Прости песни, Александра Спасеска

ОД ПЕЧАТ ИЗЛЕЗЕ „ПРОСТИ ПЕСНИ [НА КОГО ПОМИСЛУВАШ КОГА СМРТТА МИСЛИ НА ТЕБЕ]“, СТИХОЗБИРКА НА АЛЕКСАНДРА СПАСЕСКА

Неодамна од печат излезе „Прости песни [на кого помислуваш кога смртта мисли на тебе]“, стихозбирка на Александра Спасеска, во издание на ПНВ Публикации.

Оваа прва стихозбирка на Спасеска содржи шеесетина песни поделени во три циклуса: „Писма до неа“, „Песни за неговата песна“ и „Земање збогум“, како и поговор од Снежана Стојчевска.

Изданието ќе биде промовирано во Промотивниот центар во рамки на престојниот Саем на книгата 2023, в петок, 5 мај од 19:00 часот, во спортскиот центар „Борис Трајковски“. Книгата, низ разговор со авторката, ќе ја промовира Јулијана Величковска.

Во освртот кон книгата поетесата Д. А. Лори ќе рече дека „’Прости песни‘ во себе го носи гласот на авторката Александра Спасеска, што се јавува како на сон или во мигови на длабоко, мисловно вникнување, и нѐ води низ лавиринтите на она што е таа-жената, лавиринтите на чезнеењето по другиот, таа е гласот што ја исцртува мапата на интимни патувања во себе, длабоко во нејзиниот свет.“

Додека, пак, во поговорот поетесата Снежана Стојчевска ќе истакне: „Со оваа книга Спасеска го продолжува везот на проста и строга македонска песна, ткаена од копнеж и болка и успева да изгради музеј на болката“.

АЛЕКСАНДРА СПАСЕСКА (1984, Кавадарци) студирала на Катедрата за англиски јазик и книжевност при УКИМ. Работела во дневниот весник „Вест“ речиси до неговото згаснување, а во моментов е заменичка на главниот уредник во „Кајгана Медиа“. Таа е дел од тимот на ДИЈАЛОГ – Центар за делиберативна демократија, пишува за феминистичката платформа „Медуза“ и е со-координаторка на македонскиот огранок на организацијата „Модна револуција“. Авторка е на блогот „Александрина Везилка“. Нејзината поезија досега била објавувана во неколку онлајн изданија, печатени антологии и книжевни списанија. Застапена е во печатеното издание на книжевниот зборник „Д Сан Антонио Ривју“ (The San Antonio Review) од Сан Антонио, Тексас (САД). Учествувала на повеќе поетски читања.

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија