СУЗАНА В. СПАСОВСКА

КАКВА Е ЕТИЧКАТА СТРАНА НА ПОЕЗИЈАТА?

Ох, па тоа е неверојатно стара тема – уште од Платоновите дијалози и мислењето на Сократ за поетите како луѓе низ кои прозвучува гласот на божественото. Согласно на тоа, божественото учи за светот на идеалните форми. Оној што може да ги спознае тие форми, може да ги пренесе во реалноста. Убавината, добрината, вистината, сето тоа може да се открие во поезијата. Не може поезијата да се занимава со бесмислени работи и тоа да се толкува како производ на имагинацијата. Во индиските списи е речено дека сѐ што можеш да замислиш постои. Тоа значи дека сѐ во светот си има смисла зошто постои. Мора да се дојде до таа подлабока смисла или длабинска суштина на нештата. Затоа мислам дека поезијата има одговорност пред самата смисла на постоењето – дури и да трага по одговорите за запрашаноста на светот пред бројните недоумици и загатки, поезијата треба да понуди не само едно поинакво толкување на светот од оној што само површно го знаеме, туку и да одговори на вечните прашања за љубовта, смртта, душата или на крајот, за самиот живот што е вреден за живеење.

 

КОГА ПОЕТОТ Е ПОСТОЈАНО СРЕЌЕН?

Постојана среќа – мислам дека тоа би било неверојатно заморна состојба за поетот. Тој мора да осцилира постојано меѓу двете крајности – тагата – радоста, среќата – несреќата, животот и смртта. Поетот е сведок на самото постоење. Среќен е оној автор кој е препознаен од својата средина по својата чувственост и мисловност. Или пак по својата поетска сликовитост – неговиот поглед на свет во кој е содржано не само неговото набљудувачко љубопитство туку и неговото сочувство со малите нешта – со детето што проси, со парковите што ги снемува од градовите, со обезмирисаните овошки. Тој треба да е некаков духовен предупредувач ако работите тргнале во погрешна насока. Можеби како некаков морален сигнализатор. По малку иронија никако не е на одмет во денешното време на оддалечување не само на човекот од Природата туку и на човек од човек. Прашањето на среќата не е врзано со улогата на поетот во неговата секојдневна реалност. Поетот е среќен само кога е свесен за космичките врски што постојат во светот, толку скриени за обичниот човек. Можеби должноста на поетот е среќата од тоа откривање на космичките тајни да ја пренесе во поезијата и да им ја доближи на другите.

 

ДАЛИ ВО МАРГИНИТЕ НА ПОЕЗИЈАТА СЕ КРИЕ СПАСОТ НА ЧОВЕШТВОТО?

Спасот на човештвото лежи во одговорноста на секој поединец. Дури се вели дека поради солза на макар едно дете ниту еден човек не би можел да биде среќен затоа што дозволил невино дете да страда. Оттука, спасот на човештвото тргнува од поединецот и од она што е тој во можност да го направи за оној до себе. Спасот од злото е битката на секој со самиот себеси. Но само оној што се соочил со своите стравови и сомнежи станал свесен за својата кревка природа. Таа кревкост на секого од нас ја покажува нашата ранливост за светот околу нас. Ранливоста пак ни ја развива чувственоста, што најдобро се изразува во поезијата. Поезијата не е некоја евтина забава за луѓето, како што тоа им се чини на некои. Пишувањето поезија не е составување на убави зборови и рими. Таа мора да пренесе порака за иманентната стварност на авторот. Таа е одраз на тоа што авторот мисли и чувствува за светот во кој постои. Култивирањето на духот е најдобро можно преку поезијата. Вечните теми на љубовта, смртта, омразата, војната, доблеста, добрината, убавината, сето тоа може да се најде во поезијата. Отсекогаш сум сметала дека поезијата ги чека своите посебни и посветени читатели, оние што имаат повисок степен на чувствување на себеси и на светот во кој постојат. Поезијата ги отвора сите сетила дури и за оние невидливи сили на природата. Без космичките врски, човекот е изгубен во големото човештво. Осаменоста води до отсеченост не само од другите туку и од сопственото битие. Само оние народи и култури што го негуваат култот кон поезијата како врвна мудрост не го изгубиле тлото под нозете ниту врската со своите предци и во тој дух ги воспитуваат и своите потомци.

 

ДОКОЛКУ ИМАШ АЛАДИНОВА ЛАМБА, КОЈА ОПШТЕСТВЕНО – КУЛТУРНА ПРОМЕНА БИ ЈА ПРОМЕНИЛА?

Можеби не би променила во смисла на тоа да се случи некое чудо или магија, туку попрво би ги осветлила сенките што се провлекуваат низ времето – сите оние премолчени, недопишани страници од историјата, особено културната или книжевната историја и тоа онаа што се однесува на женските творечки субјекти. Нам ни се чини дека женското прашање стана актуелно во минатиот век, но ако се погледне наназад во времето, може да се види дека таа битка за женската самосвест се водела цело време, особено тогаш кога женскиот глас за поинакво гледање на светот бил обезвреднуван и занемаруван. За тоа сведочат светските библиотеки во однос на присуството на жените во сите области. Мислам дека е дојдено време науката што се занимава со родовите студии да ги воведе во колективната меморија женските креативни умови вредни за паметење, за да станат дел од светското цивилизациско наследство.

 

СТИХ ШТО СЕКОГАШ ЌЕ ГО ПАМЕТИШ?

Најверојатно никогаш и нема да го заборавам нашиот Ацо Шопов и неговата безвременска минималистичка песна – „Ако носиш нешто неизречено/нешто што те притиска и пече/закопај го во длабока тишина/тишината сама ќе го рече“. Поезијата и тишината се нераскинливо поврзани, а се чини и поетот во тишината секогаш ќе ги бара одговорите за тајните на природата и Универзумот.

-СУЗАНА В. СПАСОВСКА-

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија