ЗАСПИЈ МАЛА МОЈА, ЗАСПИЈ од Ирена Светек
Превод од словенечки јазик: Драгана Евтимова
Главен уредник: Маја Којчева Величкова
Лектура: Елизабета Коневска
Корица: Мите Спасовски
Технички уредник: Мартин Георгиевски
Книгата е објавена со финансиска поддршка од Министерство за култура и туризам на Република Северна Македонија
ИЗВАДОК ОД РОМАНОТ:
Живеевме во Копер. Во една од двете кули над пристаништето. Повисоката беше во розова боја, ја нарекуваа Томосова кула. Веројатно затоа што во повеќето од становите живееја работници од фабриката за мотори. А мене ми беше најбитно само тоа што во неа живееше мојата соученичка од прво одделение, чиј татко беше во затвор. Барем така велеше мојата мајка. Ние живеевме во кулата со виолетова боја. Бидејќи беше прилично пониска, ние ја нарекувавме зграда. До ден-денес се сеќавам на адресата. Музејски плоштад 4. Покрај зградата беше поштата, а од другата страна на улицата беше моето основно училиште. Колку што знам, неодамна ја имаат срушено. На нејзино место изградија катна гаража. Сега не знам каде се наоѓа основното училиште, ако е уште таму, и ако уште се вика „Јанко Премрл Војко“ и ако пред него сѐ уште стои неговата биста. Во времето кога уште бевме деца и си игравме пред зградата и кога на шест години сами одевме до градот без да знаат нашите родители каде сме, и поради тоа воопшто не ни беше грижа, тогаш бевме главни. Се враќавме дома кога почнуваше да се стемнува. Тоа беше единственото правило до кое требаше да се придржуваме. Родителите не стоеја секогаш најмногу двесте метри оддалечени од нас, не беа секогаш нервозни и постојано не нѐ држеа за раце и не нé предупредуваа кога се појавуваа автомобили,
кои можеа веднаш да нѐ прегазат. Бевме слободни. Со сестра ми, која имаше речиси четири години, одевме на градската плажа, таму си игравме во морето, фрлавме школки на дното и нуркавме. Кога мајка ми ќе го зготвеше ручекот, на балконот од нашиот стан на осмиот кат, обесуваше црвена крпа со сини риби и кога ќе ја здогледавме, знаевме дека мораме да си одиме.
Во тоа време имав пет или шест години и имав тројца пријатели. Тоа беа Марко, Горазд и Давид. Сите живееја во Копер и бевме заедно уште од градинка. Се сеќавам дека Давид имаше долга коса, што беше незамисливо во тоа време. Еден ден ја видов неговата мајка како плаче. Таа стоеше пред малото училиште, го држеше Давид за рака и плачеше. Следниот ден Давид дојде во училиште со истрижена коса. Тој не беше лошо расположен и ниту еднаш не ја спомна фризурата. Кога попладнето дојде да го земе мајка му, забележав дека таа повторно плаче. Го галеше по кратко потстрижената коса и брадата ѝ се тресеше. Многу години подоцна дознав дека сакала да има ќерка. Се разбира, како дете никогаш не ми се чинеше дека е чудно тоа што Давид секогаш носи алишта во нежно пастелни бои. До денес многу добро се сеќавам на неговата розова маица со малечко девојче што седи на нокшир, а во раката држи
букет со цвеќе. Толку добро се сеќавам на таа случка, само поради тоа што лудо посакував да имам иста таква маица, а тој не сакаше да ја смени ниту за мојата морнарска маица и згора на тоа и за уште пет големи џамлии што му ги нудев. Сега знам зошто секогаш беше толку убаво облечен.
ИРЕНА СВЕТЕК (1975) докторирала на Катедрата за компаративна книжевност и теорија на литературата на Факултетот за уметности во Љубљана. За нејзиниот прв роман „Од близу“ ја добива наградата на словенечкиот саем на книгата за најдобар прв роман и беше номинирана за наградата „Кресник“ во 2004 година. Активно се занимава со пишување сценарија. Таа го има напишано сценариото за долгометражниот игран филм „Заедно“, во кој својата последна улога ја игра починатиот словенечки актер Јернеј Шугман, како и сценаријата за неколку ТВ серии и ТВ серии. Објавени романи: „Од близу“ (2004), „Седми бран“ (2008), „Заспиј мала моја, заспиј“ (2014), „Црвенкапа“ (2021), „Бел волк“ (2022), „Црниот принц“ (2023) и „Кога јагнињата ќе стивнат“ (2025).