ЛИДИЈА ДИМКОВСКА

ПОЕЗИЈАТА ИМА СОПСТВЕНА ЦЕЛИНА. КАКО СЕ РАЗОТКРИВА ТАА ЦЕЛИНА?
Во сопствените фрагменти, пукнатини, разделености, во празнините меѓу стиховите, меѓу зборовите, меѓу видливото и невидливото, напишаното и заумното, решетката и слободата, копното и морето, морето и небото, како нишка што ги поврзува или ги кине духот, душата и телото, битието и небитието, животот и смртта. Поезијата е целина само кога распарчува.

 

ПОЕТ НА КОЈ ПОСТОЈАНО МУ СЕ НАВРАЌАШ И ЧЕСТОПАТИ ГО ЧИТАШ?
Марина Цветаева. Повеќе е од читање, повеќе од живот. Заради Марина Цветаева научив руски и ги следев нејзините траги од Москва до Елабуга, од Берлин до Фрајбург и до Прага, од стих до стих, од реченица до реченица, од себе до неа, од неа до себе.

 

ПОЕТСКА КНИГА ШТО БИ ГО СМЕНИЛА СВЕТОТ?
Мојот свет го сменија сите поетски книги на Марина Цветаева.

 

КОЛКУ СТИХОВИТЕ НА ПОЕТИТЕ ЈА ПРЕНЕСУВААТ ВИСТИНСКАТА ПОРАКА?
Поетот/поетесата кога пишува не мисли дека испраќа порака. Песната е писмо до себеси, никогаш до другите. Ако се пронајдеш во неа тогаш е писмо и до тебе. Ама и тогаш пораката е за секого различна.

 

СТИХ ШТО СЕКОГАШ ЌЕ ГО ПАМЕТИШ?
Поетот оддалеку го доведува зборот / Поетот далеку го одведува зборот. (Марина Цветаева)

-ЛИДИЈА ДИМКОВСКА-

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија