ГУСТАТА ШУМА НА МЕЛАНХОЛИЧНИОТ МОЛК

ГУСТАТА ШУМА НА МЕЛАНХОЛИЧНИОТ МОЛК

Кон книгата на Силвана Димитриевска, Ноќите кога молчам

Силве ја знам одамна, речиси дваесет години, уште кога беше полетна и ентузијастичка поетеса која ми помагаше во собирањето на материјали за тогашната антологија на младите автори. Тогаш имаше и друго презиме, моминското и една книга, победнички ракопис на Карамановите средби. Имавме и едно заедничко патување во Белград и тогаш малку повеќе се зближивме. Јас тогаш имав мало дете (само три години), а Силве се токмеше да стапне во брачните води. Оттогаш, од таа далечна 2007 година, многу ретко се гледавме. Причините за отсуство на авторките од книжевната сцена можат да бидат многубројни, но најчесто една е најсилна – мајчинството. Има случаи кога авторките по тоа животно искуство не се враќаат во книжевниот живот. На наша голема среќа, и моја и на македонската книжевност, Силвана или како што јас си ја викам нагалено Силве – се врати. Се врати, но овој пат побогата и посилна – не само во искуства и сознанија туку и во претставување нови поетски светови, чувства и слики, за што може да посведочи и нејзината најнова книга. Претпоставувам дека покрај приспивните песни и бајки што Силве му ги пеела и читала на своето синче Давид, таа никогаш не се откажала ниту од книжевноста, ниту од уметноста. Тие ѝ биле верни сопатнички низ животот.

До објавувањето и промовирањето на оваа книга, Силвана Димитриевска е неверојатно присутна во книжевниот живот за што говори големата листа на освоени награди на многу конкурси за поезија и проза во земјата и во светот. Тоа значи дека нејзиниот поетски глас веќе е препознаен не само кај нас туку и пошироко. Тоа говори дека Силве е надарена личност, свесна за својата дарба – таа ја негува и ја надградува, збогатувајќи ја со животна мудрост.

Да се навратиме сега конкретно на книгата песни за која вечерва сме собрани и да проговориме за нејзините суштински квалитети. Насловот на книгата Ноќите во кои молчам е преземена од една од песните поместени во збирката. Книгата ја издаде издавачката куќа „Восток“ од Битола на Михајло и Славица Гаџова-Свидерска, која е и уредник на изданието и негов рецензент. Промоцијата беше одложена поради ненадејното заминување на Славица. Вечна ѝ слава на таа прекрасна, тивка но силна и храбра авторка. Случајот сакаше книгата ликовно и визуелно да ја дополни уште една Славица, овој пат Милева, која под закрилата на уметноста, исто така пишува и поезија, а најпозната е по своите книги хаику, еден толку во исто време едноставен но филозофски многу содржаен жанр произлезен од зен-филозофијата на јапонската традиција. Ете тие две лавици-Славици направија оваа книга да изгледа вака како што е.

Ми се чини дека тоа што го одреди моето пишување за книгата да биде првично насочено кон темата на меланхолијата не беа само песните на Силвана туку и прекрасните сини илустрации на Славица. Тие сини дрвја во книгата на Димитриевска ја прават таа меланхолична шума за која сакам да зборувам. Имено, тргнувајќи од познатата латинска изрека nomen est omen (името е знак), и самото име на авторката го означува токму тоа – густа шума но не само на молкот туку многу повеќе на сликите, симболите и најмногу од сè, архетипите.

Кога сме кај архетипите, би сакала да се задржам на нумеролошката симболика застапена во книгата. Стихозбирката има 4 циклуси и 33 песни. Ако тргнеме од поделбата на Јунг на видовите архетипи, ќе видиме дека бројот четири е исклучително важен за човекот – четирите Емпедоклеви елементи (од кои огнот, според Хераклит, е најважен), четирите годишни времиња, но и не само тоа. Бројот четири според Јунг е број на сопството, претставен преку светата мандала, односно преку оние совршени дијаграми на геометриски шеми, кои го симболизираат самото цутење на животот, наречени и цвет на животот. Додека се цртаат (а во поново време се продаваат и боенки со мандали за возрасни), а и се гледаат, тие мандали се директен вовед во контемплација и медитација. Од документарните емисии за Тибет можеме да се потсетиме и на песочните будистички мозаици (мандали) за кои е потребна неверојатна концентрација и трпеливост и кои стануваат прашина во моментот кога ќе бидат завршени.

Таа духовна димензија на мандалата и на бројот четири е присутна и во книгата на Димитриевска. Таа контемплација во нејзините стихови се огледува во нејзиното соочување со себеси – во моментите на загуба на блиските и нивното значење во нејзиниот живот – како што е песната „Патување“ посветена на заминувањето на таткото, во моментите на сеќавање додека тие блиски биле живи, на моментите од сопственото детство, но и на сегашната грижа и посветеност на оние што растат – како што се прекрасните песни за синот („Слобода“, „Диши“).

Дека религиозната заднина е присутна во книгата говори не само бројката од 33 песни, што ги одразува Исусовите години, туку и самиот манир на пеење. Во книгата на Димитриевска не можете да ја фатите сегашноста, ниту делничноста, оној секојдневен обичен свет. Во книгата на Димитриевска живее едно друго време, едно вечно време, дури би можело да се рече едно библиско или митско време. Зошто го велам ова? Затоа што таму, во нејзините песни, сè е испреплетено, микро и макро космосот се огледуваат еден во друг, четирите годишни времиња, четирите елементи – огнот, водата, земјата и воздухот, како што ни потврдува и вториот циклус од книгата („Куќа, оган, земја, вода“), но овде наместо елементот на воздухот ја имаме куќата, па ми се чини дека ни тоа не е случајно, како што ни покажува и целата структура на книгата.

Воздухот, во случајот, ќе се појави посредно и тоа ќе го оставам за крајот на овој текст. Субјектот во оваа поезија колку што е поврзан со земјата исто толку е поврзан и со небесата –  и тоа повторно ни се потврдува преку архетипите на куќата, дрвото, додека најважен личносен архетип овде е фигурата на мајката. Но таа фигура ги опфаќа не само конкретните мајки (во случајот мајката на лирскиот субјект за која се испеани неколку изразито лични лирски песни), туку и целата генеричка низа – мајката е и самата авторка, мајката е и Земјата, мајката е и куќата, но мајката може да биде и Смртта, која невидливо се провлекува во книгата како лик, а напоредно со неа е персонифицирана и Тагата, како вечна друшка.

Се разбира, тоа трагично чувство дека сè има свој крај, на кој стои самата Смрт, ја дава таа меланхолична нотка на книгата, па затоа не зачудува што и четвртиот циклус носи наслов „Тагување“, или англиското blues, поврзано со сината боја (blue). Оттаму авторката ја именува таа своја друшка како Сина тага, за која, како што ретко се сретнува во книжевноста, се испеани две одлични песни – „Сина тага“ и „Тагата е глуварче“. Тоа е таа честа гостинка не само во поезијата на Димитриевска туку и во нејзиниот живот. Авторката е сосема свесна за тоа присуство и чувство на меланхолија – „Јас мојата (тага) ја имам за пријател./Оддалеку ја гледам/ и ѝ кревам рака. Ѝ велам: дојди, ќе поседиме, ќе помуабетиме. Ќе испиеме по една. Ќе напишеме песна“. Тагата во случајот на Димитриевска претставува и еден творечки нагон и токму таа и го одредува поетичкиот профил на авторката, што е видливо уште во една одлична песна – „Песната на Темјана“ во која авторката, и покрај тагата, собира храброст со љубовта да ја осветли темнината: „Само моето срце пееше победничка песна/додека те држев за рака и те носев низ темнината“. Има во песните и уште еден антропоморфизиран лик, а тоа е ликот на Молкот, кој станува постојан придружник на тагата и тагувањето.

Меланхолијата како вечно писателско чувство, за кое пишува уште Роберт Бартон во 1621 година кога го објавил своето најпознато дело „Анатомијата на меланхолијата“, сепак, не е единствениот тон во книгата. Авторката се потрудила да нѐ разнежи и со љубовни песни и со песни за синот (во третиот  циклус „Љубовна“), во кои таа покажува еден поинаков пристап – животната мудрост стекната низ различните животни фази кога малото и кревко девојче израснува во силна и покровителски настроена жена, жена заштитничка на животот, што е особено изразено во прекрасната песна од овој циклус „Приказна пред спиење“.

За крај, ни остана уште последниот циклус на кој сакаме да му обрнеме посебно внимание, а кој всушност е прв во книгата и со него се отвора збирката. Станува збор за циклусот „Темјана“, чие име е всушност неологизам и кој неодоливо потсетува, не само по кованицата туку и по пеењето, на уште еден таков неологизам и поетски циклус во македонската поезија – имено поетскиот евергрин на Петре М. Андреевски, Дениција. Името Темјана коренски е изведено од темјан, тој свет мирис и чад, една од најскапите смоли во историјата на човештвото, важна состојка на сите религиозни ритуали и црковни христијански церемонии. Темјана е, всушност, тој свет воздух, тој возвишен дух за кој пее Димитриевска присутен во книгата и преку кој таа ги издишува своите таги пеејќи за едно друго царство – небесното. Ништо во оваа книга не е изгубено – сѐ е во природна поврзаност – животот и смртта, радоста и тагата, младоста и староста, земјата и небото. Темјана е вечниот недостиг, но истовремено и поетски лик прекрасно отелотворен и оживеан во оваа книга. Така нашата авторка им дава вечен живот на оние што ги сака, повторно враќајќи ги во едно ново постоење – постоењето на зборот, оти навистина од зборови се раѓаме, во зборови се враќаме, потсетувајќи се на Евангелието по Јован – дека во почетокот беше зборот – оној што излезе од Бога и кој повторно во Него се враќа, за да се оствари космичката рамнотежа на светот.

– Сузана В. Спасовска –

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија