СЕИДА БЕГАНОВИЌ

СТИХ ШТО СЕКОГАШ ЌЕ ГО ПАМЕТИШ?
Не восхит, туку во поезијата ме втурна чудењето. Рано научив да читам, во куќа полна со книги и енциклопедии јас претурав, се сеќавам дека се плашев од портретите од фламанските сликари, а сите мои први впечатоци се врзани со некои драматични реченици што ги читав и не ги разбрав. Не ги разбирав на вербално ниво, но влијаеја на мене и ме менуваа. Дури не можев ниту да спиам ноќе. Во својот роман „Ида и асасини од редот на хаванскиот колибри“ ги опишав тие први иницијации за светот на зачуденост и восхит, како на пример, една реченица на која не го знаев значењето на сите зборови, но после тоа светот ми изгледаше магичен. Тука сакам да го споменам натписот од еден индиски храм: „Пази каде одиш со сувишности во себе, бог Јама ќе те праша како си ги изабел сандалите“. Децата, секако многу рано ја насетуваат смртта, за која се зборува во овој натпис. Но, има многу други нешта со кои почнуваме, како магијата на играта на светлина. Нашиот восхит почнува низ оптичките измами. Поезијата во себе ги содржи сите форми на детската игра: мимикрија, вртоглавица, натпревар, ризик… А од стиховите, паметам сé од Васко Попа. И од трубадурите, како Гијом IХ Аквитански. Мислам дека се важни нашите почетоци, потоа не се менуваме многу.

 

ШТО НАЈМНОГУ ТЕ ИНСПИРИРА?
Поимот инспирација за мене е, пред сé, етичка категорија,  ја врзувам за личности и нивните дела поради кои ги формирав своите морални стандарди, но и естетските, секако. Во поезијата: некогаш сакам да напишам песна од безделничењето, да пишувам поради здодевен комфор, атараксија, затоа што сакам да си играм со стиховите. Да не сум вљубена, да не сум здивена од неправда, никој да ми не недостасува, да не се грижам премногу и да не знам колку Светот е страотно место… Само сакам да ја чувствувам имагинација што се прелева низ мене. Мислам дека моите песни беа рекција на мојот дух, одбрана од нешто, или борба за слобода, напор нешто да спасам во себеси, одговор на некоја драматуршка пречка.

 

КАКВА ПОЕЗИЈА ОДЛУЧУВАШ ДА ИЗБЕРЕШ КОГА ПРАВИШ АНТОЛОГИЈА?
Сé почна со имагинарните антологии што ги правев во главата од раната младост. Дома дури си играв со редењето на книги по полиците според некој мој принцип, им давав смешни наслови. Полицата со лингвистика се викаше „О, Бетина, оскорушо моја“,  според Бетина вон Арним, писателка и муза на ромнатичарите или полицата за херменвтика „О, Рене, ти мене ме разбираш“, тоа Хајдегер му го вели на Рене Шар и така понатаму. Во врска со мојата прва антологија, со наслов „Малата анатологија на непримерени песни  за ранливоста“, концептуализирана е по содржина, за поетиката на повоената лирика во Босна, читајќи со години, еднаш ми се појави еден заеднички именител. Тоа беше нов вид на ранливост, нов вид на болката, преобрзена во изразност. Една прочистена болка, ама недовршена, како самите автори да чекаат раната да им зарасне и потоа со ноктот да ја откорнат корката од зараснатата рана. И така почнав да го истражувам тој вид на автори, па не ми беше важно дали се наградени, дали имаат сериозни референци и слично. Сега ја завршувам новата антологија, ама е за „примерните песни за гневот, вистината и нежноста“, за младата лирика во Босна и Хрецеговина, на генарацијата која нема допирни точки со ништо што пред нив се беше создавало, сосема се отцепени од традицијата, тие се со нова метафизика, безнадежни го опевуваат нивниот „осакатен свет“. Тоа е некој вид на антиципација на новата поетика. Всушност, пак ризикувам.

 

КАКВА Е ПОЗИЦИЈАТА НА ЖЕНАТА ШТО ПИШУВА ПОЕЗИЈА ДЕНЕС?
Анксиозноста на денашните авторки се разликува од таа на авторките кои твореа во минатите векови, каде што патријархалниот модел им наметнуваше дихотомија чиста-ангелска жена/ наспроти жената бунтовничка-лудача. Каде што на жените им се судеше според овој модел. Во врска со бунтовноста можеби е естетизиран и дизјаниран нов вид на побуна. Наидувам на безрезервни, нескротливи, дрски авторки, безмалку ме потсетуваат на авангардата кога се појави. Но, сега, зад нив стои и моќен штит од феминистичката критика. За среќа.

 

СÉ ИМА СВОЈ ГЛАС. КАКОВ Е ГЛАСОТ НА ПОЕТИТЕ ДЕНЕС?
За промена, сакам поетите да ги споредувам со архитектите. Колку сум повозрасна, повеќе ме фасцинира архитектурата на делото, поточно структурата. И можеби ќе успеам да пронајдам некој поет што е питагореец како Браманте или песната да му лебди, да е закривена, како да ја пишувала Заха Хадид, органски сплотена со пределот, како зградите на Лојд Рајт, фантазмогорична како  некоја „каза“ на Гауди…  Сé има  своја архитектура, а за мене формата секогаш ѝ претходи на содржината.

-СЕИДА БЕГАНОВИЌ-

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија