ПЕСНИЛО, Ива Петреска

ПРОСЕЧЕН ЧОВЕК

Катран размачкан врз изморените дланки,
чело наросено со студени капки,
човек исправен пред најголемото
потклекнување,
човек што ползи меѓу безрбетници,
изморен уште од осамнување.
Жегата ја турка подолу во гркланот,
тагата ја турка сѐ подлабоко во стомакот,
затегајќи си го коланот.
Снагата ја поткрепува со едноличност,
навика и одвика,
потчинет на просечност.
Се бори со денот,
наместо тој да го создава.
Се бори со себе,
наместо да се надминува.
Живее живот што уште пред да е зачнат
почнал да умира.

 

САМО БОЛНИ И БЕЛИ

Во светот каде што се мешаат чистото и секретите,
светот на болните и белите,
јас сум во светот каде што се мешаат инстинктите,
каде што, ми велат, не смееле да се замешаат емоциите.
Единствено таму
можат да се вратат луѓето од мртвите,
единствено таму и во војна,
се бројат на крајот од денот починатите.
Шетам низ ходникот загушлив,
ми се смеат бабички и ме благословуваат.
Рака ми подаваат дедовци,
ми велат дека само на нас се надеваат.
Им ја бришам потта од челото,
со бели гумени ракавици,
им го слушам тропотот на срцето
и барам шумови, прескокнувања, грмотевици.
Во светот на болните и белите,
живееме во симбиоза секој ден,
во овој свет на полуживите,
ја наоѓам радоста
и поривот да живеам до здивот последен.
Ја вадам маската, мантилот го соблекувам,
насмевката срамежливо ја откривам.
Грешно ли е што низ врвулица од напатени
наоѓам причини да уживам?

 

ПОСЛЕДНОТО ГЛЕДАЊЕ

Кога за последен пат ќе те видам,
да имаше начин да знам…
сакам да можев да ти кажам сѐ,
сѐ што меѓу уши
некогаш ми се заглавило.
Сакам да сме само еден човек
барем на само еден ден,
сакам да го разбереш секое чувство
што во мојата градна шуплина
некогаш се удавило,
сакам да се распаднев како замок од карти
и ти секоја карта
во твојот шпил да ја додадеше,
да одигравме партија
со двата шпила сплотени,
да завршевме изедначени,
растурени, измешани
и од допирот човечки, стопени.

Песните се од првата стихозбирка на Ива Петреска „Песнило“ (2023) во издание на ПНВ Публикации.

 

ИВА ПЕТРЕСКА (2001, Скопје) студира на Медицинскиот факултет во Скопје. Учествувала на повеќе поетски читања, како што се: „Поетска епизода“ во организација на „Култура Бета“,„Отскочна даска“, настан за млади во рамки на Скопскиот поетски фестивал, „Добри гости“, „Клинци“ и др., а неколку нејзини песни се објавени во „Репер“. Застапена е во „Ново раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“ (2023, ПНВ Публикации).

„Песнило“ е нејзина прва стихозбирка.

 

 

 

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија