ПОТОПЕНИ СТРАНИ
Секогаш верував во менливата кожа
на првите митови.
Светот се раѓа од зрно грашок,
та одеднаш умира во мрачните витли.
Одново се раѓа космосот,
новороденче кое со стаклени очи
нè гледа и нè уверува
во пламеното создание.
Секогаш верувам во минливата кожа
на последните митови.
Го оптегнувам лигавиот лак
врз гологлавиот меур.
Денес векот се дави во врелите води.
Спас ни нема!
Новиот Ное
од коработ што тоне,
се лаже себеси
дека овде и сега
пред нас
се спружила вистината.
СВИЛЕНИ ВРЕМИЊА
Сведоци сме
на нови свилени времиња.
Старите мајки не раѓаат стројни синови,
кревките ќерки не се ко патријархалните мајки
свиени околу оџакот од семејниот дом.
Скинат е стариот црвено-бел конец
од каделата со која баба ми
везден пред огништето
ги крпеше парчињата време
од денес за утре.
Дедо ја ставаше капата на седата коса,
со ловечката пушка се пушташе
по планињето во лов на диви зајаци.
Сведоци сме на скржави времиња.
Во стаклените пајажини
стојат само
свилените пајаци.
СИДРО СО ЗЛАТНА ПРАВ
Перодршката сон
се натоварила во буков брод.
Кревкиот кормилар плови
по морските хоризонти.
Се бори со обрачите
обоени бранови.
Сакам да го најдам
скриениот сопатник во времето
да се закотвам.
Го зафрлам сидрото со златна прав
во врелите води виделина
до бесконечност,
отаде границите,
отаде јаството ограничености.
ВОДЕН ТАНЦ
Во тврди метафори
ги облекувам
никнатите булки.
Со црвени ѕидини
ги опколувам
бездомните кукли.
Во лабавите коси
ветрот им носи
прашинка надеж.
Во животот вреди
да се чека и
љуби во чекор.
Без чемреење
го тркалам
сребреното сидро
да се стопам со
свилениот играч.
ЦРВЕНИ ВИСТИНИ
Во сите голтки
собрана е
главата на вистината.
Со смрзнати очи
го гледам
прозорецот на младоста.
Кога е запечатен умот
од вратите на распаднатиот свет
седнувам на карпата
да ги соголам свенатите лушпи
на лудиот камен.
Во секоја црвена бразда
од вените на црвените вистини
ќе истечат капки љубов.
Виното ги засладува горчините
на јазичните прогонства.
СТРУНА
Секој има ѕвезда
што му паднала од небото.
Мојот ѕвезден белег врз ногата
е свила стихови.
Се свивам себеси наоѓајќи
вонсериска сила
во соларните светилишта.
Не ме уништува ниту
распалениот огнен јазик.
Низ воздушестите прашинки
вдахновено летам
се возвишувам себеси.
Сега повеќе од кога било
научив да пливам
во сопствените води.
МАРИНА МИЈАКОВСКА (1984) е писателка, научен истражувач, виш библиотекар и преведувач. Taa e доктор на филолошки науки. Насловот на нејзината докторска дисертација е Écrituré Féminine и романот: прилог кон феминистичката теорија на жанрот. Од 2013 година таа е членка на Друштво на писателите на Македонија. Мијаковска е член на Управниот oдбор на ДПМ (2022-). Марина Мијаковска е дел од редакцијата на списанието „Стожер“ што го објавува Друштво на писателите на Македонија. Taa е авторка на 15 книги. Пишува поезија, проза, есеи и литературни критики.
Поетски книги: „Номадска душа“ (2010); „Куфери“ (2013); „Психоаналитичка алхемија од страсти“ (2013); „Тиркиз во лето“ (2015); „Постела на тишината“ (2015); „Коскена“ (2019), „Oqueani и grave“ (2020 избор со поезија на албански јазик); „Свилени времиња“ (2024); “Poems” (2024, поезија на англиски јазик во коавторство со Sourav Sarkar) и стихозбирката за деца „Новогодишни детски песни“ (2017). Прозни книги: „Куќички“ (2014) и „Приказни од Пајко Маало“ (2021). Критичко-есеистички и научни книги: „Жанровски полимер“ (2016); „Модели на родовата идентификација“ (2018) и „Écrituré Féminine и романот: прилог кон феминистичката теорија на жанрот“ (2020). Книжевни награди: Специјална награда на „Поетските вечери во Корча“ (2012); „Караманов“ (2013); награда „Крсте Чачански“ (2014); „Бели мугри“ (2015) и награда „Даница Ручигај“ при ДПМ (2019). Мијаковска е активен промотор и модератор на книжевни настани. Таа е авторка на дигиталната изложба „Жените во ретката периодика“ (2024).