ДАЛИ ПОЕЗИЈАТА ИМА ГРАНИЦИ? АКО ГИ ИМА – КОИ СЕ НЕЈЗИНИТЕ ГРАНИЦИ? АКО ГИ НЕМА – ЗОШТО?
Очекуваниот одговор е дека поезијата не познава граници, ги урива сите бариери, недогледна е. Помалку очекуваниот е дека мора да внимавате да не ја преминете нејзината крајна точка. Мојот одговор е дека сè уште не знам ништо за обемот на нејзиното пространство. Доволно ми е што чекорам низ неа.
КОГА ПОЕЗИЈАТА ИМА ЕГЗОТИЧНА ВРЕДНОСТ?
Мене поезијата никогаш не ми била нешто егзотично. Воопшто не ѝ се очудувам токму затоа што таа е тука, на дофат, како природен јазик на себството, како паралелна форма на општење и виш разговор кој ве поврзува со другите на сосема друго ниво.
КАКОВ Е ИДЕНТИТЕТОТ НА ПОЕТОТ (ВО ПОЕТСКА СМИСЛА)?
Ќе одговорам од сопствено искуство, бидејќи со текот на времето научив дека сите имаат различни пориви за творење. Јас мислам дека поетот е лечител. Тој најпрво создава за да се исцели самиот, па потоа, предавајќи му го на светот она што го создал, ги лекува и другите.
КОЛКУ ПОЦЕТОЦИ ИМА ПЕСНАТА, ПРЕД ДА СЕ ФОРМИРА ВО КОНЕЧЕН ПРОИЗВОД?
Кај мене почнува со еден стих кој може да е и почетен, и средишен, и краен. Потоа, гравитациската сила на тој стих ги привлекува останатите да се подредат по, околу или пред него. Никогаш однапред не знам што сè ќе ми донесе тој првобитен стих. На пример, има песни што стануваат цели соѕвездија, има песни што се претвораат во црни дупки.
КОЈ Е РЕЦЕПТОТ ЗА ДОБРА ПЕСНА?
Не верувам во рецепти, шеми и шаблони во уметноста. Не верувам во уметност што само ги исполнува естетските критериуми и формата, а не успева да ѝ се доближи на човечката емоција. Верувам дека постои некаква искра што се разгорува во вистинскиот момент за да се создаде нешто што ќе им ги распали искрите и на другите. Верувам само во тој креативен „пожар“. Верувам дека песната е синтеза од животниот багаж, падовите, разочарувањата, радостите, растежот и способноста да се загледате и заслушате во она што го носите длабоко во себе како духовна матрица. Според мене, клучна е синергијата меѓу надворешните дразби и она внатре во вас. Којзнае, можеби душата ја менува агрегатната состојба кога испушта песна, пред да се врати во состојбата на вообичаена катадневна крутост.
Јосип коцев