ДВЕ МОРИЊА, Јосип Коцев

ШКОЛКИ НА ВРЕМЕТО

Кој беше светот што се лизна
како песок меѓу твоите прсти,
кога бевме деца на небото
и таму горе
си ги слушавме идните животи
во школките на времето?
(Дали е овој во којшто
усните ме болат од молк,
а рацеве од копнеж
за тој дом
што не ми е ни заборав,
ни спомен?)
Долу,
ти си само плитка страст
што ме распнува на две мориња
и вешто ја чека својата гибел
во плимата што надоаѓа.
Овде,
живеам врзан во сè што е
допирливо и земно,
тело од чад стегнато со јажиња,
што се двоуми каде да се врати,
дали кај огнот или меѓу облаците.

 

ДЕТСТВА

Дури да стигне да ме повика по име,
баба ми несвесно и збунето
прво ќе го изговoреше
името на чичко ми,
па на татко ми,
на најстариот прв братучед,
па на братучедот роден по него…
Одеднаш како да ѝ се тркалаа пред очи
сите детства што ѝ поминале низ раце.
Ниту едно не смееше
да биде испуштено наземи.

 

ИСЧЕЗНУВАЊЕ

Треба да се одвои прашината од сеќавањата.
Зрно по зрно.
Да се признае сушата
и сите надежи да се насочат како стрели
кон сивилото за конечно да распука.
Потем да ги впиеме стравовите
и да ни остане ровка кожа за
она што ќе ни го кажат новите води.
Треба да се допреме низ
силните жлебови на зборот
и да молчиме додека боли.
Треба да се преименуваме во лето,
и како првиот грев
да паднеме врз светот.
Секој ден, неодложно треба
да се спремаме за исчезнување.

 

ПРОЦЕП

Не знам дали те осудив ког
посакав да бидеш првото суштество
кое смртта ќе го заборави.
Живееше во тешките здивови меѓу
гревот и прошката,
влегуваше во малиот простор на
моите затворени судбински кругови
и ме тераше да се поништам
за да го создадеш
моето прво знаење,
да се распаднам
за да го составиш
моето прво сеќавање.

 

СВЕТ БЕЗ ИМЕ

Нема име овој свет
во кој тагата лежи на грб
секогаш спремна
да нè погледне
со очи од ноќ.
Ако му дадеме име
ќе никне простор,
и тогаш сите ќе можат
да нè најдат,
птиците ќе ни ги одредат
страните и годишните времиња,
а луѓето – начините,
како смее да се љуби,
како мора да се умре.

 

СМРТТА ПРЕД ДА СЕ РОДИМЕ

Toa што беше ти во моите стихови,
сега е некој свет што цвета
далеку од лозата
на своите први предци.
Премал сум да ти пишувам писма
за времето пред твојата рожба,
па тој залудно потрошен живот
чекајќи те,
исто може да се нарече смрт.
Смртта пред да се родиме
е иста како таа што доаѓа потоа.
Нив ги дели само едно сеќавање,
една ситна лузна во времето,
која бледнее со молкот
на оние што нe нè спомнуваат.

Издание на Антолог, 2023, дизајн на корица: Марко Трпески.

ЈОСИП КОЦЕВ е роден во 1985 година во Скопје. Завршил правни студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Pаботи во областа на маркетингот и комуникациите. Автор е на поетските книги: „Јас, Квентин Скриблер“ (2015), „Напишана тишина“ (2016), „Сега е најдолгото никогаш“ (2018), „Музеј на чувствата“ (2019) и „Две мориња“ (2023). Добитник е на наградите „Енхалон“ на Струшките вечери на поезијата (2017) и на „Бели мугри“ што ја доделува Домот на културата „Кочо Рацин“ од Скопје (2019). Двапати бил во потесна конкуренција за наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата (2017 и 2020). Учествувал на повеќе домашни и меѓународни поетски фестивали. Член е на Европската поетска мрежа „Версополис“. Неговата поезија е застапена во книжевни списанија и антологии во земјата и во странство.

 

 

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија