СОБРАНИ ОСТАТОЦИ ОД СВЕТОТ
1.
Секое утро и секоја вечер
во обид да создадам идеален живот
чергата пред прагот ми открива
сноп влакна и кружно огледало.
Ѓубренцата под нив погласно ја зашепотија
својата преживеана мантра
за мене и случајниците,
да нѐ загушат во амбисот
чии корени се вдлабени во сржта
на незапрашеното несвесно.
2.
Непознати тела трчаат во круг
на таванот.
Неповикано ја напрашуваат
празната чистинка сред собата
каде што ненаспаниот куќен совет
одлучува за судбините
на поскапениот самрак.
Стрвни за власт,
ја грабнуваат прашинката
од мртвиот презир
и лакомо умираат.
ПЕШАЦИ
Мајка ми чекаше да се вратам дома
да ѝ раскажам за шумот што го правеа
некогашните патници, упатени кон
автобуските станици или аеродроми
во надежна потрага по себеси.
На враќање, сфатив што значи
тој шум, особено
кога истиот се всели
во нашиот од.
ГЛАСОТ НА ПЛАНИНАТА
Одлетај кон крошната на Кожуф,
закити го тоа тело со лорандит
и носи ја неговата тајна во себе.
Биди канџест натрапник:
ширнокрилест сокол
што го брани својот плен
со гласот на планината,
та крикни погласно од лав
што ‘ржи за ширини свои.
Мавни со крилјата ти, ангелу извишен!
Одвеј ги ситните прашинки
назад, во туѓите очи.
Намали им го нивниот долгоод,
дари им кусоглед –
да молат за грам вид
од другата страна
на твоето тло.
СТРАВ ОД ПЛИМА
Месечината ја повлекува водата наназад.
Ја придржува над живиот свет, загорен
за повеќе од капка-две свеж, планински здив
што се спуштил на нулта надморска височина.
И оние раситнети камчиња во песокот
се загледани горе, кон Млечниот пат
(сакаат и тие да го зграпчат меѓу нив).
Далеку е, зазмиорен е на небото како
фатаморгана, а не е ни пладне.
Што сѐ видел човек во минатото,
кога и зракот светлина што прос’скува
откај вечерните ѕвезди на ловецот Орион
е подјадена, согорена глетка?
Само во болежлив час годи приодот на
пенест бран. Ниту повеќе, дотолку и помалку –
са ноќ жубори над покорените гадинки,
давајќи им простор за поробенички крик.
ЗАВЕТНИЦИ
Еднолично вперени кон себеси
го корнат семејниот фитил и го палат
во ритамот на паганската потсвест,
се лулаат да земат сила –
од светилка да направат силуета.
Нивната празнина отсликува цели народи
и дел од идните поколенија,
зашто на прсти им се бројат
верните на селидба
во душата на огнот.
ПЕПИ СТАМКОВ е роден на 7.6.1999 во Скопје, иако поголемиот дел од неговиот живот го поминал во Гевгелија, каде завршил основно и средно образование. Дипломирал во 2023 година на Катедрата за македонска книжевност и култура, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Пишува поезија, есеи и книжевна критика. Неговите песни се објавени во стихозбирките „Метрички карван“, во електронските списанија „Репер“ и „Елементи“, како и во најстарото македонско книжевно списание „Современот“ (каде, покрај песните, објавил неколку есеи). Коорганизатор е на второто издание на фестивалот „Коронијалс“. Добитник е на наградата „Блаже Конески“, која ја доделува Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, за есеј на тема: „Раскажувачкото мајсторство на Блаже Конески“. Денес живее и работи во Скопје.
