Со Пепи Стамков договоривме промоција во неговиот роден град Гевгелија, во малата сала на Народен театар – Гевгелија на неговата поетска книга „Собрани остатоци од светот“. Настанот беше реализиран во рамки на програмата „Гевгелиско културно лето 2026“. Настанот со музички настап го отвори Теодора Гошева Капсарова, по што се обрати Стефан Марковски, директор на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија, кој изрази надеж дека Пепи ќе продолжи да чекори по патот на поезијата и творештвото по објавата на неговата прва стихозбирка, како што било случај и со објавата на првите поетски творби со книжевното списание „Современост“ и збирките во издание на библиотеката „Метрички карван“, нагласувајќи дека и самото литературно творење подразбира игра со остатоците од нашите јазични и реални светови, при што во секое дело може да доминира статичноста или динамичноста кога станува збор за неговиот краен облик, или пак, да станува збор за спој на двете.
Пепи Стамков: роден е во 1999 година, дипломирал на Катедрата за македонска книжевност и култура на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и своите песни и есеи ги објавува во електронските литературни списанија Репер и Елементи, како и во најстарото книжевно списание Современост. Добитник е на наградата „Блаже Конески“ за есејот на тема: „Раскажувачкото мајсторство на Блаже Конесни“, како и наградата „Антев златник“ во 2024 година за поетската книга „Собрани остатои од светот“ и испечатена во 2025 година во „Фуснота“.

- Пепи, додека ја подготвувавме книгата за Конкурсот, имав чувство дека ќе ја одобрат и не знам зошто, почнав да ја уредувам и подготвувам за печат. Песната што тогаш долго време ми одѕвонуваше во глава беше без наслов, а сега ќе ја прочитам:
***
Последниот телефонски разговор
одекна погласно
од дишењето во слушалката
на жената што ја викав баба.
Моите баби беа мртви.
Тишината околу таа табу-тема
е поблага од далечината меѓу нас
зашто сепак
дишеш.
Моето прашање е: зошто се одлучи за поезијата наместо за прозата? Прозата е, сепак, најчитан жанр.
Прозата е несомнено, најчитаниот жанр во светот. Поезијата на некој начин, доаѓа во „втор план“. Јас сум опкружен со поезија буквално од мои 2 години. Најзаслужна за присуството на поезијата во мојот живот е мајка ми. Нејзината намера била да ми помогне во зборувањето, односно правоговорот, затоа и купила буквар, па процесот да биде поплодотворен. Секој ден ми читаше песни од букварот, па јас, сакал-нејќел, ги учев тие стихови напамет. Тоа извршило влијание да ја „фрлам котвата“ токму во поезијата како жанр, да се вљубам во стихот.
2.Во твојата поетска книга се чувствува поетскиот егзистенцијализам, а книгата е поделена во три циклуси: „Потрага“, „Крстопат“ и „Отаде“. Како ги подели песните, како одлучи која песна ќе припаѓа во кој циклус?
Мора да се вратам на почетокот, кога песните почнаа да извираат од мене, значи 2018 година. Песните беа создавани во подолг рок – 5 години, од првата форма, па сè до последната верзија. Кога стигнавме до конечната форма во којашто ја имаме и стихозбирката, најголема „мака“ имав со песната „Нацртана душа“, пенсната што се наоѓа на задниот дел од корицата. Таа песна се најде како почетна песна во сите три циклуси, за на крајот да ја сместам во третиот циклус.
Што се однесува до трите циклуси, песнарката, верувале или не, ја препрочитав над 70 пати. Песните имаа поразличен редослед од сегашниов и никако не бев задоволен од тој редослед. На крајот, кога стихозбирката веќе требаше да се печати, се колебав за уште промени, конкретно за местото на песната „Нацртана душа“. Кога песнарката го претрпе и последното читање, не го сменив редењето на песните, за на крајот, кога стихозбирката излезе од печат, бев многу изненаден зашто токму „Нацртана душа“ се најде на задниот дел од корицата. Дури, кога се вратив дома, веднаш почнав да внесувам забелешки во стиховите, одредени измени и слично, уште еднаш докажувајќи, односно докажувајќи си себеси дека одредени песни сè уште не завршиле.
3.Сега ќе прочитам уште една песна, „Пешаци“.
Пешаци
Мајка ми чекаше да се вратам дома
да ѝ раскажам за шумот што го правеа
некогашните патници, упатени кон
автобуските станици или аеродроми
во надежна потрага по себеси.
На враќање, сфатив што значи
тој шум, особено
кога истиот се всели
во нашиот òд.
Каква поезија ни е потребна на колективно ниво?
Таква којашто ќе ни ја згрее душата. На првата промоција го нагласив ова, сега само ќе се повторам: живееме во свет којшто треба да си го ставиме прстот на чело. Треба да размислиме што правиме, зашто се наоѓаме во свет којшто се соочува со тешки премрежиња на глобално ниво. Кога ја одржавме првата промоција на стихозбирката, бевме во екот на воениот раздор што се случува меѓу Украина и Русија, сега сведочиме на непрестанатиот конфликт меѓу Палестина и Израел, згаснуваат невини животи. Поезијата е единствено најсилно гласило коешто на најдобар начин ги сублимира светските настани, без да акцентира едно наспроти друго збиднување. Овде важно место зазема поетесата Вислава Шимборска. Таа има песни за губење песни. Таа ја заборавила или загубила песната, но, главното прашање е дали е тоа само сув факт или е метафора за нешто поголемо во светот.
4. Настапуваше и учествуваше на СВП. Какво е твоето поетско искуство на поетските фестивали?
– Последниот настан од целиот фестивал, поетското читање „Мостови“ ми е најомилен, токму заради читањето песни на мајчин јазик. Повеќе поетеси и поети од различни земји ги читаат своите песни на мајчин јазик. Годинава имаше гости од Турција, Англија, Монголија, Холандија, Романија, Кина, Шкотска… Јас уживам да ги слушам поетите кога ги читаат своите песни на мајчин јазик, токму на оној мост што го затвораат, па сцената сосе публиката, таа околина станува своевидна република на поезијата. Радост е за душата, да се почувствува тоа општење меѓу јазиците, да се најде онаа нишка на взаемно разбирање. Да ја разбереме песната токму преку емоцијата на кажувањето: зошто токму овој стих е нагласен, а не друг? Зошто овој збор наместо тој на почетокот?
Не смеам да го заборавам и официјалниот почеток на фестивалот, зашто и тогаш има поетско читање, но она што ми остави посебен впечаток е кореографијата, онаа од минатата година: покрај публиката поминуваа девојки со запалени факели, се качија на сцената… Таа глетка не можам да ја опишам со зборови, тоа се доживува. Ниту преносот на телевизија не може да го долови тоа чувство како она во живо.
И годинава повеќе поетеси и поети пишуваа стихови на шише вино, по што се одбира победничкиот стих, а сите шишиња на чиишто етикети се испишани стихови се чуваат.
5.Твојата песна „Грамофон“ е кратка, концизна, јасна и впечатлива. Сега ќе ја прочитам:
Грамофон
Ѕидот ми гребе по грбот,
прави линии полни со ситни заби
што чекаат игла да ги погали,
да испеат мелодија.
Засега, се слуша
дотраено шуштење.
Каква е поезијата на глобално ниво?
Од особена важност е да се забележи нишката на влијанието на претходниците. Не можам да зборувам на глобално ниво зашто немам големо искуство, меѓутоа влијанието на претходниците, да спомнам неколку имиња: Блаже Конески, Ацо Шопов, Анте Поповски, Јован Котески, Михаил Ренџов, Радован Павловски… Јас сум убеден дека во секој писател има нешто што влијаело на нивниот стил. Поезијата е важен дел од битието на македонскиот народ, тоа не смееме да го занемариме. Да се потсетиме на стиховите на „Везилка“ од Конески: „Везилке, кажи како да се роди / проста и строга македонска песна“. Тој стих тече во македонската ДНК. Не смееме да си дозволиме да ги заборавиме нашите претходници, должност ни е да им ги преставиме на идните генерации. Не сме саможиви. Младите писатели треба да имаат контакт со писателите од претходните генерации, со повозрасните.
6.Во твоите песни, кои се со исклучителен згуснат израз, се навестува потрагата по остатоците од денот, велиш дека „Самотијата е благослов на убавото“, пишуваш за тоа како „Предизвик сме за другиот свет, во кој наѕираме“, за животните предизвици воопшто и за идеалите, љубовта, мечтите… Што најмногу те инспирира додека пишуваш?
Никогаш не сум „седнал“ да напишам песна за одредена случка, за одредено нешто, тоа самото доаѓа во одреден момент. Тоа чувство тлее во мене, понекогаш се потребни повеќе години за одредени нешта да заживеат во поетска форма. Имам една песна со наслов „Глас“ која не ја објавив во оваа стихозбирка, но работата врз таа песна траеше речиси шест години. Не е поентата по секоја цена за сенешто да се пишува. Додека пишувам, добивам одредена форма на песната. На пример, песната „Грамофон“: таа песна имаше поинаква форма, содржеше повеќе стихови. На крајот, ја сведов на само шест стиха. Да се каже повеќе со помалку зборови. Строг стих, строг пев.
7.Имаш студирано книжевност, исто како и јас. Тоа е катедра во која предметите што ги полагавме бараат многу детално читање. Ги полагавме сите светски имиња, но и нашите, македонските: Кочо Рацин, Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Јован Котески, Анте Поповски… Секогаш имаме омилена песна. Каде е границата меѓу реалното и емотивното во песните што оставиле трага на тебе?
Реалното и емотивното се неразделив дел кај поетот, кај човекот. Пишувањето не е состојба на транс. Доволно е човек малку да крене глава и примерите се тука, не мора да се оди далеку. Така настанаа повеќе песни: „Пешаци“, „Собрани остатоци од светот“, „Бездомна приказна“… Тоа беа живи примери, случки од мојот живот. Најстариот спомен во врска со песната „Собрани остатоци од светот“ што го имам ме затекна во момент кога ни најмалку помислував на пишување: во мислите ми се створија две огледалца, во форма на баклава и во форма на срце, иако во стиховите овие форми не се спомнати. Тие слики во мислите буквално не ми даваа мир, по што седнав да пишувам. Потем, ја направив селекцијата, кои стихови ќе ја издржат тежината на песната, и конечната верзија на песната не претпри поголеми измени.
Сметам дека не треба да останеме со граничници што ќе ни го намалат видокругот, да не бидеме на поводец, туку треба да истражуваме, да бидеме љубопитни. Писателите се љубопитни луѓе по природа, ние итаме кон светот.

8.Во поетски контекст, каква е врската на македонската поезија во споредба со светската?
Ние сме и повеќе од гласни, ако смеам така да се изразам. Македонската историја е на одреден начин испишана во македонската поезија. Доволно сме гласни за да бидеме слушнати од другите, . Секоја култура треба да биде подготвена да ја пречека туѓата култура, за да се постави дијалог. Ние имаме еден многу убав збор за преведување поезија – препев. Од особена важност е препејувачот добро да го познава јазикот од којшто препејува, но да не биде изолиран од културата во којашто настанала одредена песна. Едно е да се направи буквален превод, а друго е да се препејува, тоа е повторно пеење на одредена песна, но да не се направи изневера во едниот јазик за сметка на другиот, изневера во преводниот јазик за сметка на оригиналот и обратно
9.Во некои од твоите песни имам впечаток како да водиш дијалог со читатело, едноставно си муабетиш со секој читател што одлучил да се дружи со оваа книга. Таква е и песната „Нацртана душа“.
Нацртана душа
Кога исцртуваш нечие тело,
тој цртеж станува песна
и ја чува душата по смртта.
Цртежот е жив: ене го,
трча низ дланките,
детето во него се вратило,
пак да гради спомени во песокот.
Кога песните формираат дијалог со читателот?
Секоја песна води дијалог со читателот. Верувам дека добриот стих го фаќа читателот за врат и му кажува да внимава. Во еден разговор со поетот Никола Маџиров, тој сподели дека најубаво ја доживува песната кога чита во тишина. Тоа е еден од најавтентичните начин да се доживее песната. Секако, не смееме да ги заборавиме и поетските читања. Јас уживам додека поетот ги кажува своите стихови.
10. Какви читатели посакуваш да имаш?
Искрени читатели. Читатели кои не се плашат да речат: „знаеш, овој стих е добар, но можеш да поработиш на другиот, или да го исфрлиш“. Не трпам пофалби за сметка на добра критика. Потребна ни е конструктивна критика. Искрен „фидбек“, ха-ха-ха!
11.Дизајнерот Мите Спасовски кога ја работеше корицата, постојано кажуваше „ми се допаѓа оваа песна“, „оваа песна ми остави најубав впечаток“… На некој начин, во одреден момент, сите песни му беа омилени, му оставија впечаток. Кој стих од домашен или странски поет ти оставил најголем впечаток?
Јас дипломирав на тема чијшто предмет на интерес беа есеите на Блаже Конески. Меѓутоа, невозможно е да ги читате есеите на Конески без да имате увид во неговата поезија, и обратно. Првата песна која воопшто ја прочитав од Конески беше песната „Тишина“: „Има нешто многу просто / И тоа е тишина, / Има нешто толку тихо — / Вишина, ах вишина“. Тоа е првата строфа од песната. Во еден разговор со тебе Драгана, си признавме дека напамет знаеме повеќе песни од други поети, во случајов од Конески, за сметка на нашите песни. Активно ги следам и современите автори, од претходните генерации, но и од мојата генерација. Многу често го читам Зоран Анчевски, неговите стихови имаат големо влијание не само кај мене туку и кај другите генерации поети. Од генерациите блиски со мојата ги читам Андреј Ал-Асади, Ива Дамјановски, да спомнам само две имиња на чиешто творештво редовно се навраќам.
12.Доколку имаш аладинова ламба, која општествено–културна промена би ја направил?
Ова е навистина тешко прашање. Во ова време во кое се наоѓаме, љубовта ни е повеќе од потребна. Овде сакам да парафразирам една мисла од Достоевски, од неговиот роман „Идиот“. Таму, тој пишува: „убавината ќе го спаси светот“. Велам: „љубовта ќе го спаси светот“. Делото на Достоевски ми претставува голема инспирација, а мислата којашто ја споделив има големо влијание на светот, која со текот на времето станува сè посилна и посилна.

21 јули 2026, Гевгелија (20:00 часот)
