ДЕВОЈЧЕТО ОД ПЕЛАГОНИЈА од Ленка Јанчева е автобиографски наративен роман
со исклучителна певливост во дијалозите и времето во кое растела авторката.
Главен уредник: Драгана Евтимова
Лектура: Елизабета Коневска
Корица и техничка обработка: Мартин Георгиевски
Често ја прашував баба ми какво дете сум била, а таа ми велеше дека сум била многу љубопитна. Еден ден кога на баба ми ѝ било редот да готви јадење за аргатите, за момент ме оставила сама во дворот каде имало бунар и од каде што луѓето пиеја вода, а стоката пиеше вода од издлабено дрвено корито. Полека сум дошла до бунарот кој не бил покриен и сум ѕиркала. Кога ме видела баба ми се стаписала од страв, полека дошла до мене и ме зграпчила оттргнувајќи ме од бунарот. Подолго време не можела да си дојде на себеси и цврсто ме држела во нејзините прегратки. Оттогаш кога ѝ бил редот за готвење ме врзувала со јаженце околу половината за да бидам блиску до неа.
Друга таква опасна случка била еден летен ден. Мајка ми и баба ми надвор запалиле оган и го ставиле котелот за да се топли вода за перење. Огнот бил запален, а мене ме ставиле да спијам во крошната која се нашала во близина на котелот. Покрај огнот имало расфрлани сламки кои се запалиле и јас сум можела многу брзо да бидам зафатена од огнот. Баба ми и мајка ми се занеле во перењето и не забележале што се случува. За среќа оттука поминувала некоја стара баба од селото, по име Бада, која видела дека крошната е преблиску до огнот и веднаш извикала:
-Тасооо! Да не поминев од тука, ќе ви се запалеше чупето.
…