Хаику, Славица Милева

Гулабица –
си простивме ли сè
душо моја.

 

Огнена зора –
од крик ранет гулаб на
беспаќе небесно.

 

Заноќување
бледолик облак умира
од осаменост.

 

Скаменет бакнеж
подолг од животот –
ах, цутат калинки.

 

Врз искосена
трева крвари булка –
плачат стреите.

 

Вжарено небо –
денот длаби корито
во сува река.

 

Сончеви нитки
совршено исткаени –
ме плени, пајаку!

 

Се пронаоѓам,
се губам – под истото
небо распната.

 

Зовриен ден
на асфалтот брефта
вљубено штурче.

 

Капнува дождец
еднолично ме бразди –
нов ден, заумен.

 

Сахарно небо
душава ко бедуин
по милост трага.

 

Сред пладне сронет
под вршник сонце, земјата
ја бакнува – лист.

 

Летен порој –
на градската калдрма
нурка сонце.

 

Приквечерина –
светулке, порази ја
мојата темнина.

 

Пловат облаци
низ твоите зеници –
печат на умор.

 

Го гризнав зборот
ја заклучив мислата –
непроспана ноќ.

 

Пердув на патот –
небото е поблиску
одошто се чини.

 

Натежнува магла –
во напуштениот дом
само чај со рум.

 

Дождот бие врз
вир вода – одлета и
последната мисла.

 

Есенски лист –
неостварена желба
на сувиот чинар.

 

Облакот ѝ се
препушти на земјата –
отворам чадор.

 

Окапуваат лисја
и светулката одлета
Ти, остани.

 

Мразно утро
колата на паркингот
криенка си игра.

 

Загледана в ноќ
на полна месечина –
градот, онеме.

 

‘Рти ноќ оловно
сина – предалеку си
од дома, душо!

 

Црн облак над Скопје –
ја барам најкратката
патека до дома.

 

Облаку безимен
побегнат од ветерот –
слези од небо.

Славица Милева е родена во Скопје. Во 2023 година излегува од печат нејзината прва збирка хаику поезија – 101 хаику, насловена „Замижи сега“, а во 2024 година и второто продолжение на трилогијата 101 хаику „Тишината е тука“. Двете книги се препеани на англиски јазик од професорката и поетеса Македонка Божиновска. Хаику песни од овие книги се селектирани и објавени во американските списанија и мрежни места за хаику поезија: The Haiku Foundation (https://thehaikufoundation.org/); Under The Basho (https://underthebasho.com/) и во едно од најстарите јапонски печатени весници Asahi Shimbun, во секцијата за хаику (https://www.asahi.com/ajw/special/haiku/) во 2025. Од септември 2025, Славица Милева е член на World Haiku Association од Јапонија (https://worldhaiku.net/).

 

 

 

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија