КОГА ЉУБОВТА НЕ Е ДОВОЛНА, Марина Икономова Шокева

БОРБА

Се бори езерото под зимското сонце.
Се мешка и прпелка под кошулката од крлушки.
Сака да ја свлече од себе таа тешка покривка
Како  змија што на пролет се ослободува од старите кожи.
Далеку е пролетта, штотуку те одмина.
Долго ќе чекаш да созрееш повторно.
Од некој бран што на карпите ќе распука во пена
Ќе се родиш слободно,само во светлоста своја,
Ќе те соголиш пред светот
И тој пак ќе те зароби.

 

КОГА ЉУБОВТА НЕ Е ДОВОЛНА

Не можеш да ги спасиш
сите улични кучиња,
ниту можеш да ги нахраниш
сите мачки скитнички,
ни сите бездомници
можеш да ги згрееш
колку и да го цедиш млекото до капка
во пластични чинивчиња
и да двоиш од ручекот и да оставаш
на улица во изѕемнетите квечерини
и срамежливо да го испушташ
кусурот во картонски кутии
пред поголемите супермаркети.
Толку е силата,
толку е топлината,
толку е лебот и млекото е толку
толку е цергата на која можеш
да си ги испружиш нозете.
Нешто треба
да се однесе и дома.

 

НАСЛЕДСТВО

Ми мавтаат оние планини,
дојди ми велат, седни на нашава софра.
И вино и сирење ми нудат,
топол пешник кој треба да се скрши.

A планиниве не се од спомените
на моето детство,
ниту лебот зреел на нашите ниви.
Ни гроздот превриен не распукал
на наша црвеница,
ни стапалото кое го гмечи во вино
е мое.

Нешто подлабоко, нешто во исконскиот корен
на овие незнаени дрвја
ме врзува со овој пејзаж.
Нешто одамна  зачнато и лулано
во туѓа утроба што длабоко го чувствувам,
а името не му го знам
ми го подметнува како да е мое,
а јас со отворено срце го примам.

 

МОЛИТВА ДО НЕБОТО

Биди нежно, Небо,
Биди нежно со нас
Особено кога ние тоа не сме
заради нашата слабост, заради нашата слепост
заради момент на детски занес,
или момент на наивна љубов,
кои во момент на мигновен восхит
ни избегале  како птици од кафез.

Кога крвариме и од срцето и вените
Кога ни капе и душата и очите
Гласот на твојата осуда, Небо мое
Всушност се раѓа во нашите глави
А бодежот од казната од светот
сами го вртиме спроти нас,
Бремето го калемиме со вина
и  стуткани под таа тежина
уште помали
под твојата светла дланка вирееме.

Па биди ти, Небо милозливо кон нас
помилувај не со својата љубов
не давај да се дотепаме самите,
зашто ни ти, ни светот,
ни иронијата на случајот несреќен
не сака да не казни толку
колку ние самите себе.

 

ВО МУГРАТА 

Имаш ли сила, рано наутро
кога во уште неразденето
едно од друго се делат
горниот од долниот
очен капак,
сонот од јавето,
ноќта од денот,
имаш ли сила, се прашувам,
да се придржиш
да не се слизнеш меѓу тебе и себе,
кога со првата утринска мисла спознаваш
дека најосамен си сепак
кога сам од себе се делиш.

MAРИНА ИКОНОМОВА ШОКЕВА  (Охрид, 1966) дипломирала на Катедрата за англиски јазик и книжевност, при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.

Авторка е на стихозбирките: „Слики од бунарот“ (2017, Ѓурѓа), „Директни обраќања“ (2019, ПНВ Публикации) и „Светот и јас“ (2021, ПНВ Публикации).
Нејзини песни се објавени во неколку поетски алманаси и литературни печатени и електронски списанија во Македонија, во Србија, во Босна и Херцеговина и во Црна Гора, а на англиски јазик, нејзина песна е објавена на страницата на фестивалот „Ледбери поетри фестивал“.

 

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија