СЛАВЕ ЃОРЃО ДИМОСКИ

ДАЛИ ПОЕЗИЈАТА Е ОГЛЕДАЛО НА НАШИОТ ЕМОТИВЕН ПОРИВ?

Тоа е порив, бидејќи смислата пишување поезија денес е да се врати некој понор одамна изгубен во нас, да нѐ придвижи, да не запраша каде и во каков свет живееме. Зборовите во поезијата треба се кодови на таинствениот јазик на срцето, а не на разумот, зборовите треба да нѐ уверат во трансформативната моќ на поезијата. На некој начин поезијата е скриена слобода во нас и е во постојано напор да се открие. Стиховите можат да се сфатат и како психолошка реакција на она што се случува во нас и околу нас.

 

МАПА КАКО МАЛ МОЛИТВЕНИК: КАДЕ Е МЕСТОТО НА ПОЕЗИЈАТА ВО МАПАТА НА СВЕТОТ?

Пишувањето поезија денес е чин кој им се спортивставува на постулатите на денешниот свет на популизам. Денес улогата на поезијата е да нѐ врати кон самите нас, да нѐ принуди да си поставуваме прашања за светот во кој живееме, но и да нѐ учи како поново да го гледаме и откриваме тој свет. И ако гледаме каде ѝ е местото на мапата на светот, ќе констатираме дека местото ѝ е таа да биде сопатник на интелектуалниот напор во вешто поставување прашања, истражувачка храброст и критички однос кон овој дехуманизиран свет.

 

ПО ШТО СЕ РАЗЛИКУВА ПОЕТОТ ДЕНЕС И ПОЕТОТ ВО МИНАТОТО?

Поетот во сите времиња се соочувал со тегобни апсурдни ситуации, но во минатото имал моќ нешто и да промени или да биде во раководниот врв на општествените системи, или пак со својата поезија да предизвика бура во политичката јавност, како што било во тоталитарните режими. Поетот денес, во овие немилосрдни потрошувачки системи, како да е оставен сам на себе, но убеден сум дека новата поезија, често со длабок сарказам и иронија ѝ се одмаздува на ерата што ја придушува и еден ден ќе претставува документ за ова нехумано време. Поетот се надева дека оваа сцена на сегашноста е времена.

 

КОЛКУ Е ЉУБОПИТЕН ЧИТАТЕЛОТ ЗА ПОЕЗИЈА ДЕНЕС?

Можеби денешниот читател чувствува умор од лирика. Но ако се чита поезија и ако таа допре до секоја клетка, „љубопитниот“ читател своето чувство, својата внатрешност ќе ги постави како паралелни огледала – бескрајно умножувајќи го задоволството во поетскиот текст. Но поезијата од читателот бара и дополнително креативно учество во читањето, придвижување на дополнителна асоцијативност и промисла, за разлика од прозата, на пример. Дури, хипотеички, и да е еден читател, ако се  исполнето неговото задоволство, тој не ќе е редок читател.

 

СТИХ ШТО СЕКОГАШ ЌЕ ГО  ПАМЕТИШ?

„Ноќта е црна Liebe Marija!“

-Славе Ѓорѓо Димоски-

 

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија