Игор Крајчев

ЛУЃЕ НА ПОПУСТ

Си ставивме евтина цена
напишана со сопствена крв —
и први си поверувавме во лагата…

Се распродадовме за ништо,
па сега нè купуваат за уште помалку —
како навика што не вреди да се прекине.

Се дадовме за трошки —
и станавме глад
што се јаде самиот себе…

Станавме банкнота
што сама си ги брише бројките…

Дозволивме да не’ носат
како ситни пари во џеб,
без тежина,
без име,
без срам…

И кога еднаш
ќе посакаме да поскапиме —
ќе ни се смеат во лице…
Зашто ние први
си ја убивме вредноста,
тогаш кога сите ги убедивме

дека сме безвредни…

 

ОГЛЕДАЛА

Се гледаме постојано—
но се’ поретко може да се видиме…

Огледалата се полни со нас,
но празни од вистина.

Ги поправаат нашите линии,
ни ја враќаат формата,
но никогаш не го допираат
она што внатре се распаѓа…

Се учиме
да изгледаме цели,
да звучиме сигурно,
да постоиме
како приказна што не боли…

А вистината стои
зад очите—
неизговорена,
неприфатена,
непотребна.

Еден ден
ќе се погледнеме,
и во огледалото
ќе нема одраз…

Зашто нема да има
што да се види…

 

МОЕТО ТЕЛО

Телото ми го дадоа
како засолниште,
а никој не ми кажа
дека е под наем…

Во него се смеев,
во него плачев,
во него љубев
како да ќе трае….

Кожата се сеќава
на сè што умот сака да заборави…
Коските ноќно време
разговараат со земјата…

И секој здив
не е доказ дека сум жив,
туку потсетник
дека времето
ме одбројува…

 

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија