СОНЦЕСТОЈ, Катерина Гогова

ДИСКОТ НА МАЈРОН

Ги затвораш очите
и пушташ тежината во твојата рака
да стане воздух,
ќе дозволиш ехото во градите
да се спои со тресокот
на виорниот глас на толпата,
и тој ти ги пробива тапанчињата,
а ти си минато позади него
како завеса во таа тивка празнина.
Тогаш дозволуваш топлиот кафен порив
да го прегрне коренот на земјата
во твоите цврсти бедра,
сакаш да танцуваш
со таа тежина во рацете
која полека ја губиш
и ја праќаш да си оди.

 

МЕЛАНХОЛИЈА

Се откинува и
последната ѕвезда живот
кога ќе дојде крајот на патот,
ништо повеќе не се движи.

Како после златна жетва
тоне земјата,
еден миг ја дели светлоста од месецот
потоа негде неповратно ја снемува.

Реките се скаменет век,
небата се облаци без ветар
и нема сон
кој може да разбуди пролет.

Јас сум засолнат случаен патник,
ликот ми е сив и празен.

Времето безнадежно по мене паѓа,
се раѓа ново тело
и утробата на светот
со леснотија воздивнува.

 

МИСЛИ

Некои беа голи,
само сомнеж можеше да се прочита
на нивните лица,
а истиот миг кога ќе ги погледнев
ги дознавав тајните на Андромеда,
во магливото око на еден суперџин.

Некои беа слепи,
некогаш светлина ќе им постелев
и тие ја собираа
во јагодиците на показалците,
со нив очајно исцртуваа
мапи на градови со полноќни неба.

Некои беа старци
со набраздени чела
и како што август го гаснеше
огнот на запад,
така помирено и кротко ги следеа:

годишните времиња,
жолтите лисја,
планинските бури,
водата што тече,
сè што ќе помине.

Понекогаш можев да ги видам
под очните капаци,
таму во сонот
се уште живи.

 

ПРИСПИВНА

Мојот сон оди во кревет
Кога на јаве ја облекува пижамата
голо дете ги собира
парчињата огледало по подот
Тука си или ми се причинува
сестричке на зимата
Спиј
Не сонувај
Лисјата се уште на дрвјата

 

ПИСМО

Ќе ти дојдам
како дотек
совршена бура
ќе се стресе тлото
ќе се измести
небото
ќе ме примиш
како заклетва
прв немир
црна клетва
судбина

од поетската збирка „Сонцестој“ од поетесата Катерина Гогова, во издание на издавачката куќа МИ-АН

 

КАТЕРИНА ГОГОВА е родена 1989 година во Дојран, Македонија.

Пишува поезија и кратка проза и е авторка на три поетски книги. Дебитантската „Актите се кастрирани“ (Современост, 2018), со втората стихозбирка „Пад во немирна вода“ (Дом на култура „Кочо Рацин“, 2018) стана десетти носител на признанието „Бели мугри“ кое го доделува Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје и „Сонцестој“ (МИ-АН, 2021) е нејзината трета стихозбирка. Нејзина поезија и проза се објавени во антологии, зборници, книжевни списанија и онлајн едиторијали. Дел од нејзината поезија е преведена на српски, хрватски, словенечки, бугарски, албански, германски, италијански и англиски јазик.

Учествувала на повеќе поетски настани и фестивали, во земјата и во соседството. Живее и работи во Скопје, активист е за човекови, здравствени и сексуални права на маринализирани заедници.

 

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија