ИГРА / КРИТИЧНА ТОЧКА, Милосава Павловиќ

Поетската книга „Игра/Критична точка“ од српската современа поетеса Милосава Павловиќ е интересна за читање, песните се кратки, концизни и налукуваат на кратки афоризми со поучна содржина. Налукуваат на кратки зен приказни напишани во поетска форма, каде што се отвораат прашања за животот и во нив е обликувана универзална, скриена форма со длабоко значење. Песните на оваа српска современа поетеса нема никого да остават рамнодушен! Токму во краткоста на стихот е содржана целосната суштина на метафизичката димензија во песните. Пресоздавањето на мотивите за животот се сложени, но содржат универзален карактер. Не се работи само за општествени појави и нивните социјални прашања и карактеристики, туку во песните М. Павловиќ пишува со чиста перфекција, без драматичност и со целосна трансформација на значењата.

Поетесата, избегнувајќи ги излишните и површни форми, во своите песни суптилно, а сложено ја искажува секојдневната комуникација. Во песните доминира прецизното око на поетесата, смислено и точно ја црта линијата на своето животно искуство и продира во длабочините на емотивно-интелектуалниот праизвор на душата. Со смирено расположение, во песните лирскиот субјект има привилегирана положба. На тој начин, побудува љубопитство кај читателите и пренесува интелектуална порака, во која балансира низ кругот на животот што ротира во пошироки метафизички поетски зафати.

Во нејзините песни нема непотребни лутања, нема непотребни мистификации. Напротив, сите песни имаат свое место, своја порака, своја смисленост и целина. Можноста да се истражува до длабочината на секое ново соединување се гради со порака и сеопфатна поврзаност меѓу смислата на сите песни. Ова е поетска книга во која поетскиот стил е конкретен, определен, но краткоста на стиховите не дозволува компарација и остава впечаток на хируршко прецизни мисли што градат асоцијации со длабока уметничка смисла.

Токму затоа, поетската книга „Критична точка, Игра“ на Милосава Павловиќ е прекрасно поетско патување и топло ја препорачуваме за читање.

Превод од српски јазик: Борче Георгиев
Уредник: Драгана Евтимова
Изработка на корица: Мите Спасовск
Компјутерска обработка: Мартин Георгиевски
Изданието е финансирано од општина Кисела Вода, Скопје.

 

 

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија