. Подолгата форма доаѓа од друго место, со благ странски акцент, како голотија што ја учи својата родна кожа и останува во неа. Постои разлика помеѓу двете форми, велат, прецизно дефинирана, разграничена, како некој да ја мери во тишината на лабораторијата, помеѓу фонеми што полека се загреваат. Но, во неформалниот говор, границите се замаглени, едната форма се лизга во другата. Лицето кое ги запишува разликите, кое ги средува акцентите и ги слуша ситните движења на гласот, веројатно ќе знае како се менува значењето кога го изговараме доволно долго, кога зборот повеќе не означува ништо, туку се случува. Критериумите остануваат на хартија, во фуснота, а телото избира своја варијанта, пократка, поблиска, пожива, поприлагодена по шемата на превиткување со ножички за сечење до колената.
Категорија на транспарентност
Истражувачките категории на транспарентност, што е посебна карактеристика на некои ткаенини со дијамантски шеми, даде некои интересни наоди. Во сите дискутирани случаи на превез, се покажа дека мојот поглед низ густа мрежа од точки создава помека перцепција за просторот. Живата форма најмногу ѝ се припишува на црната блуза, бидејќи доаѓа од директен контакт со лакот на рамото и затоа го поттикнува спроведувањето на категоријата транспарентност. Разновидноста е очигледна и во неопределените движења на рацете по ткаенината. Врвот на мојот прст покажува тенденција да допира, сепак самото присуство на ткаенината уште не е доволно, ако во мојата свест како допирач не е присутно сознанието дека првично се работи за систем од шевови.
Монографија
Во монографијата по моја сопствена волја, идентификував неколку акцентски шеми помеѓу јазикот и облеката, истовремено следејќи го, доколку е можно, современиот развој на синтетичките материјали и нивното влијание врз внатрешната метрика на освоениот, табуизиран простор. Истражувањето ја потврдува големата разновидност на внатрешните набори и претставува почетна точка за моето понатамошно истражување на текстилната граматика, бидејќи има нерешени прашања што се појавуваат кога сè уште непоканетите гардероби се отвораат. Имено, некои шевови сè уште се однесуваат како недовршени реченици, а некои ткаенини јасно го паметат обликот на телото што ги носел.
Модерна состојба
Ако сакам да добијам барем приближно реалистичен опис за мојата современа состојба, морам повеќето од проблемите да ги решам од шев до шев, од јаката до патентот, од гласот до телото. Најголемиот предизвик во ова постои во воспоставувањето на рамнотежата помеѓу системот, желбата и материјалите, кои во текот на ноќта, под слабата светлина на гардероберот, го зачувуваат обликот на телото подобро од сеќавањето.
Пеглање
Додека под пазувата ја носев црната блуза и создавав мало триење на синтетичката ткаенина од кожата, во мене се роди долга, шуплива реченица, која ја слушав со интерес, бидејќи содржеше необични зборови. Обрнував посебно внимание на изразите поврзани со пеглањето облека, бидејќи во мене секогаш одново се појавуваше тенденција да воспоставувам ритмички набори, дијагонални тензии и нежно измазнети шевови што можеа да ја вратат ткаенината во нејзината оригинална, оперска состојба.
Преклопливост
Кај овој фустан, повлекувањето од изложбата е многу почесто кога пред него стои барем една кукла на кројач. Ситуацијата е консолидирана особено со црните и сините кроеви. Интересен пример е фустан со мешан дезен од превиткани конци. Промените се случуваат истовремено и со еднаков интензитет, поради што во модерната употреба постојат фустани кај кои продолжувањето на кројот е почесто, како и оние кај кои ова е поретко. Зачувувањето на одредени кроеви зависи и од фреквенцијата на носење на поединечни ткаенини. Некои фустани покажуваат значително влијание на шарите врз бојата на ткаенината. Слични процеси што предизвикуваат зачувување на архаичните кроеви исто така имаат значително влијание. Патентот на јаката е зајакнат во одредена положба. Воведувањето на превиткани делови, исто така, носи значително олеснување од превитканите набори кај делот на главата. Ова е формата на ткаенината што се менува најбавно. Дизајнерските карактеристики на поединечните фустани можат да бидат под влијание и на конфекцијата, што се рефлектира во воведувањето на полесни кроеви. Нивниот дизајн е значително под влијание на постепеното воведување на фиксната јака, тоа е стабилизирање на положбата на јаката во рамките на превитканиот модел на ткаенината, дури и кај оние примероци каде што, историски гледано, се очекувал различен тип на крој. Новите истражувања на ткаенини ја покажуваат развојната ориентација на феномените во текстилната индустрија. Облеката е потпрена во рамки на системот со подлога. При истражувањето на моделите на ткаенина, најголем предизвик претставува воспоставување рамнотежа помеѓу чипката, пругите и развојот на ткаенината на (износените) набори. Тие се појавуваат и кај подвижните и кај фиксните јаки. Ако се воспостави избалансиран корпус од износени фустани и постојаната ткаенина соодветно се дополни, процесот на проучување на модните трендови во современите кроеви би бил поедноставен, а во исто време, со споредување на истрошени и неносени фустани, односот помеѓу шиените и плетените кроеви би можел да биде појасно дефиниран. Модните трендови се насочени кон поедноставување на моделите на ткаенини, бидејќи кај корисниците преовладуваат подвижните јаки. Постои видлива тенденција да се напушти продолжувањето на кроевите. Кај некои превези, можно е да се види влијанието на структурата на ткаенината врз искинатата површина. Воведувањето на глаголски шеми на ткаенината е единствена иновација, бидејќи никогаш порано сите конци, вклучувајќи ги и сите набранувања, не биле превиткани на толку сложени букви.
Од поетската книга „Либрето“, што треба да излезе од печат во декември 2026.
Превод од словенечки на македонски јазик: Драгана Евтимова

Клемен Писк (1973) е словенечки поет, писател, преведувач и музичар. На литературната сцена влегол кон крајот на 1990-тите со збирката поезија „Добра вечер“ (1998), по што следувале „Високо и збрчкано исконско потекло“ (2000) и „Мајсторот на исповедта“ (2002). Избор од неговата поезија е објавен и во Полска и Словачка. Покрај поезијата, се занимава со проза, литературна критика, есеи и пишување радио драми. Во 2021 година е објавен неговиот роман „Тестаментот на Мамут“, кој беше претставен на Фестивалот за романи првенци во Кил (2022), а романот ќе биде објавен и во литвански и полски превод оваа година. Досега има објавено шест авторски книги со големи словенечки издавачки куќи (во Младинска книга, Гога, Нова ревија и во Литера). Објавува во бројни домашни и странски литературни списанија и настапува на литературни фестивали и поетски сцени низ Словенија и Европа. Тој е исто така кантавтор, главен вокал и гитарист на бендот Жабски бенд, со кој ги издаде албумите Докторот бавно свирка свинг (2001) и Аристократ (2004). Добитник е на неколку награди за своето литературно творештво, вклучувајќи ја и титулата Витез на поезијата во 2026 година.
