Андреј Медиќ Лазаревски

Од збирката „Багет полн печени полжави полиени со уље истечено од Вардаровите галии“ (2025, Култура Бета)

БАГЕТ ПОЛН ПЕЧЕНИ ПОЛЖАВИ ПОЛИЕНИ СО УЉЕ ИСТЕЧЕНО ОД ВАРДАРОВИТЕ ГАЛИИ

ме викна на дејт на сочна вечера
купи еден багет на доаѓање, ми рече
влегувам во засмрдениот маркет под зграда
и давам 6 723 денари за багет долг 26 цм
што не е ниту сочен ниту мек ниту тазе

ме викна на дејт и ѕвонам на неговата врата
купи багет? ме праша
влегувам и му го подавам цврстиот леб
го бакнува без претходно да се прекрсти
и со сатар го пресекува на половина

ме викна на дејт и ете сум кај него
во една вила над гробиштата во штип
соблечи се, раскомоти се,
се печат полжавите, ми вели
го гледам бледо и ми се наткрева киселина
не знам дали од помислата на полжавите
или oд апсинтот што стои на масата

ме викна на дејт на сочна вечера
напиј се слободно, мене ми е трета, вели
а јас се понадевав на домашно вино
каберне совињон
во бојата на уљето истечено
од вардаровите галии
и на тазе палачинки
пред да се сролам во креветот

ме викна на дејт и почна дејтот
го наполни багетот со испечени полжави
испрска малку црно вино одозгора
и стави многу мајонез
без да знае дека сум алергичен на јајца
и дека порадо би јадел праски

ме викна на дејт
ми го плесна тањирот
со багет полн полжави полиени со уље
истечено од вардаровите галии
ме погали по глава и ми рече
ова го зготвив за глувците во подрумот
ние
ќе јадеме
човек

Издавач: КУЛТУРА БЕТА, 2025.

ИНСЕКТАРИУМ
            по филмот „Универзален јазик“ на Метју Ранкин

барајќи смисла во бодежот
зборува арапски среде монтреал
и не си ја затвора устата
во која пчелите веќе прават мед
и чека, чека, чека, чека
да дојде големата дрвена лажица
да го собере медот
што веќе ѝ лизга по разранетите колена
по кои веќе лазат црвените мравки

барајќи смисла во бодежот
игра полски народни танци
со лебарките што дење
живеат под нејзиниот кревет
а ноќе ја потсетуваат дека не е сама
и дека нејзината девственост
нема да се скрши како домот
така ќе умре со сознанието
дека веќе не треба да се плаши

барајќи смисла во бодежот
во нејзиниот ум се создаваат слики
што би било кога сѐ уште би била во основно
и кога не би морала да убива невини инсекти
за да добие петка
веќе не се плаши од смртта
ниту се ужаснува од убиството
посегнува по сопствената невиност
сфаќа дека со светот владее
контето од VIII-Б
што ѝ го искрши инсектариумот

 

ЛАМЈАТА ГО УБИВА СВ. ЃОРЃИЈА

го спобудалевме твојот коњ
ти го грабнавме и ореолот
па на една од главите си го ставивме
те легнавме наземи и те пеплосавме
за да се напише една песна
како ние тебе сме те убиле

прашајте нѐ
имаме седум приказни за раскажување
прашајте нѐ
сите вие гледачи, гатачи,
видари, врачари, пророци
прашајте нѐ како водевме љубов
и зошто сме олицетворение на убавите жени
а ѓорѓи – градот што сака да нѐ убие
со својот меч од ѓубре
со очи како расипан автобус
со става како двестегодишен старец
што не може да си го најде гробното место

прашајте нѐ
имаме сто и седум причини да не го сакаме ѓорѓија
имаме исто толку мажи безнадежни
и немаме места за танц
толку музиканти што нѐ заведуваат
и немаме места за танц
толку поети што за нас не пишуваат
и немаме места за танц
толку братучеди со едипови комплекси
и немаме места за таааанц
а ѓорѓија само на едно мисли
како да снемаме места за танц

го спобудалевме твојот коњ
а ти нѐ спобудале нас
ние не сме дел од тебе
а ти си дел од сите нас
ѓорѓи, збогум и заборави
не треба ти да ги изгаснеш светлата

тие одамна се згаснати
сега конечно одиме на танц

 

Од необјавениот циклус „Црно под ноктите“

светот нема да се спаси со раѓањето на деветмилијардитиот човек 
кон сликата „Nativitas“ на Бојан Звездаковски

жолти чапји  развиорени
како феникс
или
како воскреснат Исус

бремени со зло
го обременуваат светот
со непотребно многу луѓе што

се претвораат во сеништа.
и џабе воздигнати феникси
и џабе воскреснати Исуси
светот нема да се спаси со раѓањето на
деветмилијардитиот човек туку

тој ќе ја победи
гравитацијата.
ќе падне.

жолтите чапји
го промениле човекот
од јагне – волк
од гуштер – змеј
од славеј – гавран

на човештвото му недостасуваат
повеќе добри луѓе

овие

злобни сме.

жолтите чапји
докажуваат дека
овој свет ниту е најдобар
ниту некогаш ќе биде.
го носат Кандид кој страда
распнат на тријадата
волк ‒ змеј ‒ гавран
смрт ‒ тага ‒ болка.

 

твоја ли е градината, алиса?

влегувам низ вратата, алиса
ја гледам градината
и таа е одвратна, алиса
во гробот се превртувам.

те замислувам и те мислам, алиса
играм покер, немам џокер
четири дами в рака
и еден крал скриен в ракав.

влегувам низ вратата, алиса
и гледам
како си ја прокоцкувам сопствената иднина.

одам, одам, одам,
љубам, љубам
се губам
имам четири девојки одеднаш, алиса
и еден крал ‒ дрег кралица
бегам и од традицијата
и од либералните вредности, алиса
а и двете ме држат
и ме влечат
налево, налево, налево
надесно, надесно, надесно.

не можам да избегам
ја затворам вратата, алиса
дома сум
се чувствувам како во твојата земја
како во твојата градина.

 

боја

го сечам виножитото наполу
за да ја видам светлината на облаците
ги сечам и нив наполу
за да ја видам темнината на сонцето
го сечам и него наполу
за да ја почувствувам жештината на огнот
го сечам и огнот наполу
за да ја видам водата
ја сечам и неа наполу
од копно, на сигурно, да сечам сѐ
и повторно го сечам виножитото.

се чини сѐ што ќе пресечам
боја ми дава

Андреј Медиќ Лазаревски (2001, Скопје) е поет, уредник и организатор на културни настани и фестивали. Автор на стихозбирките „Беседење со неа“ (2021, Дата Песнопој), „Молитвени дискурси“ (2022, 2023 – второ, променето и дополнето издание, ПНВ Публикации) и „Багет полн печени полжави полиено со уље истечено од Вардаровите галии“ (2025, Култура Бета), како и на еден е-буклет Црно под ноктите (2024, Култура Бета) што произлезе од истоимената изложба на колажи во 2024 година. Основач на Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“, организатор на книжевните настани „Поетска епизода“ и „Клинци“, фестивалски координатор на Филозофски филмски фестивал, член на извршниот одбор на Филозофското друштво на Македонија, член е на управниот одбор на Скопскиот поетски фестивал и дел е од тимот на кафе-книжарницата „Буква“. Бил дел од тимовите на маркетинг агенцијата „Кликер Маркетинг“  и магазинот Скала. Главен уредник е на списанието на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, In medias res и на списанието за општа култура Тригер на „Култура Бета“. Дел е од европската поетска мрежа „Версополис“. Има учествувано на повеќе поетски читања и интернационални фестивали во регионот и пошироко. Во 2024 година, на Струшките вечери на поезијата, ја добива наградата „Енхалон“ за најдобра песна од млад автор прочитана на фестивалот.

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија