СЛАЃАНА АТАНАСОВА БОЈАНОВСКА

КАКВИ КОСМОПОЛИТИ СЕ ПОЕТИТЕ?

Зборот „космополит“ создава слика на богата личност, која е блиска на љубовта на моменталните околности од животот. Некој кој за себе си смета дека е еднаков со другите, не според  потеклото туку според човечноста. Токму такви се и интересите на поетите, обојувајќи ја поезијата  и спојувајќи се со вистина која е само една, а тоа е дека сме сите граѓани на светот во емотивна смисла. Поетите космополити, исполнувајќи се со различностите и спојувајќи се со она што го има дури и само во фантазијата, лесно може да се допре до него како да е нешто свое, нешто многу блиско на нас.

 

КАКВА Е РЕЛАЦИЈАТА НА ВНАТРЕШНАТА СЛОБОДА И НАДВОРЕШНОТО ОГРАНИЧУВАЊЕ ПРИ ЧИНОТ НА ПИШУВАЊЕ ПОЕЗИЈА?

Овој многу тежок збор „слобода“ содржи сам по себе слобода, внатрешна во поетот и надворешна слобода, која никогаш не е апсолутна. Внатрешната е онаа која е безгранична дури и во најтешките услови на креација и раѓање на поезијата. Надворешното не е она кое треба да влезе во тие рамки сепак зависи колку ќе му дозволиме.

Да се биде внатрешно слободен поет значи да се биде надворешно неограничен, дури и кога тоа изгледа невозможно.

 

КАКВО РЕШЕНИЕ СЕ КРИЕ ЗАД ИНДИВИДУАЛНОТО ПИШУВАЊЕ НА ПОЕЗИЈА?

Само индивидуалното пишување на поезија остава печат и белег на самиот поет. Се’ она што се меша со релации од неодамнешните прочитани, слушнати или видени целини или приказни кои потикнуваат на создавање се празни. Без разлика дали е тоа интуитивно, метафорички или по сеќавање ги изместувата границите на она што е порив кој што не тера да го ископаме од нас и она што сме мислеле дека не го знаеме.

 

КОЕ Е ВАШЕТО ИСКУСТВО ПРИ ПИШУВАЊЕТО ПОЕЗИЈА? ДАЛИ МОЖЕ ДА СПОДЕЛИТЕ НЕКОЈ НАСТАН ШТО ВЕ ДЕФИНИРАЛ КАКО ПОЕТЕСА И ЗЕШТО?

Ако не ја гледате вредноста на поезијата навистина нема потреба да  ја создавате. Јас почувствував дека поезијата за мене е нешто кое ми го зголемува траењето на денот, која може да ме стане од сон за да ја напишам на хартија, да ја пишувам додека сум на пауза на работа, во моментите додека уживам, тогаш таа го окупира мојот простор и целосно ме исполнува  со живот.

Она што ме дефинирало како поетеса можеби е она што сакам да им давам душа на предметите да ги оживеам оние мали нешта кои понекогаш се невидливи, а сепак постојат. Кога живеете приближно на некој начин постојано исто и она што ве опкружува поприлично ви е препознатливо лесно може да разберете се за себе. Па веројатно кога ќе погледнам било каде дури и во подот тоа да ме предизвика. Иако она наоколу повеќе зборува. На крајот на краиштата може да се живее и да се умре на поетски начин.

 

КОЛКУ МОЖЕ ДА БИДЕ МОЌЕН СТИХОТ?

Стихот не е само декорација тој е начин кој  раскажува своја приказна свои вредности издвојувајќи се од се останато. Стихот може да има многу значења. Кај секого да побуди поинакви емоции, сеќавања… Оттука различноста на неговата интерпретација која открива сопствено гледиште и е индивудуален чин кај ликот кој го восприма го прави моќен стихот  во секоја смисла на зборот.

-Слаѓана Атанасова Бојановска-

 

 

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија