НЕ КАЖУВАЈ НИКОМУ, Гонџа Озмен, Турција

ИСПОВЕД

Не кажувај никому дека не сме го читале Дерида
Дека на врвовите од нашите умови одеднаш никна чевел
Дека на врвовите од нашите тела завршува водењето љубов
И дека значењето засекогаш се влече натаму, токму натаму
Не кажувај никому како те сменив за една кошула

Не кажувај никому за земјата што ја јадевме како деца
Или како се претворивме во некој друг и спиевме в гроб
Или колку зелени бевме зјапајќи во дрвото
Зошто некој татко со пеплосано лице секогаш се протнува во сонот
Не кажувај никому дека и татковците им недостасуваат на ќерките

Не кажувај никому што видов во тебе најпрвин
Како старее едно кајче
Импулс што го започнува утрото
Ние тројцата изгорени кога се бакнавме
Во млекото што претекува на шпоретот

Сепак, не кажувај никому за сѐ што беше претходно
Зар ништото ќе се разбуди за да ми те открадне

 

СИНЏИР

На човека му се потребни тајни соништа –
оние на коишто не им поминал рокот
куќи на непознати љубови
На човека му е потребна нова душа
чудни ветровити времиња – за да помине низ нив
низ широките трски, а предметите што зборуваат да се живи –
На човека му се потребни деца во поле со ‘рж
спокојство да се напластува пред нивните нозе
– писалка наопаку – да паѓаат мислите
На човека му се потребни чинари за да ги пази – од корен
да го промени сето свето – прашливо – животот
додека војната е на колена – нејзиниот бакарен отров
на земја

На човека му е потребно ослободување од себеси.

 

ЈАМКИ

Оној кој никогаш не зборува е смрт
Она што се досадува е смрт
Носењето дете во утробата е смрт
Другата страна од кавгата е смрт
Врските, превезите, извиците секогаш се смрт
Да се препознаеш себеси во една жена е смрт
Да се препознаеш себеси во еден маж е смрт

Не е доволно да се собере клопче ткаенина

 

ИМАШЕ

Имаше нешто токму таму
На устието на патот каде што ја истурив мојата љубопитност
Нацртан круг од камен фрлен во водата
Збивташе вознемирено како ут додека го гледаше моето тело
Имаше намрштено лице, секогаш кога се осмелував да љубам
Имаше празно место на замислена страница, простор во којшто стоев
Ум на којшто му заблазнував, сон во којшто бев заглавена
Имаше тага за којашто пишував по ноќите, збор што го голтав
Леопард кој скиташе по снегот додека маката твоја ми ги допираше рацеве
Имаше само трошки од зборовите кои останаа на крајот

Имаше нешто токму таму
Веднаш под моите гради

 

СЕНКА

Во пожолтено трпение човек зјапа понекогаш
Како би можело да изгледа човечкото пожолтено трпение

Човек понекогаш оди во маслинови градини
Ги храни коњите, ги гали завесите

Понекогаш се случува и јазик да умре
Мравка да се насмевне исто така се случува понекогаш

Еден збор заминува и пронаоѓа друг
Во својата лушпа се повлекува оревот
Еден инсект одеднаш си го заборава звукот

Вечерта скришно во градината
Така тајно во градината
Вечноста расте и расте

Светот не ни припаѓа нам, туку на сенките

 

ПИСМО

Кај вас имам слика со крај запечатен
Од мене

Кај вас имам жал скициран со молив црн
Од мене

Кај вас имам глас плашлив, придушен

Отсуството не се менува.

Препев од турски на македонски јазик: Наташа Забрчанец и Звонко Димоски.
Дизајнот на корицата е на Емилија Малезан.

НЕ КАЖУВАЈ НИКОМУ е трета објавена поетска збирка во рамките на едицијата „Балканска женска поезија“, чиј уредник е Звонко Димоски. Претходно беа објавени „Мајка ми знае што се случува по градовите“ и „Денови  со полна месечина“ од српските авторки Радмила Петровиќ, односно Витомирка Требовац.

ГОНЏА ОЗМЕН е една од најпознатите и највпечатливите турски поетеси од нејзината генерација. Родена во Бурдур, Тефени во 1982 година. Нејзината прва песна објавена е 1997 година во книжевното списание Varlık и веднаш била прогласена за „поетеса на која треба да се обрне внимание во иднина“ (Младински награди Јашар Наби Најир). Не кажувај никому е прва книга на Озмен објавена на македонски јазик, а нејзината поезија преведувана е на англиски, германски, француски, шпански, словенечки, италијански, романски, персиски, грчки и хебрејски јазик. За своето поетско творештво е добитничка на бројни награди за поезија.

Изданието реализирано е со  поддршка на Регионалната мрежа за културна разновидност – РЕАД (Regional Network for Cultural Diversity – READ). РЕАД проектот го спроведува Гете-институт Скопје во соработка со пет партнерски организации од балканските земји.

 

 

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија