За сликарството на Даница Дана Крстеска
Сликарството на Даница Дана Крстеска е главно интимистичко. Темите што ги обработува се препознатливи и реални: портрети на жени – мајки со деца, коњи, мртви природи, пејсажи… Иако станува збор за мотиви што се дел од секојдневниот визуелен свет, во нејзиното творештво тие добиваат несекојдневна, лична, интимна димензија, бидејќи се длабоко присутни во психата и сензибилитетот на авторката. Токму затоа нивното ликовно претставување е деликатна задача која Дана успешно ја реализира со голема сигурност и умешност, и повторувам, многу вешто ја владее.
Повеќето дела се одликуваат со изразен реализам кои на моменти достигнува и до хиперреалистичност. Особено фасцинираат мотивите со коњи кои и се постојана визуелна преокупација и во кои доаѓаат до израз не само прецизноста и техничката вештина на авторката, туку и нејзиниот посебен однос кон мотивот, деталите, формата, движењето и изразот. Но, во нејзините слики тие не се само предмет на набљудување, преку нив авторката го изразува сопственото доживување на светот. Пораката во творештвото на Крстеска е многу јасна: авторката ги изразува своите емоции преку она што го слика, а преку сликата успешно настојува да допре до чувствата на гледачот што во суштина го посакува секој автор – личното доживување да стане препознатливо и за другите.
Даница Дана Крстеска е талентирана уметница, нејзината доследност во градењето на сопствениот ликовен јазик и континуитетот на нејзината творечка посветеност е неоспорна. Нејзиното сликарство се развива низ искуството, непосредниот однос кон мотивите со постојано продлабочување на чувството за форма, боја и композиција. Таа на своите дела им посветува максимално внимание и трпение во изработката.
Нејзиниот пристап кон сликањето се темели на внимателно и истрајно ликовно пренесување на мислата и чувствата кои ја преокупираат во моментот на создавањето. Тоа особено јасно се согледува во самите дела во кои ништо не е случајно: секој детаљ, секоја форма и секој однос помеѓу елементите има свое место и своја функција.
Павле Кузманоски – Академски сликар

