ЛИЗГАЧКИ СВЕТ, Нина Медвед, Словенија

колку навистина треба да се замине
кога заминуваш на пат.
кренете ги двете сидра и прошетајте ги.
долгите сенки, кои се подготвуваат да спијат,
ти го подготвуваат просторот.
не смееш да ги прелажеш, напразно да легнат.
во ноќите нема да те поштедат и нема да ги исплакнат
сите поздрави од пристаништата, каде што
веќе долго не праќаш повеќе писма.
нека те носи лулањето,
макар да ја менуваш насоката, макар
да го губиш чувството за угоре и
твоето внатрешно уво нема да е збунето,
повеќе не се обидува да ја лови рамнотежата,
се лула, брановите напливаа, се обидува
да ги успие сенките.

 

колку ме привлекува додека заминувам.
кога се збогувам од земјата
и со воздушестата дланка поминувам
по површината на познатото,
што се провлекува длабоко под мене.
како можам да се олабавам,
да го научам припитомувањето,
дека ќе можам да се залепам
за поттикнатата доверба при пристигнувањето
во скутот на лефтерноста.

 

колку низ градот да истеруваа жолти змејови.
речиси да можам да го допрам
нивното време, мазните тела.
како да не го направам тоа, а привлечната сила да не ме
повлече навнатре.
задоволна сум и стојам толку блиску,
така што косата ми се раздвижува,
пред за момент да излезат на плоштадот.
можеби така ми го пренесува чувството, дека
знам, каде е следната станица.

 

како да треба следната песна да биде
за галериите. за тоа, како е
да се шеташ под белите сводови,
што композициите од бои
ги осмислуваат во висина на очите.
како да го посветив сето тоа за
современата уметност
и долго се стопував во филмовите.
потоа избегав на улица.
заситена со слики.

 

колку веќе цела недела се трудам
да го откинам татнежот на секојдневието.
ги распоредувам предупредувањата.
не влегувај, не викај, не се јавувај,
не моли.
конечно се сместувам
во читлива брчка.
го свртувам погледот навнатре.
се притајувам.
расцветувам во внатрешните бои.

 

колку да ги корнам сите свои ластарки
и да ги преселувам.
ги пуштам, нешто да ги замре.
тврдоглаво ги бркам новите,
дури и ако подлогата
се спротивстави.
да порасне
малку,
во сите правци,
исто така против наклонетата светлина,
дури и да не е тоа трајно.

 

колку во ослободените чевли,
моите прсти,
наоѓаат начин да дејствуваат
во овој лизгав свет.

Од поетската книга на словенечката поетеса Нина Медвед „Лизгачки свет“.
Превод од словенечки јазик: Драгана Евтимова

 

    

НИНА МЕДВЕД студирала компаративна книжевност и француски јазик на Филозофскиот факултет во Љубљана. Живее и работи во Марибор. Победник е на Фестивалот за млада литература „Уршка“ (2019) за нејзината прва поетска книга „Лизгачки свет“. Книгата е номинирана и на словенечкиот саем за најдобра поетска книга во 2021 година и избрана во програмата на фестивалот Прангер. Застапена е во многубројни книжевни списанија во светот.

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија