Гулабица –
си простивме ли сè
душо моја.
Огнена зора –
од крик ранет гулаб на
беспаќе небесно.
Заноќување
бледолик облак умира
од осаменост.
Скаменет бакнеж
подолг од животот –
ах, цутат калинки.
Врз искосена
трева крвари булка –
плачат стреите.
Вжарено небо –
денот длаби корито
во сува река.
Сончеви нитки
совршено исткаени –
ме плени, пајаку!
Се пронаоѓам,
се губам – под истото
небо распната.
Зовриен ден
на асфалтот брефта
вљубено штурче.
Капнува дождец
еднолично ме бразди –
нов ден, заумен.
Сахарно небо
душава ко бедуин
по милост трага.
Сред пладне сронет
под вршник сонце, земјата
ја бакнува – лист.
Летен порој –
на градската калдрма
нурка сонце.
Приквечерина –
светулке, порази ја
мојата темнина.
Пловат облаци
низ твоите зеници –
печат на умор.
Го гризнав зборот
ја заклучив мислата –
непроспана ноќ.
Пердув на патот –
небото е поблиску
одошто се чини.
Натежнува магла –
во напуштениот дом
само чај со рум.
Дождот бие врз
вир вода – одлета и
последната мисла.
Есенски лист –
неостварена желба
на сувиот чинар.
Облакот ѝ се
препушти на земјата –
отворам чадор.
Окапуваат лисја
и светулката одлета
Ти, остани.
Мразно утро
колата на паркингот
криенка си игра.
Загледана в ноќ
на полна месечина –
градот, онеме.
‘Рти ноќ оловно
сина – предалеку си
од дома, душо!
Црн облак над Скопје –
ја барам најкратката
патека до дома.
Облаку безимен
побегнат од ветерот –
слези од небо.

Славица Милева е родена во Скопје. Во 2023 година излегува од печат нејзината прва збирка хаику поезија – 101 хаику, насловена „Замижи сега“, а во 2024 година и второто продолжение на трилогијата 101 хаику „Тишината е тука“. Двете книги се препеани на англиски јазик од професорката и поетеса Македонка Божиновска. Хаику песни од овие книги се селектирани и објавени во американските списанија и мрежни места за хаику поезија: The Haiku Foundation (https://thehaikufoundation.org/); Under The Basho (https://underthebasho.com/) и во едно од најстарите јапонски печатени весници Asahi Shimbun, во секцијата за хаику (https://www.asahi.com/ajw/special/haiku/) во 2025. Од септември 2025, Славица Милева е член на World Haiku Association од Јапонија (https://worldhaiku.net/).
