ИГОР ТРПЧЕСКИ

МЕ ИНТЕРЕСИРА НЕСВЕСНИОТ ДЕЛ ПРИ ПИШУВАЊЕТО НА ПЕСНАТА. ШТО Е ТОА КОЕ ТЕ ОДВЛЕКУВА ОД СТВАРНОСТА ПРИ ПИШУВАЊЕТО ПОЕЗИЈА?

Кога ги гледам своите песни, скоро и да не гледам несвесен дел во нив. Јас пишувам со силен мотив и секогаш сакам да бидам разбран од секого, во секое време. Јас, не само што не бегам од реалноста, туку напротив, се обидувам да ја подвлечам и истакнам токму онаа, која сакам да ја опишам или критикувам. Така што, мене ништо не ме одвлекува од реалноста во пишувањето поезија, туку ме повлекува длабоко во нејзината суровост и сушност.

 

ДАЛИ ИМА СОЛИДАРНОСТ МЕЃУ ПОЕТОТ И НЕГОВАТА ПЕСНА?

Ако е така, тогаш тоа е комерцијална поезија и јас тоа не го почитувам. Авторот не треба да се солидаризира со ништо, а најмалку со својата песна. Мојата поезија е апел, повик за промена, крик од длабочината на душата, и опомена и прекор за недостатоците со кои се среќаваме. Сепак, јас пишувам активистичка или СЛЕМ поезија, која треба да ја забие вистината в лице, а не да ја каже во бели ракавици.

 

ЗОШТО СЛЕМ ПОЕЗИЈА?

И токму поради погоре пишаното е потребна СЛЕМ поезија. И токму затоа, таа зема се поголем замав и кај нас и во светот. Затоа што еднаш засекогаш треба да се кажат работите онакви какви што се, без страв од последиците и со силна верба дека некој слуша, чита и се надева дека, ПОЕЗИЈАТА ќе го промени светот.

 

КОЈА Е ПРЕДНОСТА ДА СЕ ЧИТА ПОЕЗИЈА?

Па, зарем читањето има недостатоци? Можеби предност е само тоа што поезијата е сублимат на едно опсежно истражување, за во неколку стихови да може да се раскаже цел еден живот или светоглед.

 

СТИХ ШТО СЕКОГАШ ЌЕ ГО ПАМЕТИШ?

Стигнавме и до најтешкото прашање, за милион долари. Знаете, јас сум пред се актер, потоа режисер и најнакрај, овде признавам дека, никогаш не сум се нарекувал себе сѝ ПОЕТ! Но, се разбира дека имам многу стихови и автори, кои ми се вртат како изгребана плоча во главата и ги паметам повеќето, засекогаш. Тука се песните на Рацин, Конески, Миладинови, Јозо Т. Бошковски, Ристо Ѓ. Јачев, Тихомир Јанчовски, па отпеаните стихови на Бранислав Николов, Ристо Вртев, Сашо Гигов – Гиш, Игор Џамбазов, култните песни од Анастасија, Мизар, Леб и сол, Чиста околина, САФ, МОЗАИК со братот Веле Солунчев, СИТЕ МАКЕДОНСКИ ЕВЕРГРИНИ и да не продолжувам оти, може не е БЕСКОНЕЧНА листава, но навистина ги има премногу, а засега ги споменав само НАШИТЕ и тоа БЕЗ оние од БИВШАТА ни ТАТКОВИНА, ниту пак европските и светските автори… Нека ми простат сите што не ги споменав… Хм, сега забележувам, дека не сум споменал ни една дама, што навистина не е праведно, па тука се и: Катица Ќулавкова, Светлана Христова Јоциќ, Катерина Батаклиева, Снежана Стојчевска, Д.А.Лори, Елена Пренџова, Ана Бунтеска, Ива Дамјановски, Биљана Стојановска, Филипа Сара Попова, Цветанка Колева и ти Драгана… Сега веќе забегав, а би сакал да го цитирам мојот драг пријател и редок СОБЕСЕДНИК Перица Сарџоски со песната КОЈ СУМ ЈАС, во која совршено се препознавам и себе и цела една генерација од минатиот век.

„Ме прашуваш кој сум? Право ќе ти кажам!
Прашинка сум трошна што смогнала сила
од здивот и мислите да сочини збор…
Да се исперчи стасно пред сонцено јасно
и да заигра со земјата барем некој круг…
И дур вие орото дур се редат сватојте
потајум да испее и по некој стих…
Не би ли ги тајните сокрил пред црвите да би ги гостил
и оставил белег сјај сред овој минлив рај…“

-ИГОР ТРПЧЕВСКИ-

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија