КОГА ПОЕЗИЈАТА ИМА ЕСТЕТСКА ВРЕДНОСТА?
Денес се соочуваме со време во кое поезијата доживува експанзија како никогаш претходно. Тоа е така затоа што во нашата држава веќе секој што ќе стигне пишува поезија што лесно успева да ја пласира преку социјалните медиуми. Со таквиот квантитет само се губи квалитетот на тоа што е поетска и естетика на вредна, поетска стихозбирка. Во ваквото намножување на публикуваните поетски книги од „поетите со хоби“ се доведуваме во ситуација навистина да ни биде тешко да ја издвоиме естетската вредност на поезијата создадена од книжевни ерудити и „поети по вокација“. За да говориме дека една песна има естетска вредност сметам дека треба да биде напишана на литературен, богат и чист јазик. Потоа важни се референцијалната функција т.е. темата и начинот на кој поетот пристапува кон поетскиот предмет, поетската функција што е во дослух со фигуративната функција на јазикот. Поезијата има естетска вредност само тогаш кога остава трајни вредности во јазикот, културата и меморијата на македонскиот народ.
ДАЛИ ИНДИВИДУАЛНОСТА НА ПОЕТОТ СТРАДА ОТКАКО ЌЕ СЕ ОСЛОБОДИ ОД СОПСТВЕНАТА ПЕСНА?
Поезијата на секој поет е тесно врзана со неговиот внатрешен, духовен живот и неговите лични вредности и убедувања. Поезијата е индивидуален израз, но и раст на секој поет индивидуално. Затоа навистина е тешко да се издвои личниот, интимен свет на поетот од неговото персонално секојдневје. Секој поет со поезијата создава траги и мемории, а со тоа и ги ослободува неговите интимни светови, внатрешни битки, желби, трагања, егзистенцијални потраги и слично. Сметам дека песната е поетско легло за слобода на секој поет, но мислам дека не страда индивидуалноста на поетот само тогаш кога поетот ќе создаде песни со колективни вистини и универзални пораки кои се упатени до широкиот колективен аудиториум. На тој начин личната порака е спакувана како колективна порака и коректив на колективната стварност.
ВО ВРЕМЕ ВО КОЕ МАТЕРИЈАЛНИТЕ ВРЕДНОСТИ СЕ ВО ПРЕДНОСТ ПРЕД ДУХОВНИТЕ, ПА ДУРИ И ЕМОТИВНИТЕ, КАДЕ СЕ НАОЃА ПОЕЗИЈАТА?
Живееме во свет во кој доминираат материјалните вредности или потребата „да се има“ пред потребата „да се биде“. Во условите во кои секој се бори да опстане и да приграби материјални добра се соочуваме со материјализација и банализација на самата поезија. Така некои луѓе пишуваат за да стекнат личен статус на инфлуенсери, да заработуваат преку реклами како мотивациони говорници, да направат превод на делата на повеќе јазици, книжевни проекти и фестивали ит.н. Поезијата е многу повеќе и е над секоја материјализација. За да се пишува поезија треба пред сè да се има безусловна љубов.
КОИ СЕ НЕПОЗНАТИТЕ СФЕРИ ВО ПОЕЗИЈАТА?
Херметизмот, симболите, моќта на необичниот фигуративен говор и зборообразувањето секогаш ме асоцираат на непознатите сфери во поезијата. Тоа се скалила што се недостапни и невидливи со голо око, а секој поет како љубопитен трагач и преиспитувач на граничните состојби сака да ги достигне и осознае преку стиховите што ќе ги напише. Преку новите збороформи поетот создава нови сфери во поезијата и во збогатувањето на јазикот, а со тоа се отвора кон новите уметности.
КАКВА ПОЕЗИЈА ДЕНЕС МУ Е ПОТРЕБНА НА ЧОВЕШТВОТО?
Сметам дека на човештвото му е потребна силна, остра, деконструктивистичка и скокотлива поезија што нема да биде блед конформизам на реалните случувања, туку ќе биде остра критика на негативните општествени состојби (војни, поплави, земјотреси, вируси) и на слабостите во човековото секојдневие (незадоволството, безизлезноста, нехуманоста ит.н.). Човештвото денес се соочува со апокалиптични регресивни слики од минатото и во сегашноста се соочува со многу негативни состојби и опстојби. Затоа сметам дека на човештвото му треба поезија со порака на хуманизам, човекољубие и вербата во надежта за подобри, посветли и свилени времиња.
МАРИНА МИЈАКОВСКА

