КАКВА Е ПОЕТСКАТА СЛОБОДА?
Поетот во себе има две битија што коегзистираат во него. Едно е нормалниот граѓанин во општеството со сите ознаки: образование, професија, семеен статус, одговорности и права. Значи, човекот што се движи помеѓу регулациите и границите на слободата, кои се иманентни за тоа конкретно уредување на општествените односи. Но, во него има и второ битие: тоа е поетот, кој ја има онаа надареност од Бога или севкупната интелигенција која го тера само по себе катадневно да ги проширува границите на фактичката слобода во милјето, каде што живее и твори, но и пошироко. Зошто? Бидејќи самиот чин на творење и производот – песната бара слободен простор за исполнување и допир со исто така нешто недефинирано што го поседува и самиот, а тоа се првенствено чувствата на граѓаните во заедницата, која говори на јазикот на кој твори поетот. Бидејќи поезијата затворена само во одајата со ѕидови каде се создава или пак само во главата на поетот, не е поезија за човештвото. Песната што не го допира човекот, според мене не е песна. Слободата е иманентна на поетскиот израз. Најеклатантен пример е забраната на Бодлеровите „Цвеќиња на злото“, кои беа сторнирани од страна на француската полиција поради морални причини, потем беа објавени во редуцирана и редигирана форма. Слободата е conditio sine qua non за чинот на творештвото и објавата, како и пласманот на книгата поезија до читателот. Како и впрочем за секој уметнички производ.
КАКВА ТРАНСФОРМАЦИЈА Нѝ ПОНУДУВА ПОЕЗИЈАТА?
Илузија е дека поезијата може од корен да го промени светот. Но, поезијата пледирајќи директно до чувствата на граѓаните може многу да стори. Прво, може да го промени нивниот вкус за естетското/убавото или пак за грдото, второ да влијае врз определбата на народот за доброто и праведното во животот, да влијае врз номенклатурата на вредносните системи кај луѓето – да се разграничи што е минливо, а што вечно во животот, дека треба да се живее за идеали, а не за интереси. Ова особено е битно кај младите. Затоа, ако забележите дека младината е таа што е слободарска, наклонета кон промени, насочена кон изуми и љубов, кон новитети е убава. Како што човек старее станува поконзервативен и се стреми да поседува материјални и физички добра, а не да чини, да креира. Уметноста е таа што го оплеменува човека, го прави пософистициран, повозвишен, покултурен, почовечен. Поезијата тука игра една од клучните улоги, бидејќи во себе инкорпорира не само букви, зборови, интерпукции туку и музика, оти без ритам нема поезија. Затоа на македонски се вели песна, пеење… Во земја каде што се негува уметноста се заштитуваат уметниците, тоа значи и поетите, каде што се отворени можностите за творештво, издаваштво и пласирање на поезијата, таму и меѓучовечките односи се порелаксрани, поздрави, понормални. Таму каде има слобода, таму има и надеж за подобро, посреќно утре, таму има напредок на сите полиња на животот.
КАКВО Е НАЈГОЛЕМОТО ИСКУШЕНИЕ НА ПОЕТСКИОТ ЧИН?
Едно од најголемите искушенија на поетскиот чин се поставува при одвивањето на самиот процес на творење песна. Имено, се работи за т.н. проблеми на надворешната контрола, како и на самоконтролата која доведува понекогаш и до автоцензура. Како што е познато, при творењето песна или при пеењето потребен е одреден степен на вознесеност. Со студена, пресметана и строго рационална глава не се создава поезија. При тој вознес поетот сакајќи докрај да го изрази и спушти на хартија тоа вонсериско чувство нормално со зборови, понекогаш може да употреби некои изрази што евентуално не се во склад со владеачката идеологија (најопшто да се изразам). Имало такви примери и во светската литература, па и во македонската, кога биле забранувани и песни и стихозбирки, дури одредени поети биле казнувани за „поинакво мислење“ (во македонското општество еден од најинтересните случаи било следењето на поетот Радован Павловски од страна на службите за државна безбедност и фаќањето на белешки во врска со неговите поетски активности). Во ваква ситуација, плашејќи се да не се доведе во незавидна позиција во општеството поетот се самоконтролира, понекогаш си врши сам на себеси цензура. Попросто речено, ги брише напишаните стихови, ја уништува хартијата или пак ги сочувува стиховите за објава во „подобри времиња“.Поетот во ваква состојба си го поставува следното прашањето: Што ќе изгубам ако напишам и објавам онака како што чувствувам и мислам? Оти недвојбено е дека во сите општества има слој на етаблирани поети или пак т.н. поети на дворецот. Или секоја власт си има свои протежирани поети и уметници. Така е секаде. На пример: Гете почнувајќи од 1776 па натаму е советник, потем министер и клучен државен службеник на Вајмарското кнежевство. Така беше и во Македонија, кога на клучни државни функции беа некои поети. Оти и поетот на крајот на краиштата е човек со сите свои доблести и мани, човек од крв и месо.
КОЈ ГО ДИКТИРА ТЕМПОТО НА ДВИЖЕЊЕ ВО ПОЕЗИЈАТА: ПОЕТОТ ИЛИ ПЕСНАТА?
Мислам дека и поетот, но и песната го диктираат движењето на поезијата. Поетот е психофизичко суштество кому „нешто треба да му се случи“ внатре во душата, во умот нешто што нема директна врска со нормалниот живот како идентификуван граѓанин во тоа или ова општество. Тој внатрешен набој, таа внатрешна енергија избива како вулкан, се спушта на хартијата преку буквите и интерпукциските знаци и празните простори на хартијата (компјутерот)… Првично, поетот е тој кој диригира што е поезија, тој е придвижник на поетското или иницијатор или прапочеток… Без поетот нема поезија. Јас не сум прочитал статија дека вештачката интелигенција или роботите пишуваат /пејат поезија, оти сепак се потребни чувства, нели? Но, откако ќе се напише песната таа си добива свој ‘идентитет’ и си плови натаму по други патишта што поетот не може да ги контролира. Една песна може да биде подлошка или инспирација за нови песни на сосема други поети што немаат никаква врска со создавачот на првата песна. Како пример ќе го наведам Бодлер. Во последните 150 години во светот нема позначаен поет кој не ги „студирал“ Цвеќињата на злото. Тоа е темел на модерната поезија. Таа книга ги насочувала и ќе ги насочува движењата во светската литература. Како што постојат такви поети и песни што ги насочуваат националните поети. На пример Блаже Конески и песната „Везилка“… Повеќето поети што создаваат на македонски јазик се трудат да „стегнат“ една „проста и строга македонска песна“ како поетот од Небрегово.
НИЕДЕН ПОЕТ НЕ Е ОСЛОБОДЕН ОД СВОЈАТА ПЕСНА. ИЛИ СЕ СЛУЧУВА ТОКМУ СПРОТИВНОТО?
Мислам дека се работи за првото. Ниеден поет не може да се ослободи од својата песна, како што никој уметник не може да се ослободи од своето дело. Мислам дека сите уметници творат едно круцијално дело, а потем со другите творби прават варијации на тоа исто дело, на таа иста тема. Бидејќи целата комплексност на нашето битие што се изразува во разноликоста на нашите творби, сепак на крајот од краиштата се сведува на нашата клучна мисла и нашето чувство. На пример, кога ќе се рече Шекспир веднаш се помислува на двоумењата околу осветата на Хамлет поради убиството на татко му или пак кога ќе се рече Анте Поповски веднаш се помислува на неговата енормна љубов кон Македонија, како и загриженоста за судбината на својот народ. Ergo, секој поет има свој стожер, ако точно го именувате тој стожер вие знаете со кого имате работа.
На крајот би го рекол следното: Иако не мора во целост да е точна оваа констатација, јас лично сум убеден дека секој поетов живот е сокриен во неговата песна. Потребно е само да ги дешифрираме кодовите со кои е напишана песната како и пораките што бликаат од неа. Песната е видлива слика на поетовата скриена внатрешност, која не можеме да ја осознаеме гледајќи го како секојдневен, обичен, нормален граѓанин.
Крај на мај 2023 некаде меѓу Европа и Азија