ДАЛИ СИТЕ ПОЕТИ ПИШУВААТ ЕДНА ИСТА ПЕСНА? (Според тезата на Борхес за писателите, кој вели дека сите писатели пишуваат една иста книга)
Ако Борхес мисли дека секој автор ја пишува својата вистина, тогаш можеби можеме да речеме дека сите ние пишуваме една иста книга… Но веројатно тоа е така за дел од авторите, барем за тие што го поминуваат тестот на времето и оставаат зад себе дела со трајни вредности, дела што формативно влијаат врз нивните читатели, дела што пленат со нивната единственост и автентичност, што ја пренесуваат авторовата вистина доволно за да препознаеме дека можеме да се поврземе со неа, дека е блиска и до нашата, но и доволно своја за да знаеме дека сечија приказна и вистина е како ригите на тигрите или на зебрите, никогаш идентична. Сепак, никој од нас не е константа, ние сме како река во која секој миг протекува некоја друга вода, се менуваме, некогаш толку многу што по некои настани што се случуваат во нашиот физички или интимен/ментален живот веќе не сме истите, па таа вистина може да е целосно поинаква од претходната, колку што ќе биде и од сите што следуваат, а тоа прави букет вистини, ниту една лага. Лагата може да послужи само како утешна награда за неталентираните писатели.
КОЛКУ Е ЉУБОПИТЕН ЧИТАТЕЛОТ ЗА ПОЕЗИЈА ДЕНЕС?
Ни читателот не е еден, како што не е и писателот. И не знам колку биле љубопитни некогаш, ниту знам колку ќе бидат во иднина… но денес ги има, и им се радувам, ги сакам, ги почитувам и им благодарам што читаат поезија.
КОЛКУ ТРЕБА ДА Е ЉУБОПИТЕН ПОЕТОТ ВО ДЕНЕШНО ВРЕМЕ?
Не само поетот, човекот воопшто треба да е љубопитен, сега, секогаш и во вечни векови! Според мене, човек може да умре двапати, еднаш вистински, но некои од нас и еднаш претходно, кога ќе ја изгубиме љубопитноста… очудувањето, во мигот кога ќе помислиме дека сѐ знаеме и сѐ сме виделе, кога ќе престанеме да учиме.
ДОКОЛКУ ИМАШ АЛАДИНОВА ЛАМБА, КОЈА ОПШТЕСТВЕНО – КУЛТУРНА ПРОМЕНА БИ ЈА НАПРАВИЛА?
Би нашла начин да се исчисти планетата од сето ѓубре (а и нејзината орбита)… Би нашла решение за ѓубрето на начин што тоа нема да зависи од совеста на луѓето, оти не сум сигурна дека дури и со Аладиновата ламба ќе можам да поправам нешто таму.
СТИХ ШТО СЕКОГАШ ЌЕ ГО ПАМЕТИШ?
„Верувам во тегобата / што на сите јазици / исто се премолчува“ од Андреј Ал-Асади се неколку стиха на кои често се присетувам.
-Јулијана Величковска-
ФОТО: Civette Production
