БАЈАЧКИТЕ ОБРЕДИ КАКО ДЕЛ ОД МАКЕДОНСКАТА НАРОДНА КУЛТУРА, м-р Ана-Марија Бранѓолица

БАЈАЧКИТЕ ОБРЕДИ КАКО ДЕЛ ОД МАКЕДОНСКАТА НАРОДНА КУЛТУРА од м-р Ана-Марија Бранѓолица
Главен уредник: Драгана Евтимова
Лектура: Елизабета Коневска
Дизајн на корица: Мите Спасовски
Технички уредник: Мартин Георгиевски
Книгата е објавена со финансиска поддршка од Министерство за култура и туризам на Република Северна Македонија

ИЗВАДОК ОД КНИГАТА:
Баењето и шаманските практики
Шаманизмот се смета за една од најстарите практики на светот, а археолошките истражувања покажуваат дека шаманските техники се стари најмалку 20 000 години. Шаманите се духовни советници, личности што комуницираат со светот на духовите, со светот на предците, со  животните и  со билките. Тие се свештеници – медијатори, посредници меѓу луѓето и природните/натприродните сили, пророци и исцелители (во многу архаични општествени структури, шаманите ги нарекуваат  „medicine mаn“).
Според М.Елијаде, шаманизмот е всушност прастара техника на екстаза.  Една од главните карактеристики на шаманското мистично искуство е тежнеењето кон рајот, обидот да се совлада издвоеноста во којашто се наоѓаат човечките битија. Влегувањето во екстаза и духовното патување во горниот или во долниот свет, најчесто се презема заради обраќање кон духовите за помош или заштита. Шаманот е свештеник, тој е лекар и духовен водач на своето племе. Шаманите играле значајна улога при одбраната на заедницата од мрачните сили и злите духови. Шаман е тунгуски термин што преку рускиот јазик навлегол во останатите светски јазици и како синоним за шаман се користат термините „маѓепсник“, „врач“ или „medicine man“, а во насока на нашите теории нема да погрешиме ако меѓу синонимите го сместиме и терминот „бајач“, во своето основно значење што се употребува на овие простори.
Двата најчести начина да се стане шаман се следниве: со наследно пренесување на оваа функција или преку вродена дарба (внатрешен повик, избор). Иницијацијата најчесто започнува со состојба налик на некое душевно заболување, преку паѓање на шаманот во повеќедневен транс, а честопати идниот шаман сонува иницијациски соништа во коишто добива порака дека ќе стане шаман. Доколку иницијацијата помине успешно, шаманот станува единственото човечко битие во своето опкружување на коешто му се познати патиштата кон горниот и кон долниот свет и единствениот кој може да ги помине овие патишта.
„Шаманизмот“ опфаќа традиционални верувања дека со светот владеат непознати сили и душите на мртвите, со коишто може да општи само посебно обдарено лице – шаман кој низ низа постапки и практики знае да дијагностицира, лекува, да ја упатува заедницата околу поднесувањето жртви и да ги испраќа душите на мртвите на другиот свет. Се верува и дека шаманите се лица што се способни да го контролираат времето, да остварат посебни односи со духовите, односно да стекнат контрола врз нив, да толкуваат пророчки соништа, да изведуваат астрални проекции – патувања со духот и притоа да патуваат низ горните и долните светови. Оваа традиција постои насекаде низ светот уште од предисториски времиња. Остатоци од шаманизмот се наоѓаат на сите континенти, а овој феномен денес е најприсутен во Средна Азија и во Африка.

Ана-Марија Бранѓолица е родена во Скопје, Република Македонија, каде што го завршува своето основно и средно образование, по што и дипломира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје, на катедрата по Македонски јазик и јужнословенски јазици, каде што се стекнува со звањето Професор по македонски јазик и книжевност. Пo положениот државен лекторски испит, ги продолжува своите постдипломски студии на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје, на научната група Македонска книжевност, каде што по магистрирањето со темата „Бајачките обреди како дел од македонската народна култура“ се стекнува со звањето Магистер по филолошки науки. Во периодот од 1998 до 2024 година Ана-Марија Бранѓолица работи како новинарка во повеќе електронски и печатени медиуми, како координаторка за односи со јавноста во Медија-центарот на Координативното тело за справување со кризи при Владата на РМ и како координаторка на два проекта од областа на образованието финансирани од УСАИД и Министерството за образование. Во последните години, таа е активна во јавниот сектор, во областа на односите со јавноста. „Бајачките обреди како дел од македонската народна култура“ е нејзина прва објавена книга.

 

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија