ПРАЗНО МЕСТО, Снежана Стојчевска

ТРПЕНИЕ-СПАСЕНИЕ – ПОПОЛЕКА ПОДАЛЕКУ

Трпение-спасение – на мојата брзоплетост
често знаеше да рече татко ми,
а јас која сака сѐ сега,
веднаш и одеднаш,
не можев да сфатам
што сака да ме поучи.

Еве и сега, сѐ уште учам
да не брзам, да не итам
по друмишта да не скитам,
да сум одмерена, разумна
и мудра,
мугра да не чекам будна,
да си дадам сон и спокој,
трн да не чувам в око.

Да сум чун кој мирно плови
по месечевата река
сигурна дека кај што сум тргнала
ќе стигнам,
пополека-подалеку –
како што ме учеше татко ми.

 

НЕМИРНА ВОДА

Плашејќи се да не предизвикам бура,
премолчувам.

Потоа, долго и упорно, во себе ме рони
немирна вода.

 

ОТПОР

Кревкоста ме рони,
ми дава храброст
да бидам тоа што сум.
Мојата сила е свила,
што ја везам во стих.

За збор ќе те држам,
ко волчица ќе ‘ржам
јазикот во јазол
нема да го врзам,
ќе го разлеам
в езеро
од ендемски вид.

Види,
виделото ми е врела веда
што одзема здив.
Див оган ќе горам
во дива гора
жив збор ќе зборам.
Не ќе има мир!

 

ПАТУВАЊЕ НИЗ СВЕСТА

1.
Автобуска станица сум,
нечиста и бучна.
Луѓето минуваат низ мене.
Застануваат.
Палат цигара.
Чекаат.
Молчат.
Го фрлаат отпушокот
и заминуваат.

2.
Не ги гледам луѓето в очи.
Се плашам
ако ги погледам
ќе влезат
и ќе останат во мене.

Некои остануваат подолго
и оставаат пустош.
Валкаат, крадат,
шмукаат и влечат.
Черечат!

Кога ќе успеам да се ослободам од нив,
Веќе сум исцрпена, уморна и стара.

3.
Во мене се отвора порта.
Низ неа излегува карван,
летачки килими,
бедуини и камили
до недоглед натоварени
со страв, сеќавња и грижи,
сенишни сенки и сомнежи,
двојби и меѓи,
свиснати веѓи,
скриена осама
ко рој оси
свената слама
смртта што ја коси.

Ги оставам портите отворени.
Карванот си врви
додека не останам чиста.
Испразнета од чувства.
Испразнета од желби.
Бела благодарност
што сѐ уште сум жива.

Ова ли е тоа што го нарекуваат мир?

4.
Стојам сама на раскрсница.
Мојата карлица се расклопува
и од неа никнува кала.

Каде и да допрам
ќе посеам живот.

 

ПЕСНИ ПОСЕСТРИМИ

Песни мои посестрими,
совршени чеда мои
што ве лулкав в раце,
приспивно и нежно,
долго ве држев при срце.

Не знам точно што, ни кога,
многу нешта се случија,
помалку или повеќе
погледот ми го сменија.

Ве заборавив, ве изумив
како никогаш да не сте ни биле мои
песни посестрими,
совршени чеда мои
што ве лулкав в раце,
да ни се сретнат патиштата
нема да ве препознаам.

Песните се дел од збирката „Празно место“, во издание на Современост, 2022 година во Скопје.

СНЕЖАНА СТОЈЧЕВСКА (1980) дипломира на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје. Во 2012 година ја објавува првата поетска книга „Шеќер по подот“ во издание на ИЛИ-ИЛИ, како дел од едицијата Русалки, во која се јавува како уредник. Под нулата е нејзино второ дело, за кое ја добива наградата „Бели мугри“ за 2013 година, која ја доделува Домот на културата Кочо Рацин – Скопје. Во 2015 година ја објави третата поетска книга Модри фантазии во издание на издавачката куќа Темплум. Нејзината четврта книга, Треба да е лесно, излезе во мај 2017 година во издание на издавачката куќа Антолог. Во октомври 2019 година ја промовираше својата петта поетска книга Ќе се завијам во песни, посветена на и во ко-авторство со нејзиниот татко Мирче Стојчевски, во издание на МИ-АН. Застапена е во повеќе антологии, панорами и зборници на младата македонска поезија.
Во 2016 година настапува на XV меѓународна книжевна средба во Велење, Словенија, каде што е објавена во антологија на словенечки јазик во „Фестивална антологија на изворна и преведена европска поезија на 21 век“. Истата година учествуваше на настанот “Ad hoc” во Труберјева хиша литературе во Љубљана. Во 2018 година беше учесник на Третите меѓународни книжевни средби во Бања Лука и беше објавена на српски јазик во зборникот „Поетики“. Во ноември 2019 година учествуваше на фестивалот за литература за деца и возрасни InterLese во Магдебург, Германија и за таа пригода избор од нејзина поезија е преведен на германски јазик, а потоа и објавена во книжевното списание Oda (1/2020). Во март годинава беше една од учесничките на првиот Фестивал на женското книжевно творештво – „ОНЕ“ во Беране, Црна Гора. Покрај овие настапи, таа е редовен учесник на најзначајните поетски манифестации во земјава. Од почетокот на 2018 година е ангажирана како извршен уредник на списанието за литература, култура и уметност „Современост“. Истата година станува дел од Версополис платформа за поети и фестивали. Во 2019 се јавува како приредувач и уредник на арт панорамата – Допир во издание на Арт Еквилибриум Гевгелија.

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија