СУДНИОТ ДЕН – Александра Димитрова

СУДНИОТ ДЕН од Александра Димитрова
Главен уредник: Маја Којчева Величкова
Лектура: Елизабета Коневска
Корица: Мите Спасовски
Технички уредник: Мартин Георгиевски
Книгата е објавена со финансиска поддршка од Министерство за култура и туризам на Република Северна Македонија

Извадок од романот:
Сандра сфати дека е хронично изморена. Во последните неколку седмици таа беше претерано чувствителна и избувлива, без да има конкретна причина за таквиот немир. Го припишуваше тоа на годините, многупати помислувајќи дека влегува во климакс. Таа мисла повторно ѝ светна, но не можеше долго да се задржи во умот на Сандра. Во тој миг таа само сакаше да побегне некаде, некаде далеку од предавачот со монотон глас, од луѓето кои глумеа, од застоениот воздух. Сакаше да може да скокне од тврдата фотелја, и во фитнес центарот на хотелот да трча еден час на патеката за трчање, да го донесе своето тело до гранична состојба на оптовареност, толку голема што би ѝ застанал умот. Сандра сфати дека ги мрази сите типови собири, на кои луѓето се прегласни, пренагласено среќни и дружељубиви, и на кои се јаде без контрола. Ама мораше да ги посетува сите семинари. Така од неа бараше компанијата во која работеше.
Вдишувајќи длабоко, се сети дека е вработена и дека за тоа е платена, многу подобро од кој било друг правник кого го познаваше. Повторно вдиша длабоко, издиша полека и со последните ментални сили се загледа без фокус во предавачот, по што продолжи да запишува во црниот кожен нотес.
Во редот пред неа седеше една жена, која неколкупати се сврте кон Сандра, загледувајќи ја некако чудно и подолго отколку што е потребно, насочувајќи ги своите очи кон зениците на Сандра, небаре се обидуваше да ѝ ги прочита мислите. Сандра не сe потруди да ја препознае, и оној миг кога ќе им се фатеа погледите, Сандра засрамена, како нешто да погрешила, погледнуваше на друга страна, најчесто кон прекрасно уредениот двор.

д-р АЛЕКСАНДРА ДИМИТРОВА е родена 1977 година во Скопје.
Завршила на катедрата за Македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ Скопје, 2001 година. Магистрирала на катедрата за Македонска книжевност на Филолошкиот факултет со магистерската теза со наслов „Постмодернистичките стапици во драмите на Горан Стефановски“. Докторирала во 2017 година на истата катедра при Филолошкиот факултет Скопје, со тезата „Аспекти на комичното во драматургијата на Венко Андоновски“.
Авторка е на пет збирки позија: „Вежби за правилно дишење“ (2002), „Јас-Ти“ (2004), „Божица на подивените мачки“ (2008), „Во аквариумот на Барби“ (2009) и во 2019 година ја добива наградата „Антево перо“ за најдобра поетска збирка, за збирката песни „Дупка“, која е издадена под покровителство на фондацијата „Антево перо“. Во 2012 година во „Блесок“ ја издава магистерска теза „Постмодернистичките стапици во драмите на Горан Стефановски“.
Нејзината поезија е преведена германски јазик, англиски јазик, словачки, турски и српски јазик. Александра Димитрова освен поезија пишува и проза, како и книжевна критика и активно го предава предметот Креативно пишување.
Авторка е на блоговите:
www.bonbonce.blogspot.com
booksrecomendedbysash.blogspot.com
kreativnopisuvanje.blogspot.com

 

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија