КОГА СЕ НАМАЛУВА ОДГОВОРНОСТА НА ПОЕТОТ ПРИ СОЗДАВАЊЕ НА ПОЕТСКИ РАКОПИС?
Како што го почитувал поривот за да ги запише песните, поетот треба да чувствува одговорност – и кон себе и кон идните читатели – најпрво да го направи вистинскиот избор песни што ќе бидат обединети под заеднички наслов. Потоа да ги подели на соодветни циклуси, повторно именувани така за да одговараат на насловот на книгата. Мене отсекогаш ми било важно и сум го сфаќала како одговорност оформувањето, обликувањето на поетската книга како една добра, заокружена целина која раскажува приказна.
А што се однесува воопшто до одговорноста на творецот, таа никогаш не (треба да) се намалува. Зашто писателот не е одговорен само за световите што ги создава во своите дела, туку и за реалниот свет во кој живее и за луѓето со кој го споделува.
ДАЛИ МОЖЕБИ ПЕСНАТА МАНИПУЛИРА СО ПОЕТОТ ШТО ВЕЌЕ ЈА НАПИШАЛ ИСТАТА ПЕСНА? И НА КОЈ НАЧИН?
Попрво би рекла дека си вршат заемно влијание. Пишувајќи, поетот се преиспитува и длабоко ги преживува емоциите, настаните за кои пишува, и низ тој процес учи за себе и расте. А песната, пак, се случува да скршне од првичната замисла и да тргне во друга насока, но добро е сѐ додека кажува нешто важно за внатрешниот и за надворешниот свет на поетот. А откако е веќе напишана? Можеби некаква „манипулација“ се случува на ниво на разбирање кај различни читатели, зашто секој си ја толкува според личното искуство и своето поимање на работите.
КОЈ Е ЛИМИТОТ ПРИ ЧИНОТ НА ПИШУВАЊЕ ПОЕЗИЈА?
Нема лимит, самиот чин на пишување поезија ги брише сите граници. Најголемата од нив е онаа што самите сме си ја поставиле. И затоа себенадминувањето при творењето носи толкаво задоволство. Творам, значи практикувам слобода. Пишувањето, без разлика проза или поезија, ја губи смислата ако авторот се чувствува ограничен од најразлични (само)наметнати граници, кои многу често се однесуваат на тоа што ќе мислат или ќе речат луѓето, особено оние што ни се блиски или што би можеле да се препознаат во некое дело.
ДАЛИ Е ОЛЕСНУВАЧКИ ЧИНОТ НА ПИШУВАЊЕ ПОЕЗИЈА? И ЗОШТО?
Олеснувањето доаѓа затоа што конечно го запишуваш она што ти риело во мислите со денови. „Стиховите што се мачат да бидат родени“, како што ги нареков еднаш во една своја песна, се многу наметливи, постојано ти висат над глава, ти копкаат во потсвеста. И кога конечно ќе седнеш и ќе ги запишеш, чувствуваш олеснување. Од друга страна, знаеме дека чинот на пишување има терапевтско дејство, нѐ ослободува од потиснувачки мисли, од тегобни настани што нѐ мачат. Чинот на пишување е епифанија.
ДАЛИ СЕ СЛУЧУВААТ РАДИКАЛНИ ПРОМЕНИ ВО ПОЕЗИЈАТА?
Со радикалните промени во светот и во начинот на живот, неминовно е да се случуваат промени и во поезијата, зашто таа е наш одраз на времето што го сведочиме. Во последните години забележливо е дека поезијата повеќе се свртува кон надвор, зборува за големите светски теми и промени, за климатските и еколошките проблеми, за малиот угнетен човек, за војните, бегалците и маргинализираните. Меѓутоа сепак останува автопоетика, зашто сето она за што зборува поетот, е прекршено преку неговите чувства, емоции и сфаќања на нештата.
Поезијата самата по себе е радикална, како пројава на бунт, кревање на својот глас. Зошто инаку продолжуваме да ја пишуваме и да ја читаме дури и во најсуровите историски периоди?
-ВИОЛЕТА ТАНЧЕВА-ЗЛАТЕВА-

