ДАЛИ ПОЕЗИЈАТА ИМА СИМБОЛИ (ВО СВЕТСКИ РАМКИ)?
Ако нема симбол за поезијата, како што постојат симболи за мирот, правдата, војната и љубовта, би предложиле еден што можеби не е излитено перо или отворена книга. Симболот на дрвото би бил мошне погоден, затоа што игра значајна улога како симбол во многу митологии и религии. Уште од древноста, дрвото го претставува самиот живот и целосноста на универзумот, во кој сé што постои е вдахнато од еден дух. Дрвото како единството на животот, цели кон ред и растеж наспроти нередот и распаѓањето. Нели е тоа и самата поезија?
Одговорот можам да го поткрепам и со еден мој стих од мојата стихозбирка Огнот наш нестишен:
А зар може да се исцрпи
Јазикот на сите светови
На кој со малку се кажува многу
Од кој само една реч
Покрива земски и небесни
Пространства?
КОГА НА ПОЕЗИЈАТА Ѝ ДАВАМЕ СОПСТВЕНА ЕМОЦИЈА, КАКОВ Е НЕЈЗИНИОТ ЕМОТИВЕН ГЛАС?
Чија емоција и чиј глас?
– И на тој кој создава, и на оној кој прима!
Тој емотивен глас многу подлабоко и пошироко зборува од формата и ритамот на песната, затоа што човечкиот дух е комплексен. Секогаш постојат слоеви што создаваат уште подлабоки значења и придвижуваат нови емоции.
ДАЛИ ПЕСНИТЕ ИМААТ СОПСТВЕН ДИЈАЛОТ?
…токму како што спонтано протекуваат мислите и водат дијалог. Прашање и одговор. Или прашање што останува без одговор. Извор, кој ѝ зборува на целта. Цел, која го довикува изворот. Песните не живеат во линеарното време, па така и нивниот дијалог се чини вечно разигран. Песната никогаш не е завршена ,,приказна”.
КАКОВ Е ИНТЕНЗИТЕТОТ НА ПОЕЗИЈА?
Меѓу столбовите на поезијата – наративот, звучноста, сликата и структурата – постои едно сврзно ткиво, нејзината чувственост, што ја прави она што е – силна, напрегната, бурна, остра. Тој нејзин интензитет би бил напразно потрошен ако ни беше дадена само за да пополни некаква празнина во душата и во светот. Таа зборува со јазикот на музиката, а исто и со јазикот на сликарството и скулптурата, а погледнува онаму каде што другите уметности не можат. Ги поминува границите на стварноста и покажува кон нешто поголемо од нас, кон пра-причината на сé што е.
СТИХ ШТО СЕКОГАШ ЌЕ ГО ПАМЕТИШ?
I have spread my dreams under your feet;Tread softly because you tread on my dreams.
(William Butler Yeats)
Сум ги распослал соништата под нозете твои; гази кротко зашто газиш по соништата мои. (Вилијам Батлер Јејтс)
-ИРЕНА ЈУРЧЕВА-

