ЗМИЈАРНИК, Тања Ступар Трифуновиќ

ВО ОСТРОТО ПЛАДНЕ

Птиците со клуновите ми го изедоа воздухот
во острото пладне на сонцето му растат жешки заби
во крвта и во месото ми се вовлекува
низ пукнатините се наѕира пропаста на Картагина
кожата на врвовите на прстите почнува да боли
чекориме со високо кренати глави

Денот ни се крши пред очи
секоја има своја половина
ние една на друга сме си
раздени ме и стемни ме
утрото е каменот на сопнувањето
кој си ти во коските во косата зад лицето
кој тоа нè дарува на јазикот на гладниот ден
на комшилакот сме му залакот во устата
на коските изглоданото месо
на времето изедените часови

Сè уште трае ветрот на свечените разминувања
чемпресите се сè уште нежно занишани
и идиличните глетки кријат од нас
дека набргу ќе стигне пропаста
на телевизија гласот на водителот претскажува
нови поплави немаштија и болести
луѓето безобразно си се ѕверат во лицата
барајќи ја на нив слабоста на жртвата што со
задоволство би им ја бутнале в уста на лакомите богови

Нема сомилост меѓу луѓето
само меѓу животните
велиш додека ги тресеш мачкините влакна од црните панталони
Кога освојувачите ја окупирале Картагина
луѓето се продадени во робје
земјата е преорана и посипана со сол
ништо да не никне
Можеш ли да замислиш како
на олку жежок ден блескала земјата
под бедемот
како потта на нашата кожа
Не очекувај сомилост

Во острото пладне на сонцето му растат жешки заби
птиците со клуновите ми го изедоа воздухот
под ноктите ме пече солената земја на Картагина
ни во тебе како ни во другите освојувачи
немаше сомилост

 

НА ПРИСТАНИШТАТА СТОЈАТ ЛУЃЕ

Ќе доаѓаат и ќе заминуваат и ќе бидат пристаниште и голем брод
поезијата отсекогаш била и претскажување
ги сакав мажите и жените и љубовта и нејзините заблуди
а патувањата тие беа показател дека можноста се шири
во сите насоки и преку рабовите
Прекумерност рече мерејќи ги чекорите од креветот до вратата
прекумерноста е болеста со која сè исполнуваш
а месечината беше горе и морето долу
и пристаништето беше полно со луѓе што едни врз други си ги простираа очите
туѓите погледи ми го гребат тилот рече
сакам да се затворам во темна соба
и да чекам да минат забрзаните чекори на грабливците
и исплашеното дишење на нивните жртви
сакам да се вратам дома
куќите се поместуваа во маглата меѓу брдата
куќите беа место во змијскиот врзоп телото на едната ја голташе другата
куќите беа копнеж за место на пристигнување од патувањето
но ние немаме куќа
само брод и пристаниште во заливот за кои врзуваме очи
кога поаѓа кога се враќа ние сме дел од таа глетка
населени сме во можноста за доаѓање во можноста за заминување
кога влегуваш кога излегуваш од мене
на пристаништата стојат луѓе што го чекаат своето патување
што го чекаат големиот брод

 

ВРАНА

Кога само би можела да се населам во светот на девојчињата
да носам мали чевли како и тие
малечка сум малечка и сакам да се облекувам во шарени бои
кога само би можела да се прикрадам
во градините на нивните сништа
во бескрајот на фантазии и сништа за првиот бакнеж што повеќе потсетува
на допир на полжав отколку на дива страст
но тие од сè можат да создадат чудо
па секој невешт допир се распрскува во огномет на желби
и јас се распрскувам и се вртложам во него
и не можам да им објаснам колку добро ги разбирам
дека сум целосно нивна
сè уште можам да потрчам
со тие смешни нозе
со тој ’рбет свиткан од животот
сè уште би можела да прескокнам
понекоја замка
понекој камен
на патот
но кога од нивните грла
ќе излета весел вресок
од моето гракнува врана

 

СУШТИНИ

На железничката станица се смеат возови со скршени заби
нивните за’рѓани лица велат пристигна мирот
и сега никаде не патуваме и немаме обврски
да скокаме на секој свиреж и да ги параме нашите души
долж острата пруга
а секаде чекаат нечии чевли желни за нашата утроба
забрзано да скокнат внатре
доста ни е од гостопримство на сопствена штета
преубава наша старост и немоќ
што нè спакува во ова нежно пропаѓање
ние веќе не сме ни возови
ни старо железо
туку нешто помеѓу
што чека
да поприми подостоинствена форма
од вагоните за стока и вагоните за луѓе
и несреќниот означувач што вели дека сме
само превозно средство
веќе долго со провевот што ни дува низ уши
ветрот нанесува и по некоја мисла
дека секое суштество и секој предмет
чезнеат по своите суштини

 

ОД ПОЧЕТОК

Понекогаш светот треба да се измисли од почеток
како пред тоа ништо да не било ни поплави ни погроми
ни страшни вести на телевизија
ни вулкани што прашините од нашите тела ги разнеле далеку
толку далеку што не знаеме кој сè по светот носи честичка прашина
Понекогаш треба да се земе молив и одново да се нацртаат раце
и очи што ги гледаат нежните структури на битијата преку кои оние претходните преоѓаа со жестина на сечило насочено кон новата цел
Понекогаш треба да се откорне краста од стара рана
и наместо свежа крв во неа да се види езерото на животот
да се искапеш и самиот себеси да си кажеш добро утро
како да е прво утро и сите нови утра почнуваат од него
а сето пред тоа била голема ноќ во чиј мрак се зачнувал светот
зашто сите светови се зачнуваат во мрак а се раѓаат на светло
и бидуваат ведри нежни и искапени на почетокот
но потоа кога малку ќе потемнат кога уморот ќе се зачне
во секоја радост
кога птиците на грижата ќе снесат јајца во сите соби
кога главата ќе ми биде тешка како планета
придржи ја во дланките
раскажи ми бајка за кралчето што ги победува сите неволи
за жената чија великодушност го спаси нејзиното срце
за и моето себично срце да се почувствува спасено
да најде сили секое утро одново
да го измислува светот

Препев: Јовица Ивановски.
Книгата е во издание на ПНВ Публикации.

ТАЊА СТУПАР ТРИФУНОВИЌ (Задар, 1977) дипломирала на Филолошкиот факултет во Бања Лука. Објавила шест книги поезија, книга раскази, два романа и графичкиот роман „Морето беше мирно“ во соработка со Татјана Видoјевиќ (илустрации).
Преведена е на: англиски, шпански, бугарски, унгарски, германски, полски, словенечки, македонски, руски, чешки, дански, италијански и француски јазик.
Добитничка е на повеќе награди за поезија и проза, меѓу кои: Наградата на Европската Унија за литература (EUPL) 2016 г. за романот „Часовниците во мајчината соба“, наградите „Ристо Ратковиќ“ за најдобра поетска книга во регионот и „Милица Стојадиновиќ Српкиња“ за најдобра поетска книга напишана од жена на српски јазик, за стихозбирката „Размножување на домашните животни“, Виталовата награда „Златен сончоглед“ за најдобра книга објавена на српски јазик во 2019 година за романот „Откако си купив лебед“.
За стихозбирката „Змијарник“ ја освои наградата „Васко Попа“ за најдобра поетска книга објавена во 2022 година.

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија