МИЛЧО МИСОСКИ

КАКОВ Е ОБЛИКОТ НА ЕМОЦИИТЕ?
Емоцијата, тоа сме ние самите, човекот со целото негово битие, ние сме есенцијална чувствителност, ние пливаме во морето на емоциите.
Обликот на емоцијата е обликот на природата, таа е облик на животот во нас и околу нас, таа е тоа што го поседува секоја тревка, секоја капка, сè што живее во играта на темнината и светлината. Тоа е сликата на љубовта, која се отелотворува во постојаното создавање na нови светови.

 

КАКОВ Е ПОРТРЕТОТ НА ПОЕТОТ ВО СЕГАШНОСТА?
Поетот е човек што живее со другите луѓе. Тој ја сака и сочувствува со својата средина. Поетскиот збор е врскатa со човековата свест, во поетските слики живее поетската општествена свест, која по природа е независна од времето што постои „само во овој момент“, зашто таа постои во зборот – трансвер на чувственото искуство на човекот што живее во постоечката сегашност.

 

КОЛКУ Е ЉУБОПИТЕН ЧИТАТЕЛОТ ЗА ПОЕЗИЈА ДЕНЕС?
Мислам дека денес поезијата се наоѓа на маргините од општеството и културата во него. Денес со сѐ поголемата модернизација на светот доаѓа до сѐ поголема деперсонализација на човекот и на тоа што тој во суштина представува. Можеби денес потребата од поезија е поголема од кога да било, земајќи ја во предвид нејзината творечка и интуитивна моќ со која се издига слободата на имагинацијата и изразот во јазикот, кој ги оплеменува вистинските човечки вредности.
Поетскиот збор станува нужен во време на отуѓување, во време во кое како да се умртвени сетилата и стремежот кон возвишеното.

 

КОЛКУ ТРЕБА ДА Е ЉУБОПИТЕН ПОЕТОТ ВО ДЕНЕШНО ВРЕМЕ?
Љубопитството, како и љубовта, не умира, желбата да се спознае стварноста и ние во неа и таа во нас е бесмртна. Тоа е суштественост на поезијата. За поетот, поезијата е нужност. Таа е обид да се спознае стварноста на начин што е длабоко различен од вообичаениот, таа е израз на минатото, сегашноста и иднината што се живее.

 

СТИХ ШТО СЕКОГАШ ЌЕ ГО ПАМЕТИШ?
Кинескиот поет Лутцци во 300-та година од н.е. го осудиле на смрт. Пред смртта тој напишал една песна за улогата на поетот, под наслов „Фу“.  Меѓу другото во неа напишал: „Поетот е оној што во кафезот на формата ги поврзува небото и земјата давајќи им значење. Ние, поетите, се бориме против непостоењето, принудувајќи го да произведе постоење“.
Овие стихови се можеби одговор на сите прашања што можат денес да се постават во името на поезијата.

-МИЛЧО МИСОСКИ-

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија