ЕЛЕНА ПРЕНЏОВА

СТЕ ПАТУВАЛЕ И УЧЕСТВУВАЛЕ ПО МНОГУБРОЈНИ ПОЕТСКИ СЛЕМ ФЕСТИВАЛИ НИЗ СВЕТОТ. КАКВО Е ВАШЕТО ПОЕТСКО ИСКУСТВО СО СЛЕМ ПОЕЗИЈАТА НА ГЛОБАЛНО НИВО?

Слемот се обединува на глобално ниво. Сите земји од светот тежнеат да се врмежат меѓусебно. Се организира Европското слем-првенство, Светското, многу земји формираат национална слем-сцена, а веќе постоечките национални слем-сцени стануваат поорганизирани. Формирана е Светската организација на слем-поезија во која Македонија е рамноправна членка. Македонскиот слем е веќе познат на глобално ниво. Toa што највеќе ми се допаѓа на слем-фестивалите и слем-натпреварите е што тие се „хаб“ не само на слем-поети и поетеси, туку и на организатор(к)ите. Тоа е исто како што во големите светски поетски фестивали земаат учество не само поетите и поетесите, туку и уредништвата, книжевните агент(к)и и издавачките куќи.

 

ДАЛИ ПОЕЗИЈАТА МОЖЕ ДА СЕ ДОЖИВЕЕ КАКО ЕГЗОТИЧЕН ПРОСТОР И ЗОШТО?

Да! Егзотичен остров. Оти секоја книга е како остров, свет за себе. А островите, како и непознатите светови, се секогаш егзотични, мистериозни и повикуваат на „откривање“.

 

КОЈ ВИД НА ПОЕЗИЈА МОЖЕ ДА СЕ ПРОБИЕ ВО СВЕТСКИ КОНТЕКСТ?

Модерната. Не онаа модерна во значење на современа, туку онаа модерна што е тековно „ин“, во мода. Што е сосема спротивно од онаа безвременската, севременската. Шекспир нe пишувал согласно модата (иако во контекст на хронотопот), за разлика од многу негови современици, меѓу кои и плодниот драмски автор Роберт Грин, кој во своето време бил многу познат и чии драмски текстови биле често поставувани на сцена и кој за Шекспир напишал дека е „страчка што се кити со туѓо перје“. Иронично, денес, неколку векови подоцна, постои цела наука шекспирологија, а Грин е запомнет по она што го напишал за Шекспир, а не по своите авторски драмски текстови. Значи само оригиналната поезија, односно, генерално, оригиналното уметничко дело, може да се пробие и да остане во светски рамки, но само тогаш кога делото престанува да живее преку авторот/авторката и авторот/авторката продолжува да се одржува во живот (и по својата физичка смрт) преку своето дело. Сите останати „пробивања“ на глобална книжевна сцена во тековно време се сведуваат на лактање.

 

КАКВА ПОЕЗИЈА НИ Е ПОТРЕБНА НА КОЛЕКТИВНО НИВО?

Искрена. Оригинална. Ангажирана. Критична. Непрозаична, да одѕвонува.

 

ПОСЛЕДНА ПРОЧИТАНА ПОЕТСКА КНИГА Е…

Parigi XXI („Париз XXI“) од италијанскиот автор Јакопо Мељо (Iacopo Melio), многу плоден автор со оригинален поетски стил и изразен јазик. Само што го завршив нејзиниот препев. Тоа е мојот прв препев од италијански на македонски јазик за чија реализација ја добив стипендијата Калчр мувс Јуроп (Culture Moves Europe) за резиденција во Рим од Европската Унија спроведена од страна на Гете институтот. Само што се вратив од едномесечниот престој таму и соработката со авторот и консултантката по современ италијански јазик, поетесата Лучила Трапацо и следниот чекор е публикација на препевот. Кога? Како и секогаш, кога ќе има средства за тоа. Дотогаш, „премиерно“ цитат во работна верзија за љубопитните, како „тизер“:

„Насмевки обесени на електричните жици како деновите на септември.
Ќе ти ги земам соништата од фиоката и ќе ги врземе заедно за креветот.
Еден по еден.
Или за стреите за да може сите да ги видат.
Колку си убава, боли.
Ајде да кампуваме во дневната и да ја бојкотираме иднината.“

-ЕЛЕНА ПРЕНЏОВА-

 

 

 

 

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија