НАДВОР ОД ЕДИНИЦИТЕ МЕРКИ, Љубица Шопова

ТЕМНА МАТЕРИЈА

Знам дека еден ден без да сакам
ќе нурнам во непознатото.
Ќе вдишам длабоко.
Во градната болка се населува темна материја.
Ако го направам следниот чекор,
ако погледнам подалеку,
сенките ќе добијат контури.
Не знам како дојдов отаде.
Знам дека веќе не сум ниту сенка.

 

ВО УТРОБАТА

Во низа од зборови
те создавам.
Немам мерка, ниту строги правила.
Зборот како состојка,
зборот како состојба.
Без конкретна употреба
се сместува во утроба,
се раѓа,
или доаѓа од никаде,
се користи насекаде,
без потреба и насушно
се премолчува
и повторно се создава.
Некогаш ќе си спомнеме за молкот.

 

ПРЕИМЕНУВАЊЕ

Со допир во празно
ја пресоздавам неисполнетоста.
Ѝ давам облик додека барам
ново име за празнината.
Мислев дека ги знам сите пукнатини,
сите нијанси и облици на празните места,
каде молкот добива ново име.
Со допир во празно
си го пишувам името со безгласни букви.

 

ЗАМИСЛА

Некогаш вистинскиот збор
е долг точно седумнаесет чекори
колку што е потребно време
за негово премолчување.
И тогаш, кога престануваш
да ги броиш чекорите,
го искачуваш следното скалило
на замислата.
Уште едно парче во сложувалката
од невидливости го наоѓа своето место.

 

СИМУЛАЦИЈА

Во еден момент
сите гласови ќе стивнат.
Сите молкови во прво лице еднина
и прво лице множина
се слеваат во една тишина.
Ти седиш на тремот
и со дополу испушена цигара во раката
глумиш дека сѐ е во ред.

Oд книгата „Надвор од единиците мерки“, во издание на ИЛИКА, 2025 година

.    ЉУБИЦА ШОПОВА (1985) е родена во Скопје. Дипломирала и магистрирала на Економскиот факултет во родниот град. Пишува поезија и статии од областа на бихевиоралната економија. Во 2020 година ја објавува својата прва збирка поезија „Форми во создавање“ во издание на „ПНВ Публикации“. Учествувала на меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ во Гостивар, на 35. издание на фестивалот „Поетска ноќ во Велестово“, „Астални проекции“, „Бела ноќ“, „Поетска епизода“ и „Добри гости“ во Тетово, како и „Овде паѓаат крупни зборови“ во рамките на книжевниот фестивал „Друга приказна“.
Нејзините стихови се преведени на српски јазик.
„Надвор од единиците мерки“ (2025) е нејзина втора збирка поезија, во издание на Илика.

 

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија