Тивкост. Кревка тишина. Прогрес. Бунт кон градот. Слобода. Совршена природност. Толку многу тишина што зборува. Толку многу реална современост. Поетската книга „Ода за шумата“ од поетесата Магдалена Чапаровска е автентично обликувана книга, која содржи четири поетски циклуси, во кои песните претежно се во слободен стих, со секојдневни наслови и силни пораки. Магдалена Чапаровска е ненаметлива поетеса со веќе две објавени поетски книги, и тоа: „Еленот слуша виножито“ во 2017 година и „Скршен аватар“ во 2019 година, каде што доминира продлабочено разбирање за себеси како индивидуа и за светот околу неа.
Поделбата на книгата има повеќеслојни поетски значења за градот и природата, каде што отворено се поставува прашањето: каде е нашиот дом? Песните се кратки, концизни и ги отвораат прашањата за општествената одговорност на современото живеење. Магдалена Чапаровска дипломирала и магистрирала Општа психологија и советување во Солун, токму затоа е очекувано во поезијата да го анализира градот, како во песната „Недела“: Кога тропотот на чеканите стивнува/прашината слегнува/скелето замрзнува,/ кога тротоарите ќе останат без возила/па има место да се разминеме…/ време е за миса –/дошла недела наспрема природата, како во песната „Безбедна“: Вмрежени корења – килим/цврсто стебло – ѕид/вечно зелените иглички се покрив,/во длабоката шума газам без – штит, води отворен дијалог меѓу брзиот развој на технологијата, како во песната „Бетонизација“: Разгранетите дрвја ги заменивме со/ грамадни згради –/ севишни/ безмилосни/ издигнати до небото/пошироки од езерото/ бетонски чудовишта –/ кои прекуноќ ни ги голтнаа и ѕвездите/и месечината./ Оттогаш –/ поради нив – од нас бега и сонцето и слободата на индивидуалната одговорност, како во песната „Сон“: Јас подавам дланка – а дрвото гранка, /сплотени под синото небо –/ си ветуваме соживот
Прецизното око на Магдалена Чапаровска смислено и точно го црта пејзажот на денешниот човек, во секоја од песните размислува за своето патување кон природата, обликувано од лично искуство, секојдневно трага по слободата на своето внатрешно јас и продира во длабочините на емотивно-интелектуалниот праизвор на душата. Со смирено расположение, во песните лирскиот субјект има привилегирана положба. На тој начин, побудува љубопитство и предизвикува различни психолошки состојби, односно доживувања поврзани преку личните искуства, а во фокусот на нејзините размислувања се секојдневните случувања. На тој начин, вешто пренесува интелектуална порака во која создава конструктивно гледиште на сите тешкотии со кои се соочува современиот свет. Токму затоа, оваа поезија е еден вид патоказ и сите недефинирани прашања добиваат конкретни одговори, стварноста добива поинакво значење. Поетесата отворено пишува дека не е безбедна во денешниот начин на функционирање во градот и на суптилен начин создава моќно чувство кон самиот живот – кон неговото нежно и горчливо-неповратно јадро, како и со непогрешливото чувство за сите пукнатини и состојби во кои ништо не е како што изгледа. На прв поглед – токму овие пукнатини и состојби се живеалишта во поезијата на Магдалена Чапаровска и кругот на животот што ротира во пошироки метафизички поетски размери.
Во „Ода за шумата“ нема непотребни лутања, нема непотребни мистификации. Напротив, сите песни имаат свое место, своја порака, своја смисленост и целина. Можноста да се истражува до длабочината на секое ново пресоздавање на реалноста се гради со порака и отпорност кон новите уништувачки форми на човекот во градот, но и љубопитност и надеж кон природата, местото каде што лирскиот субјект се трансформира во подлабоко разбирање за себе и светот што нѐ опкружува, како во песната „Панк“: Ако планината е череп/ а секое дрво влакно – зелена коса…/ погоди каква музика –/ таа навечер слуша? Поетесата, избегнувајќи ги излишните и површни форми, во своите песни суптилно ја прикажува својата емпатична страна. Наративни поетски записи со навидум едноставни наслови, но истовремено со суштински доминантен внатрешен свет и песни настанати низ субјективното набљудување на современите промени денес. Патувањето на поетесата е последица од нејзините длабоки анализирања на современите текови и промислувања, каде што таа, како возрасен човек, ги промислува природните, слободни прошетки низ планината, обраќајќи му се на сопственото внатрешно битие.

Во првите два циклуса од книгата, кои носат наслов „Надеж посилна од ПМ2 честици“ и „Никогаш, никогаш не ме враќај во градот“ поетесата пишува за лирската, психолошка перспектива на созреана личност и притисокот на денешниот наметнат начин на живеење, каде што ретроспективно се претставува товарот за човечката одговорност пред сегашноста, притисокот што се чувствува во градот и целата бучава и гужва, ретроспективноста на човекот што е изгубен во големината од градби и згради, критика на градскиот, преобликуван начин на живот што ни се наметнува и реките од асфалт, планините од тули и облакодерите од кои сонцето не се гледа. Во таквиот хаотичен притисок на секојдневието, настануваат сомнежите, траумите и фрустрациите, се отежнува човековата слобода и емпатија. Магдалена Чапаровска им се обраќа на читателите преку сивилото што нѐ гуши, каде што соништата се расеани, улиците се раскопани, наместо реки живееме во асфалт, наместо планини растат објетки од тули и бетон, а надежта за здрав живот е помала од ПМ2 честички. Нејзините песни се рефлексија на секојневието, каде што животот драстично се разликува, како што вели самата во песната „Случајни средби“: Кога ќе се разминеме –/зад изворот/ по тесна шумска патека/ меѓу крошни и црцор на птици/ си велиме –/ „здраво“ „добар ден“ „довидување“/ па питомо кимнуваме со главите./ Кога ќе се разминеме насред улица/ на раскрсница/ во големиот, пренатрупан, загаден и бучен град/ никој не гледа во никого/ молчиме/ погледите ги вртиме/ одбиваме во другиот да ја препознаеме –/ сопствената осама. Во краткоста на стихот, поезијата е бунт против уништувачкиот технолошки развој и отпор против потребата градовите да се зголемувааат наспрема перспективата на размислување кон природата, каде што природниот извор на живот е чист, светлината симболизира надеж и секој од нас може да го пронајде својот дом.
Во последните два циклуса, кои се насловени како „Сѐ што имаат тие е мракот“ и „Во Чистилиштето меѓу разумот и срцето“, индивидуалните потреби на лирскиот субјект ги анализира проблемите на секојдневието и поетесата започнува да го бара својот дом, како во песната „Два света“: Јас ќе ја земам месечината/ ти грабни го сонцето/ јас ќе се сокријам во ноќта/ ти чекори со денот/ јас ќе чекам крај морето/ ти следи ја реката/ јас ќе го присвојам минатото/ ти освој ја иднината./ Јас ќе станам камен/ ти летај ко птица/ јас ќе бидам тревка/ ти претвори се во пеперутка/ јас ќе се вртам во кругот/ ти тргни по линијата/ јас ќе пластам болка/ ти отскокни со леснотија./ Само така ќе постоиме/ во два различни света. Така, човечкиот бунт против лажниот морал во градот, без неможноста за право на избор и без можност за обликување на слободниот избор во градот, чувството на напуштеност и недовербата во градските ѕидови наспрема чувството на припадност и слобода, одлучност во сопствените одлуки и можноста да се има доверба во природните закони и светлината на внатреното битие, како огледало на душата, но и чувството на љубовен занес, односно откривање од тага во радост, од љубов во осама, од заедништво кон осаменост, како во песната „Кромид“: Иронично!/ Од тебе научив/ како да го излупам кромидот/ без да заплачам./ Кога си замина/ оваа лекција беше залудна./ И без тебе и без кромид/ плачев со недели. Природата, како културен код на живеење, наспрема градот се географско оддалечени места, каде што се престојува на различен начин, каде што размислувањата и доживувањата на животот се различни, каде што животот има различна боја, каде што поетесата има дом, како во песната „Два дома“: Имам два дома./ Првиот со врата/ и прозорци/ мазен паркет/ соби со мирис на средство за чистење/ неколку туѓи кутии/ натрупани вреќи – рокови, планови./ Во вториот/ сум само јас –/ сонцето/ месечината/ ветерот/ и ритамот на воздишката. Во природата каде што се преосмислува внатрешниот живот и се поттикнува создавањето на светот и се продлабочува лирското доживување на индивидуален начин, како во песната „Планина“: Каде што воздухот нема мирис/ водата има кристална форма/ во тишината/ до гората/ под карпата/ ја втиснав – душава. Природата не е деструктивна како животот во градот, таа има творечки потенцијал и вдахнува живот и чистота, смиреност, внатрешен мир и тишина.
Нејзините песни се навидум едноставни, но во стиховите на книгата „Ода за шумата“ владее длабока внатрешна чувствителност, поетесата го анализира сопствениот внатрешен свет со отворено срце и ум, храбро трага по себеразотривање и мудро гради асоцијации со длабока уметничка смисла. Ова е поетска книга во која поетскиот стил е конкретен, определен, со хируршко прецизни мисли што отвораат бројни прашања пред читателите. Можеме уште многу да пишуваме и да размислуваме за оваа книга, бидејќи долго после читањето сѐ уште размислуваме за песните и се прашуваме: Каква е одговорноста на поетот денес?
Драгана Евтимова
