КОН СТИХОЗБИРКАТА ПРАЗНО МЕСТО ОД СНЕЖАНА СТОЈЧЕВСКА
Кога во рака ќе ви се најде нов поетски ракопис од веќе етаблиран автор, со претходно пет објавени стихозбирки, кои добиле голема доза на внимание и признание на книжевната сцена, неизбежно е да имате високи очекувања и одредена љубопитност „што овојпат поетот ќе донесе во своите стихотворенија“. Со впечатливите поетски слики што ги создава преку едноставниот, а моќен зборовен венец, со беспрекорната творечка естетика што е воочлива на секоја страница, со грижливо избраната тематика, здравите конструкции на стиховите, „Празно место“ на Снежана Стојчевска несомнено ги оправдува високите очекувања. На моменти, и ги надминува.
Песните во првиот дел „Во арената на животот“ во кои пишува за нејзиниот покоен татко, спомените од детството, релациите и традиците на домот, всушност може да се сфатат како универзално раскажување за вредноста на семејството, она што сме го учеле во учебниците како „основна клетка на општеството“. Навидум многу лична констатација во песната „Поговорки“, нагласува животна мудрост која секој човек барем еднаш си ја потврдил себе си, во врска со својот родител:
„Сега кога пораснав само ми се кажа
дека сите неправди ги сетил на своја кожа
и узнал дека тоа што им го правиме на другите
ја огрева или ја огревува само нашата душа.“
Тагата и недостигот пресликани во песната „Празно место“ се тага и недостиг во секое семејство кое се соочило со голема загуба. Стиховите многу јасно говорат дека: Да, животот мора да тече понатаму, но загубеното никој и ништо не може да го надомести.
„Откако татко ми нѐ напушти
секој од нас јаде сам, во различно време.
ако седнеме истовремено ќе нѐ боли
недостигот што зјае од празното столче.“
Во вториот дел „Порака до себе“ длабок впечаток оставаат песните кои ја опфаќаат минливоста на времето, на животот, тема-предизвик за секој поет, која знае да биде лизгав пат, а Стојчевска сепак, го чекори сигурно и цврсто. Она што го обликува со стиховите е јасно и гласно, разбирливо и реално, каков што е во континуитет и нејзиниот поетски глас.
„Се чини ништо не се менува,
но мигот полека се измолкнува,
а ти нечујно учествуваш во своето
незабележливо минување
низ ова време-простор-тело
– живот на дело.“
Неколку песни во овој циклус се посветени на поезијата, оти поезијата е крв и бели дробови за еден поет. Поистоветувајќи го пишувањето поезија со постењето, мајсторски му дава силна димензија на стихот, насушна.
„Да постиш значи да стражариш
над својата мисла и тело,
над своето животно дело.
Да пишуваш значи да стражариш
над стихот, да бдееш, да сееш
и в миг да ја пресечеш в корен
стихијата што надоаѓа, ако не ја бива.“
И кога пишува за тема каква што е ковид пандемијата, Стојчевска го прави тоа суптилно, потенцирајќи ги чувствата и гледиштата на обичниот човек, сакајќи на тој начин поетски да крикне дека само тој, обичниот човек, е и важен.
„Имам чувство
дека овој разговор
веќе го водевме
пред една година.
Ова не е дежа ву.
Ова е пандемија. “
Дека ова е книга која помага да се разбере човековата природа, особено женскиот аспект може да се согледа низ песните во чијашто срж лежат мајчинството и емпатијата меѓу жените најдени на иста мака, во иста болничка соба, во иста животна ситуација.
„Сите сме исти пред ножот
што го дочекуваме
врзани на боксот. “
Поезијата на Стојчевска пулсира со огромна страст, длабок сензибилитет, а сепак гради ненаметливи нишки на едно секојдневие. Кога би требало да ја споредиме со боја, веројатно би рекле дека е „темноцрвена“, елегантна, дискретна, топла, дозирана до совршенство. Тоа не е лесно да се направи со зборовите како единствено оружје, а на поетесата ѝ успева.
„Телото ми е врело вретено
што чека да биде расплетено.“
Циклусот со љубовна поезија „Совршена стварност“, со кој се затвора збирката, донесува вистински мали слики за комплексната душа на една вљубена среќна жена. Јазикот е чист, мислата јасна дури и кога се опишува цунами од емоции.
„Допирите се нежни, понекогаш силни
но морето никогаш не престанува да го гали брегот.
Длабоко си море,
брег сум што се рони под твоите пени.“
На крај би нагласила: Да се извадат срцето и душата на виделина и искрено да се понудат пред очите и судот на јавноста е многу тешка работа, и тоа го знае секој уметник што твори во било која форма. Уште потешко е таквото дело да се конципира без патетика, без најава за апокалипса, а сепак со доволно жештина да жежне. Уметноста само таква и вреди да ја има.
Со книгата „Празно место“ Снежана Стојчевска уште еднаш потврдува, дека не случајно е присутна во центарот на поетските случувања, како поет, уредник и организатор на поетски настани, но пред сѐ како човек кој промовира квалитетна поезија. Делото ги има сите квалитети и стандарди за да ја обогати домашната книжевна сцена, и уште повеќе, да стане глобална книжевна вредност. Верувам дека секој што ќе ја прочита, ќе најде стих за себе и ќе сака да ѝ се навраќа.
Љупка Антеска, поет и новинар