Наталија Орлиќ, За преведувањето

ШТО ЗНАЧИ ДА СЕ БИДЕ „ДВОКУЛТУРЕН“ ТОЛКУВАЧ?
Јазикот и културата се неразделно поврзани. Поради тоа, толкувачот не посредува само меѓу два јазика, туку и меѓу два културни системи.
Тоа не значи дека треба да стане застапник на една од страните, туку дека мора да биде свесен за културните разлики кои можат да влијаат врз разбирањето на пораката. Добриот толкувач препознава кога одреден израз, шега, навика или начин на обраќање може да предизвика недоразбирање и внимателно ја пренесува пораката, задржувајќи ја нејзината вистинска смисла. Затоа велиме дека толкувачот е интеркултурен посредник.

 

КОЈА Е ЗАДАЧАТА НА ТОЛКУВАЧОТ, А ШТО НЕ Е НЕГОВА РАБОТА?
Задачата на толкувачот е точно, целосно и непристрасно да ја пренесе комуникацијата меѓу страните. Тој не смее да одлучува наместо нив, да советува, да објаснува правни прашања или да влијае врз текот на постапката.
Толкувачот не е адвокат, психолог, социјален работник ниту истражител. Иако често работи во емотивно тешки ситуации, неговата професионална улога е јасно дефинирана. Одржувањето на професионални граници е важно и за квалитетот на комуникацијата и за заштитата на самиот толкувач.

 

КАКВО Е ИСКУСТВОТО СО ТОЛКУВАЊЕ НА СРОДЕН ЈАЗИК?
Многумина мислат дека сродните јазици се лесни за толкување, но токму тука се кријат бројни замки. Сличноста создава чувство на сигурност, а токму тоа може да доведе до грешки.
Постојат таканаречени „лажни пријатели“ – зборови кои звучат слично, но имаат различно значење. Исто така, културните разлики често се потценуваат. Толкувачот мора да биде особено внимателен и да не претпоставува дека нешто е разбрано само затоа што звучи познато.
Но, искрено, по повеќе од триесет години работа, мислам дека најголемата опасност кај сродните јазици не се лажните пријатели. Најголемата опасност е илузијата дека толкувач не е потребен. Луѓето си велат: „Па ќе се разбереме некако.“ И навистина се разбираат кога зборуваат за времето, за кафе или за ручек. Но кога ќе дојде до лекарски наод, полициски записник, судска постапка, договор или постапка за меѓународна заштита, тогаш сфаќаме дека „некако“ не е доволно.
Многу често учесниците во комуникацијата почнуваат да ги мешаат јазиците, користат зборови од еден јазик во друг или претпоставуваат дека значењето е исто само затоа што зборот звучи познато. Токму затоа толкувачот кај сродните јазици често има дополнителна задача – не само да ја пренесе пораката, туку и да ги коригира погрешните претпоставки и недоразбирања што произлегуваат од привидната меѓусебна разбирливост.
Добар пример за тоа е познатиот случај Рамирез. Родителите на млад спортист, кои зборувале шпански, употребиле збор „intoxicado“, мислејќи на труење или сериозна здравствена состојба. Меѓутоа, толкувачот го протолкувал зборот како англискиот „intoxicated“, што означува алкохолизираност или употреба на дрога. Поради оваа погрешна интерпретација лекарите тргнале во погрешна насока при поставувањето на дијагнозата и лекувањето. Последиците биле трагични – младиот спортист останал параплегичар поради ненавремено и несоодветно лекување.
Овој пример многу јасно покажува колку може да биде опасно кога зборови од сродни или блиски јазични системи се разбираат врз основа на претпоставка наместо врз основа на нивното вистинско значење. Затоа во одредени ситуации толкувањето меѓу сродни јазици може да биде дури и покомплексно отколку меѓу сосема различни јазици. Кога работиме со различни јазици, сите се свесни дека е потребен толкувач. Кај сродните јазици, пак, токму таа привидна блискост понекогаш станува најголемата пречка за успешна комуникација.

 

КАКОВ ТРЕБА ДА БИДЕ ТОЛКУВАЧОТ КОГА РАБОТИ СО ДЕЦА?
Толкувањето со деца бара посебна чувствителност, трпение и одговорност. Детето не е „мал возрасен човек“ и неговите јазични и когнитивни способности се разликуваат зависно од возраста и развојот.
Толкувачот мора да користи јасен и разбирлив јазик, да го следи темпото на детето и да внимава дали тоа навистина разбира што му се кажува. Во исто време мора да остане професионално неутрален. Најважно е детето да има можност неговиот глас навистина да биде слушнат и разбран. Затоа работата со деца бара не само јазични знаења, туку и емпатија, зрелост и добро разбирање на детската комуникација.

 

ШТО БИ ГИ СОВЕТУВАЛЕ МЛАДИТЕ ПРЕВЕДУВАЧИ?
Би им препорачала никогаш да не престанат да учат. Добриот толкувач не познава само јазици. Тој мора да ги познава и општеството, културата, институциите, историјата, правото и современите комуникациски процеси.
Важно е да читаат многу, да следат различни области, да посетуваат обуки и да стекнуваат практично искуство. Професијата бара љубопитност, дисциплина и континуирано усовршување. Колку е пошироко нивното знаење, толку ќе бидат подобри професионалци.

 

КОИ СЕ НОВИТЕТИТЕ ВО ОБЛАСТА НА ТОЛКУВАЊЕТО ДЕНЕС?
Во последните години сведочиме на значителен развој на толкувањето на далечина, видео-толкувањето, дигиталните платформи и алатките базирани на вештачка интелигенција. Пандемијата дополнително го забрза овој процес и денес многу институции редовно користат различни форми на комуникација и толкување на далечина.
Но, она што денес навистина се менува не е само технологијата, туку и самата улога на преведувачот и толкувачот. Вештачката интелигенција сè повеќе станува дел од секојдневната работа и може да биде корисна поддршка при подготовка на терминологија, обработка на текстови, транскрипција, титлување или пребарување информации. Сепак, таа не може да ги замени човечката проценка, професионалната одговорност, етичкото одлучување, интеркултурната компетенција и способноста за разбирање на контекстот.
Затоа сметам дека иднината не е во спротивставување на човекот и технологијата, туку во нивна соработка. Вештачката интелигенција може да биде силна поддршка на преведувачот и толкувачот, но не и негова замена. Особено во чувствителни области како судството, полицијата, здравството и меѓународната заштита, каде што се одлучува за права, обврски и човечки судбини, човечкиот фактор останува незаменлив.
Истовремено, професијата ќе мора да се приспособува на овие промени. Начинот на работа веќе се менува, а ќе се менуваат и компетенциите што ќе се очекуваат од идните генерации преведувачи и толкувачи. Покрај јазичните и комуникациските вештини, сè поважни стануваат дигиталните компетенции, разбирањето на јазичните технологии и способноста критички и одговорно да се користат алатките базирани на вештачка интелигенција.
Не е случајно што денес се развиваат и нови студиски програми и научни дисциплини, како што е дигиталната лингвистика, која ги поврзува јазикот, технологијата и вештачката интелигенција и претставува еден од одговорите на промените што се случуваат во современата комуникација и јазичните професии.
Истовремено сè повеќе се нагласува потребата од специјализирана обука, професионални стандарди и етички насоки. Денес се зборува многу повеќе за улогата на толкувачот како активен учесник во комуникацискиот процес, за интеркултурната компетенција и за обезбедување квалитетна и правична комуникација за сите учесници.
Тоа покажува дека професијата не исчезнува, туку се трансформира. Улогата на преведувачот и толкувачот се менува, но нивната важност останува. Напротив, во свет во кој технологијата сè повеќе навлегува во комуникацијата, потребата од добро обучени професионалци кои ќе знаат како одговорно да ја користат и надгледуваат таа технологија станува уште поголема.

-Наталија Орлиќ-

„Краток вовед во толкувањето“, Наталија Орлиќ
Главен и одговорен уредник: Драгана Евтимова
Уредник и редактор: Маја Којчева Величкова
Лектура: Елизабета Коневска
Дизајн на корица: Мите Спасовски
Издава: ФУСНОТА Скопје
Година на издавање: 2026
Печати: Печатница ГРАФО-ДЕН ДООЕЛ Скопје

 

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија