ЗБОРОВИТЕ ВО ПОЕЗИЈАТА НЕМААТ ЕДНО ЗНАЧЕЊЕ, ТИЕ ИМААТ БЕЗБРОЈ ФОРМИ. КАКВИ СЕ НИЈАНСИТЕ НА СТИХОТ?
Нијансите на стихот се секогаш различни, проникнуваат од контекстот и се преплетуваат со него, стануваат флуидни и ја шират својата импулсивност во рамките на целиот систем на песната.
ДАЛИ НА ПОЕЗИЈАТА Ѝ Е ПОТРЕБНА МЕТАМОРФОЗА ДЕНЕС?
Поезијата се менува и самата од себе во согласност со различните историски предизвици, кои ѝ се иманентни на нејзината суштина – да се надминат сите премрежиња и да се сочува оганот кој ќе ни го загрее и ќе ни го стопли огништето. И денес ја исполнува успешно таквата своја задача.
КАКВО Е СПИРИТУАЛНОТО ПОСТОЕЊЕ НА ПОЕЗИЈАТА?
Непорекливо. Поезијата е наедно и жанровска дисциплина, но и немирен изблик на духот, кој знае редовно да облагородува.
ДОКОЛКУ ИМАШ АЛАДИНОВА ЛАМБА, КОЈА ОПШТЕСТВЕНО – КУЛТУРНА ПРОМЕНА БИ ЈА ПРОМЕНИЛА?
Би настојувал да се врати хуманоста во дехуманизираниот свет, бруталноста би ја заменил со емпатија. Би посадил добрина за љубов да никне.
СТИХ ШТО СЕКОГАШ ЌЕ ГО ПАМЕТИШ?
Да си благословена неизмислена земјо од поетите!
–ЗВОНКО ТАНЕСКИ-

