АВТОПОРТРЕТИТЕ НА ТОНИ ПОПОВ

АВТОПОРТРЕТИТЕ НА ТОНИ ПОПОВ

„Постои една врата која ја затворив до крајот на светот“.  Х. Л. Борхес.

Кога требаше да се осмисли каталогот за сликите на Тони Попов, ги добив неговите песни, неговата скриена поезија. На почетокот ги знаев само сликите, кои ги следам прецизно и детално со секоја нивна појава. Кога ги прочитав песните, не знаев дали каталогот за изложбата да биде поетска збирка илуминирана со слики, или каталог на сликите, украсени со стихови кои ќе стојат под самите репродукции, наместо легенди и податоци за нив и нивната ликовна техника. Затоа што вистинските податоци за сликарството на Тони Попов можеме да ги откриеме само во неговата поезија. Тони е поет. Тој е еден од оние поети кои ги сликаат своите визии. Тој станал сликар затоа што мечтаел да ги види материјализирани зборовите кои ги отсонувал. Како што Вилијам Блејк ги решаваше алхемиските преобразби на неговите сликарски фантазмагории. Или како што тоа еднаш го направи Артур Рембо, пронаоѓајки им на боите, самогласки, а на согласките – форми. Така се родило сликарството на Тони Попов. Сликар на недовршената поезија…не, поточно сликар на поезијата која не завршува. Решивме овој каталог да биде златен пресек помеѓу неговото сликарство и поезија.

Сликите на оваа изложба се самоспознание на еден човек. Откритие кое се случило во одразот на едно огледало, понекогаш заматено од патината на времето, понекогаш напукнато од притисокот на нетрпеливоста и маката на свесноста дека ќе бидеме заборавени, можеби засекогаш. Овие, како и сите значајни дела на сликарската уметност се видени во огледало. За да бидат запаметени. Секоја уметност е крик предизвикан од ужасот на заборавот. Суштината на ова кристално јасно сликарство се состои токму во нејасноста на огледалото да ги запамети нашите ликови.

Џон Китс напишал епитаф за својата надгробна плоча: „Тука почива оној чие име беше запишано со вода“. Кога Калил Гибран го посетил неговиот гроб, напишал песна во која го исправил епитафот на Китс.

 „Овде почива поетот чие име беше запишано со оган.“

Надгробната плоча на поетот Џон Китс во Рим.

 

Ван Гог ги бележеше брчките на своето лице и така ги броеше деновите кои му се чинеа долги како векови. „Престар сум да продолжам“ запиша во едно писмо. На само триесет и три години. Но, што се годините во однос на мапата на Вечноста која ја носиме втисната во нашата судбина, како претежок багаж, како жиг врз кожата, понекогаш неиздржлив во еден ваков несовршен и недовршен свет. После секој значаен и потресен настан во својот живот, Рембрант ван Ријн сликал по еден автопортрет. Гоја се насликал себеси како сениште во групната кралска гротеска. Автопортретите секогаш беа и ќе бидат најинтимните, најдлабоките и најскриените творби на уметниците. Микеланџело во огромниот „Страшен суд“ се наслика себеси во ликот на одраната кожа, во фигурата на маченикот Св. Апостол Вартоломеј. Ел Греко често се сликал себеси инкогнито, претставен во лицата на светителите. Некои сликари немале можност за модели, па биле принудени да ги истражуваат само сопствените лица. Таков е осаменикот Едвард Мунк. Последното дело на Пикасо е автопортрет. Круна на творештвото. Автопортретот како жанр кај сликарите е како монодрамата во театарот. Тука си сам. Ти и сите кои постојат во тебе. Само ти и оној кој гледа од тебе, во тебе… автопортретот никогаш не е опседнатост со своето лице, туку потрага по себе, па дури и автоиронија на себеси.

Отсекогаш знаев дека над секое успешно творештво се клати една голема катастрофа на неуспехот. Затоа што убавите дела не се раѓаат по рецепт, а за најуспешните творби не постои формула. Па и да постоела. Какво е тоа дело створено според координатите на точна и прецизна математичка формула?! И како поинаку би било нешто откриено и создадено, освен под неподносливиот притисок на неуспешната реализација. Со секој потег врз платното одиме или кон длабокиот амбис, или кон откровение. Не постои средина. Такви се сликите на Тони Попов. Тие секогаш се движат на работ, четката слика до максимумот на нервите, оформувајќи ги драматичните изрази на лицето од прва, удирајќи со сета сила по најтенките жици на ликовниот инструмент. Тие се можеби мали по формат, но монументални по количеството емоции наталожени со секој потег на бојата. Да си творец е поголемо нешто од тоа да бидеш уметник. Творецот врие од внатрешна убавина, тој секогаш наоѓа начин да ја извади таа убавина која клокоти во него, и да ја пренесе во материјалниот свет. Додека уметникот се реализира во законитостите и рамките на светот, материјализирајќи дела во контурите на естетиката, творецот е веќе духовно реализиран уметник.

Винсент ван Гог бил творец многу порано, пред да стане уметник.

Тони Попов е фигуративен сликар. Неговото фигуративно сликарство се разложува во целосно треперење. Често се тоа парови, желни да остварат контакт. Се допираат, сакаат да се доближат, го исполнуваат просторот со присутност. И сепак се разделени. Ликовите во неговите слики имаат аура на издвоеност. Почесто, тоа присуство е исполнето со тишина. Осаменоста е тивка, длабока. Нема спектакуларни, патетични вресоци и крикови на страдањето. Овие ликови или се помириле со судбината, или достоинствено го носат товарот на своето бреме. Осамени портрети на далечни познаници, фамилијарни портрети во кои секој е сам, навидум овековечени и згрижени од заборавот. Контури кои бледеат, луѓе со уморни очи. Случајни минувачи.

Но, автопортретот кај Тони Попов е клучот на таа тајна на фигуративниот експресивен запис. Тоа себенабљудување има ритуална улога во неговиот живот. Неговиот автопортрет е хируршко прецизно секцирање и разоткривање на човечката душа. Себепортретирањето станува дисциплински метод на самоспознание. Автопортретите се можеби најдлабоката исповед која ни ја нуди уметникот. Јас сум сите! Сé што гледам сум јас. Јас сум сé, јас сум никој. Кој сум јас? Огледалото не е повеќе поле за себепромоција или нарцизам, туку исповедалница. Тие се контрапункт во диспропорцијален сооднос со нашето време, чиј тренд е фото – селфи промоцијата, каде себе – афирмацијата бара излез од самотијата. А всушност е уште повеќе интензивирана. До исчезнување или себебришење.

Неусетно се трошам. Истекувам. Одминувам. Ме снемува, но се преобразувам. Созерцувам.

Денеска се мисли дека целта на уметникот е да изненади, да шокира. Да пренесе точна порака. Мислам дека тоа не е вистина. Уметникот нема цел, неговиот творечки пат е самиот по себе решение, реализација. Уметничкиот пат е веќе остварена мисија! Како патот на тројцата мудреци во пустината кои ја следат ѕвездата на Спасителот.

 

Никола Пијанманов – март 2022 год.

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија