Вресок тишина или каде се скри тишината –
Ацо Шопов, Мацуо Башо и македонската хаику поезија
Во декември, 2021 година, мојот пријател Никола Пијанманов, сликар и есеист, ми ја подари книгата „Тесната патека кон внатрешноста“[1], од Мацуо Башо. Mигум ја разгледав, и поради работните обврски и претстојните празници, ја сместив некаде при рака, а тоа е – на полицата со непрочитани книги. За жал, книгата остана заборавена сè до следната година. На почетокот на септември следната година, се сретнав со Калина Буневска Исаковска од Културната установа за литература и други уметности Блесок[2]. Се сеќавам дека во тој период беше тешко да се дојде до книгите на Игор Исаковски. Во книжарниците тиражот беше одамна исцрпен, па песните ги собирав, една по една, како растурени бисери низ македонската интернет-мрежа. Во библиотеките речиси и да немаше никаков примерок.
На моја огромна среќа, Калина сепак успеа да најде и да состави еден комплет од сите дела на Исаковски. Ја замолив да го дополни со наслови кои таа и Игор посебно ги сакале. Паметам, на нашата средба, покрај книгите на Игор, во рацете имаше уште две книгички, со големина на женска дланка. По начинот на кој ги држеше, почувствував дека тие се скапоцени за неа. Можеби беа и последните примероци. Јосип Ости[3], хаику-песни, едиција Масин. Немав слушнато за Ости, ниту читано ништо од него.
Со нетрпение возев до дома, пресреќна и под влијание на љубовта со која Калина ми раскажуваше за писателот и за пријателството помеѓу нивните семејства. Веднаш почнав со читање. До цртежите на Мирослав Масин, во низа се редеа хаику-песни во препев на повеќе јазици. Нешто се случи. Се вљубив на прво читање! На прв збор! Во тој единствен миг, како во некоја треска бладаше восхитот – ова е тоа, ова е таа вистинска поезија! Така, најмалиот канонизиран поетски жанр кај мене дома најпрвин влезе – преку Башо, а потоа трајно се насели благодарение на Јосип Ости.
А на „виновниците“ – Никола и Калина – од сè срце им благодарам!
21 септември, истиот месец, истата 2022 година, во едно утро нималку поразлично од секое утро; седната на масата, покрај чаша вода и црно кафе; во маглината на скопската мугра, ме посети и моето прво хаику. Ненајавено – што би се рекло без собување, влезе, и гласно грмна низ тристишјето:
вресок тишина –
во празното ќоше од
мојата соба[4]
Понекогаш тишината е гласна, празнината полна, а ќошето – цел универзум. Тишината ги обвива големите настани… им дава на нештата големина и величественост… тишината е предигра, вовед во откровението… тишината го отвора преминот. [5] Од тој ден, посетите зачестија и нашата дружба стана речиси секојдневна:
речовити се
средбите со тебе, низ
миг на тишина[6]
Секогаш кога се навраќам на ова мое прво хаику, кое можеби и не е класично хаику во јапонска смисла на зборот; не можам, а да не помислам на големиот Јапонец Мураками и нашиот великан Шопов. Зошто?
Зашто –
Тишината, откривам, е нешто што всушност можеш да го чуеш.[7]
и
Ако имаш нешто неизречено,
нешто што те притиска и пече,
закопај го во длабока тишина,
тишината сама ќе го рече.[8]
Во врска со овој свој антологиски стих, во 1963 година, Шопов ќе запише: Не верувам во постоењето на тишината како прибежиште во смисла на доброволно животно прогонство, изолација, оградување од животот и луѓето… Се стремам кон тишината… во која можат многу подлабоко, посестрано и појасно да се наслутат драмите во нас и драмите околу нас. Тишината е тишина на немирот, на крикот, на продорот во непознатото, тишина на тврдината исполнета со оган и ветер.[9]
Во книгата „Песна над песните“, од каде што е извлечен цитатот на Шопов, нашиот велик семиотичар и писател Венко Андоновски, тоа вака ќе го објасни:
Можеме исто така да кажеме дека тишината може да се смета за резервен (и невидлив) збор на песната, за извор на оние „вишок“ значења толку карактеристични за поетскиот знак и поетскиот семиозис. Таа тишина, во тој случај, воопшто и не е тишина, зашто говори молчејќи. Тоа донекаде наликува на театарската стратегија, која ја користат големите артисти, кои знаат дека премолченото и неизговореното понекогаш кажуваат многу повеќе од артикулираното и искажаното. А неизговореното кај Шопов е речиси манијакална поетска опсесија. Во таа смисла, тишината на Шопов е не само космогониска, од почетокот на светот, туку е и предсемиотичка; тоа е онаа тишина што постои како семиотичка праматерија, уште пред да се роди првиот знак, првото означување, првата смисла. Таа е првиот, нулти контекст на новородениот збор, кога тој се огледува во тишината како во огледало и се соочува самиот со себе: значи јас сум тој збор![10]
Значи, јас сум тој вресок! – крикнав длабоко во себе. Ова откровение, оваа фрапантна констатација, која благодарение на длабокиот увид и збор на професорот Андоновски, ме потресе и растресе, донекаде ја разголи и енигмата на тристишјето – кое го сметам за мое хаику-првенче.
Во истата книга „Песна над песните“, по овој осврт, следи и песната на Шопов: „Го барам својот глас“[11]. Уште во првите два стиха ме пречекува едно скриено хаику. Го вметнувам тука, затоа што е од значење за она што следи:
Го барам својот глас
в молкот див на морето – оно
се скаменува.
Во контекст на тишината, а во истата книга, наидуваме на прекрасна компарација помеѓу Ацо Шопов и Мацуо Башо. Можеби просто ќе се зачудите, но, ова е длабока согледба на нашиот велик хаику-мајстор, прозаист и есеист Александар Прокопиев: Потрагата а не бегството, тишината а не осамата, согласјата а не синтезите – се некои од клучните поими на геопоетичкото создавање. Во поезијата на Ацо Шопов тие се присутни и инспиративни уште од стихозбирката „Слеј се со тишината“, што уште во насловот ја најавува потребата од тишина. Но таа тишина, како и онаа на Башо, е навестувачка, акустична, таа може да го прими, за потоа да го каже неизреченото. Се отвора кон духот, интутивно го насетува одговорот.
После овој цитат преминуваме директно на хаику-поезијата на Мацуо Башо, за да го разоткриеме заедно она што професорот Прокопиев веќе ни го навести.
Имено, кога Мацуо Башо во своето легендарно хаику ја опеал жабата што скокнала во старата баричка (рибник, езерце), звукот на плисокот на водата не би имал тежина без онаа тишина што го опкружувала во тој момент. Во песните на Башо, звукот е спротивставен содружник на тишината, а овој контраст силно ја акцентира самата природа на тишината. Во патеписниот дневник: „Тесната патека кон внатрешноста“[12] Башо ќе запише: Вратите на храмот, изграден на карпи, беа замандалени. Лазев меѓу камењата за да се поклонам пред светилиштата. Тишината беше насекаде. Седнав, чувствувајќи дека срцето почна да ми се отвора.
Спокој
во карпите продира
гласот на цикадите[13]
Во првиот стих на ова хаику, јапонскиот збор „shizukesa“, се преведува како спокој, неподвижност, мирна состојба, тишина. Во контраст со него е последниот стих, каде го сретнуваме гласот на цикадите[14]. Акустична тишина.
Во хаику-поезијата тишината е повеќе од празнина меѓу зборовите. Таа станува токму оној суштински простор во кој поетскиот миг и глас, почнуваат да дишат и да творат. Нејзиното присуство е суптилно, нешто што не може лесно да се именува. Тишината е дел од истата духовна матрица на хаику-концептите: ma и јūgen.
Ma – означува пауза во времето, интервал, позадина или оној празен простор на песната во временски, просторен или метафизички поглед. Чистата и суштинската празнина помеѓу сите „нешта“. Тоа многу убаво ќе го објасни професорот Владимир Мартиновски во есејот „Звуците и хуморот во хаикуто“[15]: Во секое хаику има барем по една куса „пауза“, една мала тишинка во која одѕвонуваат ехата од поетските слики и од прочитаните зборови. Една мала празнина за да се земе малку воздух и за да се случи еуфоничната илуминација. Тишината што се шири во и по прочитаното/слушнатото хаику е негов интегрален, неопходен, а неретко и најважен дел.
Yūgen – длабока, суптилна, недоискажана мистичност; таинствено чувство на нешто што постои „зад видливото“. Често се поврзува со: длабока тишина, самост и духовна контемплација; таинствен пејзаж, недофатна убавина, миг кој ни останува повеќе како чувство отколку како јасна слика. Тон на суптилен и не премногу буквален стих. Концептите: ma и јūgen често се преплетуваат. Ma создава простор, празнина, пауза каде јūgen може да се појави и почувствува.
Поради својата лапидарност, хаику-песната никогаш не кажува и раскажува сè докрај. Нејзината убавина е во она што се наоѓа меѓу редовите, намерно премолченото и неизговореното. Во она кое го повикува и вклучува читателот да стане соучесник, ослушнувач и одгатнувач на значењето – да се слее со тишината. Тишината ја забавува перцепцијата, нè наведува да гледаме сè подлабоко и повнимателно. Во овој краток поетски формат, како што е хаику песната, тишината нè повикува на созерцание. Но најпрвин нè повикува да бидеме сега и тука – во вечното сегашно време на мигот. Таа станува мост помеѓу надворешната природа и внатрешната состојба на поетот. Од таа причина, тишината не се јавува само како еден од елементите на хаику, туку станува и негова суштина. Преку тишината, хаику-песната го претвора обичниот миг во поинакво и подлабоко искуство.
замижи сега –
тишината е тука
преполна со нас [16]
Пишувањто хаику е како сечење фотографија по рабовите за да може да се смести во албумот – секогаш плашливо отсекуваш помалку отколку што треба и секој нареден рез или ја уништува фотографијата или засекогаш ја конзервира во албумот. Единствениот миг трансформиран во блескаво тристишје е доближување до тишината – најголемиот непријател на премолчувањето;
ќе запише нашиот Никола Маџиров, и самиот хаику-поет.[17]
Македонската хаику-поезија е богата со песни посветени на тишината. Во продолжение е еден мал избор, од книгите и изворите кои ми беа достапни за читање. Во овој хаику-избор, тишината е означена, опеана директно и без заобиколување. На пример, тишината е два пати глува и мртва, смртна, гробна, скаменета, вечна, а жива во хаику-песните:
Без милна песна/ ж и в о т о т ќе ни стане/ глува т и ш и н а! [18]
Глува тишина/ го прекина шумот на/ врбите пред дождот [19]
Вкопан на тремот/ треба нешто да чуеш/ а мртва тишина [20]
автобуска в мрак –/ две ели гушнати сред/ мртва тишина [21]
вдишав утрински/ смог и чад – на асфалтот/ гробна тишина [22]
Во реката С т и к с/ чезнат п о н о р н и ц и т е . . ./ смртна тишина . . .[23]
ПАТ ВО ТИШИНА/ Нè следат само/ замрените одеци/ на камбаните. [24]
Пердув што лебди,/ немо паѓа кон земјата –/ тишината се скаменува [25]
Зад мене врева,/ пред мене тишината/ меѓу нив вечност [26]
гранче в цут, ветки/ во светлина исконска –/ жива тишина [27]
Тишината е бела, чиста, света и блажена. Помеѓу две тишини, изгрејсонце и желба за друштво, таа е и штама – во хаику-песните:
Врамена слика/ Бела тишина/ во зимска квечерина./Црн пес во снегот. [28]
ДАУТ ПАШИН АМАМ/ и миризбата/ на каменот остана/ чиста тишина [29]
Молкна езерото/ години рев и стон/ тишина света [30]
Прво јануарско утро./ Блажена тишина./ И Боговите спијат. [31]
Две тишини./ Утрата си гледаат/ во очи, навечер [32]
Тишина. Лето./ Птица стои на прозорец. Желба за друштво. [33]
Штама на асфалт/ булеварот се тегне/ неделно утро. [34]
Тишината е густа, ту есенска, ту зимска. Полна меланхолија. Понекогаш ја бара бучавата. Поетите ја слушаат, а таа, и памети и им зборува. Понекогаш одекнува. Гавранот ја нарушува, а уличното куче ја пара, ноќта, пак, ја моли да потрае:
Густа тишина/ ми го гребе грлово./ Се одѕва славеј. [35]
Хризантемин цвет/ во есенска тишина/ спомени топли [36]
Магла . . . Тишина . . ./ Предзимски студ навева –/ м е л а н х о л и ј а . . . [37]
зимска тишина/ во бел повој е ноќва/ месечината [38]
штама/ тишина во тишина/ мрак, мрак, мрак [39]
ноќта ѕвездена/ ја моли тишината/ да потрае [40]
Стари глуви скали,/ некој одамна поминал –/ тишината памти [41]
Чувар/ сред ноќ џукела/ тишината ја пара./ Минал непознат. [42]
слој врз слој облаци…/ само еден црн гавран/ ја нарушува тишината [43]
Во немир/ Тишината ја бара/ Бучавата [44]
Но, што ме поттикна сето ова да го запишам. Во октомври годинава (2025), бев гостинка во емисијата „Во потрага по Вистинскиот збор”. Телевизиската емисија, веќе две години, со повеќе од стотина гости, домаќински ја води нашиот почитуван писател, поет, новинар и сликар проф. д-р Христо Петрески. За оние кои не знаат, Христо Петрески е првиот во Македонија кој воопшто магистрирал на тема хаику: „Хаику поезијата – меѓу елитното и масовното“ под менторство на големиот наш хаику-мајстор Александар Прокопиев. Исто така, тој е автор и на првата збирка хаику-поезија во Македонија, со наслов „Врв“, отпечатена во Битола, во далечната 1983 година.
Емисијата ја посветивме на хаику-поезијата и во неа, меѓу другото, тој ми навести дека има дамнешна и голема желба, да организира списание за хаику-поезија. Се надевам дека оваа желба, еден ден и ќе се оствари, бидејќи после култната „Мравка”[45] која одигра клучна улога во афирмацијата на современиот македонски хаику бран, вакво специјализирано списание премногу ни недостасува.
Скопје, ноември 2025
[1] „Тесната патека кон внатрешноста“
[2] https://blesok.mk/mk/
[3] Ости, Јосип. „Оживува мртва гранка“. Блесок, 2009 и Ости, Јосип.„ На ничија земја“. Блесок, 2014
[4] Милева, Славица. „Замижи сега“: 101 хаику. Самиздат, 2023
[5] Шевалие, Жан. Гербран, Ален. Речник на симболите: митови, соништа, обичаи, гестови, облици, ликови, бои, броеви. Табернакул, 2005
[6] Милева, Славица. „Замижи сега“: 101 хаику. Самиздат, 2023
[7] Мураками, Харуки. „Кафка на брегот“. Три, 2016
[8] Шопов, Ацо. Во тишина. „Слеј се со тишината“, Кочо Рацин, 1955
[9] Шопов, Ацо. „Песна над песните“: избор од поезијата, размислите, критиките и архивскиот
материјал, Јасмина Шопова. Сигмапрес, 2023
[10] Шопов, Ацо. „Песна над песните“: избор од поезијата, размислите, критиките и архивскиот
материјал, Јасмина Шопова. Сигмапрес, 2023
[11] Шопов, Ацо. „Песна над песните“: избор од поезијата, размислите, критиките и архивскиот
материјал, Јасмина Шопова. Сигмапрес, 2023
[12] Башо, Мацуо. „Тесната патека кон внатрешноста“. Три, 2013
[13] Слободен препев на македонски јазик на хаику-песната која Башо ја запишал трогнат од оваа сцена
[14] Цикади (lat.Cicadidae: црцорци, жеже-пече)
[15] Мартиновски, Владимир. „Звуците и хуморот во хаикуто“. Далеку, а блиску: македонско-јапонски книжевни врски. Три, 2020
[16] Милева, Славица. „Замижи сега“: 101 хаику. Самиздат, 2023
[17] Маџиров, Никола. Градот во собата – поговор во книгата: „Корпоративно утро“, Марковски, Васко. Бегемот, 2023
[18] Миркуловска, Бистрица. „Калеидоскоп“: хаику и танка мигови. Академски печат, 2014
[19] Ристески, Пере. „Од исток кон запад“: хаику. Битола, Здружение за наука и култура Нова, 2016
[20] Поповски, Александар. „Вруточни облаци“: хаику-поезија. Александар & Александар, 2008
[21] Милева, Славица. „Замижи сега“: 101 хаику. Самиздат, 2023
[22] Милева, Славица. „Замижи сега“: 101 хаику. Самиздат, 2023
[23] Миркуловска, Бистрица. „Скаменет крик“: хаику. Дијалог, 2005
[24] Дабески, Петко. „Не е сè хаику“. Студентски збор, 1999
[25] Петрески, Христо. Хаику поезија во ракопис (со дозвола од авторот). Скопје, 2025
[26] Д. Сарајлија-Македонски, Никола. Списание за наука, литература, култура и уметност: ЗЕНИТ број 1. Здружение на граѓани – Друштво за наука, литература, култура и уметност „Иван Василевски“, 2018
[27] Милева, Славица. „Тишината е тука“: 101 хаику. Самиздат, 2024
[28] Крлевски, Атанас. „На прв поглед“. Академски печат, 2018
[29] Сулејман, Јусуф. „Антологија на современа македонска хаику поезија: Распнат човек“. Списание Селект 3/2020, Македонија Презент, 2020
[30] Поповски, Александар. „Вруточни облаци“: хаику поезија. Александар & Александар, 2008
[31] Донева, Искра. „Скакулче игра плочка“. Самиздат, 2013
[32] Петкова, Дијана. „Антологија на современа македонска хаику поезија: Распнат човек“. Списание Селект 3/2020, Македонија Презент, 2020
[33] Евтимова, Драгана. „Растојанието меѓу две точки“. Графостил, 2018
[34] Марковски, Васко. Корпоративно утро. Бегемот, 2023
[35] Донева, Искра. „Скакулче игра плочка“. Самиздат, 2013
[36] Матаничкова, Емилија. Хаику Миг: збирка хаику-песни од повеќе автори. Институт за наука,
алтернатива, култура и уметност ИНАКУ, 2024
[37] Миркуловска, Бистрица. „Калеидоскоп“: хаику и танка мигови. Академски печат, 2014
[38] Милева, Славица. „Тишината е тука“: 101 хаику. Самиздат, 2024
[39] Ристески, Пере. „Шафран“. ПНВ публикации, 2017
[40] Павлески, Тони. „Во деницата“ (хаику-збирка). Самиздат, 2015
[41] Петрески, Христо. Хаику поезија во ракопис (со дозвола на авторот), 2025
[42] Марковски, Васко. Телескоп, микроскоп, стетоскоп. Бегемот, 2024
[43] Наскова,Елена. „Антологија на современа македонска хаику поезија: Распнат човек“. Списание Селект 3/2020, Македонија Презент, 2020
[44] Радически, Зоран. Антологија на современа македонска хаику поезија: Распнат човек. Списание „Селект“ 3/2020, Македонија Презент, 2020
[45] Мравка : македонско-хаику списание = Ant : macedonian haiku magazine
списание (печатено списание) | македонски, англиски | 2003-Струмица, COBISS-ID: 54633994

