КУФЕР ПОЛН МЕЧТИ И СОНИШТА

КУФЕР ПОЛН МЕЧКИ И СОНИШТА

 

„Ниту едно време не ти припаѓа, ниту едно место не е твое.“
Георги Господинов, Засолниште во времето.

 

Оваа мисла на бугарскиот писател Господинов е матафорична и може да се доведе во корелација со прочуената филозофија на Ерих Фром „да се има или да се биде“ (истоимена книга, 1976). „Неприпадноста“ во времето и „непоседувањето“ на местото имплицираат специфична невдоменост на еден творец (кој ги надминува конкретните хронотопски координати) и неговото битисување, или она фромовско „да се биде“ – вон од време и вон од простор, во смисла да се биде во постојана транзиција, трансфер, транслација, што е суштинска желба и потреба на секој писател, како што смета Салман Ружди во текстот „Имагинарни татковини“. Нешто слично изјавува и нашата Елизабета Шелева во еден свој пасиониран есеј за македонската поезија и транзицијата: „Поетот населува повеќе татковини. Поетовиот Дом е во плурал“.

Домот на поетот Ерол Туфан е буквално во плурал и тој населува две татковини: роден во Гостивар, во 1959 г., младоста и студентските денови ги минува во Скопје, а од 1992 година живее и работи во Истанбул (Турција). Животната судбина на Туфан, крајно условно, се разбира, може да се доведе во релација со животната патека на еден Матеја Матевски кој, пак, е роден во Истанбул, во 1929 г., детството го поминал во Гостивар, а студентските денови и сиот свој работен век – во Скопје.[1] Обајцата имаат „два живота и една биографија“, како што би рекла Дубравка Угрешиќ. Во оваа смисла, Ерол Туфан има песна со наслов „Еден човек – два живота“, во која алудира на припадноста на двата града, Скопје и Истанбул. Освен несомнениот урбан сензибилитет, впечатливи се стиховите за „истата човечка, сива боја на тагата“ која ја бои душата „и во двата живота“. Очигледно, нема бегство од тагата, осамата, едноличноста на животот… Исти копнежи и соништа, иста потреба од разбирање и исти егзистенцијални проблеми го вознемируваат духот на поетот каде и да е.

Еден друг наш поет, Ристо Лазаров, во песната-омаж „Матеја Матевски ја црта улицата на стариот цвеќар во Истанбул“ (Ситночекорка, 2012), ќе рече:

поетот Матеја Матевски
ја црта улицата Истерлик во Истанбул
која од Таксим води кон Галата Сарај
и од која, еве тука некаде, под лицејот,
се скршнува во Улицата на стариот цвеќар.

 

Не знам дали сѐ уште постои улицата во Истанбул каде што се родил нашиот Матеја пред речиси цел еден век и дали можеби Ерол минува по неа секојдневно кога оди на работа или на прошетка, но знам дека овие интересни поетски созвучја сведочат за моќта на поезијата да создава најневеројатни коинциденции и паралели.

И најновата поетска книга на Ерол Туфан насловена Куфер сведочи за споменатите временски и просторни премостувања или за поетската авантура на духот во време и простор. Може да се рече дека Куфер промовира една поетика на талкањето: номадизмот (реален и духовен) ја претставува онаа стожерна точка околу која орбитираат стиховите на Ерол, на што упатува веќе насловот на самата книга. Во оваа смисла, во истоимената песна „Куфер“, лирскиот субјект ќе рече:

Како волк самотник
скитам наваму-натаму
со куферот в рака,
без да се скрасам каде било,
без да се вдомам на
постојана адреса.

 

Куферот е обединувачки мотив за триесетте песни кои ја чинат композицијата на збирката, со што таа добива на компактност и хомогеност. Книгата е збогатена со мошне инвентивни и оригинални илустрации на поетот и есеист Владимир Мартиновски, кои не само што се комплементарни на стожерниот мотив, куферот, и не само што им даваат ликовен израз на зборовните емоции кои пулсираат низ стиховите, туку и суптилно се надоврзуваат на атмосферата која доминира во ткивото на лирската есенција, воспоставувајќи уникатни дијалози помеѓу поезијата и сликарството како две сестрински уметности. Симбиозата на перата на Ерол и Владимир во оваа книга, на еден специфичен начин, го сугерира и претходно споменатото вкрстување на двата града, двата дома или припадноста на двете литератури и култури на нејзиниот автор – македонската (роднокрајната) и турската (по корен).

Не ретко, носечкиот мотив во стихозбирката на Туфан, куферот, е присутен веќе во насловот на самите песни: „Куфер“, „Ветер во куферот“, „Земја во куферот“, „Сонце во куферот“, „Петтиот куфер“, „Чудниот куфер“, „Два куфера“, „Куфери полни книги“, „Талкачот со куфер“, „Продупчен куфер“, „Куфер полн писма“, „Куферчињата на Џармуш“, „Синиот куфер“… Покрај оваа богата палета од варијации на темата „куфер“, копнежот по слобода, како врвен човеков и уметнички идеал, веројатно го зазема крунското место во поетското царство на Туфан, идеал кој и не е во колизија со целиот арсенал од значења „спакувани“ во книгата-куфер на Ерол. Потврда за тоа е влезната рамка на книгата која, преку низата дилеми кои го измачуваат поетот како мислечко и емотивно битие, ги сопоставува „белокрилите галеби“, тие „слободни птици“ – на луѓето со „заробени“ „душа, дух и тело“ во куфери, небаре „се плашат од небото“. Слободата како идеал особено екстатично е воспеана во песната „Миговен и слободен“:

 

Да бидам проточен и проѕирен
како водана во рекине планински.
Слободен како сонцето од утро до вечер.
Да шпартам по небото мое,
продорен да бидам како ветрот

(…)

И бескрајно бела СЛОБОДА ко
допирлив идеал или самовила да мами…

Во споменатата песна, нашиот Ерол експлицитно алудира и на Пол Гоген како „аргонаут на Пацификот“ (Иван Џепароски):

Да можам да се отпуштам себеси од себе
и да отидам без куфери и товари
на Тахитите како што некогаш
тоа го стори сликарот Пол Гоген!

 

Интертекстуалното ехо на Гоген, кој во архаичните и таинствени простори на Океанија, на Тахити, го лоцира одговорот на филозофските прашања „Од каде сме? Кои сме? Каде одиме“ (истоимена слика, 1897), нималку не е случајно, напротив! Бегајќи од стварноста и од „искуството“, Гоген е во потрага по „состојбата на невиност“ „а ла Блејк“: фантазијата, имагинацијата или „мечтаењето“ (Гоген) е човековата влезница за повторно добиениот Рај на земјата, зашто ја ослободува творечката енергија во секоја личност, па со нејзината сила човек може да ја надмине минливоста на постоењето. Оттаму, прокламираниот номадизам во облик на копнеж кај Туфан е виртуелен, филозофски нотиран и се случува, пред сѐ, во просторот на душата:

Сè поминува и одминува,
само душата ми заробена
длабоко негде во мене,
вкопана во тој затвор,
никогаш не се усреќи…

 

– читаме во песната „Затворот во мене“. Потрагата по среќа е второто име на духовниот номадизам во овие стихови. „Копнеам по лагата наречена среќа“ – гласи финалето на песната „Багдад-кафе“. Оваа песна тематизира едно култно место во Старата скопска чаршија од 80-тите години на минатиот век и заедно со уште неколку други песни географски врзани за Скопје („Танц“, „Куферчињата на Џармуш“ и др.), промовира една култура на сеќавањето, една топла носталгија за минатото, за неповратно загубената младост или за нереализираната љубов. Исклучително емотивните стихови во кои се вплетени парцијализираните сликички од животот / како расцепкана куфер-меморија (песна „Багдад-кафе“), кулминираат во автобиографски интонираната песна „Земја во куферот“: лирскиот субјект ја исполнува претсмртната желба на таткото – Горниот слој на земја да биде од нивјено наше / и на него да посадиш разнобојни ружи… Вреќичките земја од нивата во Полог „патуваат“ преку реки и мориња во куферот на синот кој, децении потоа, на реверот од новите костуми секој ден носи црвена, жолта, сина, модра или виолетова ружа и сите тие мирисаат на духот на татко… Оваа „сетилна меморија“, како што би рекол Хуго Фридрих, која лирски топло пулсира и низ приказната за некогашниот чистач на чевли во песната „Куферчињата на Џармуш“, допира до душата, облагородува, буди спомени. Секој кој се соочил со слични искуства, може само да му благодари на Ерол затоа што успеал поетски да ги обликува и да ги пренесе длабоко емоционалните, општочовечки состојби и животни ситуации на еден толку суптилен начин.

Но иако стиховите на Туфан во Куфер носат „отпечаток“ од душата на „поетот скитник“ (како што се вели во песната „Секогаш подготвен за настап“), што ќе рече дека тие со зборови ги цртаат егзистенцијалните состојби како: болката, тагата, загубата, отуѓеноста, осамата…, сепак, оваа поезија не е поезија на очај, туку е поезија на надеж и верба. Парадигматична во оваа смисла е песната „Carpe diem“, која содржи цела серија на упатства за лична употреба, потоа песните „Талкач со куфер“ и „Над венеењето“, како и песната „Сонце во куферот“ која, и покрај трагичниот исход и триумфот на смртта, нуди оптимистички излез: лирскиот субјект го послушува апелот на ангелот Габриел Пандемиски и сонцето спакувано во куфер што сака да го прати во градот под Кораб за да стопли една „сонувана душа“, го пушта „слободно да шета“ за да „ги грее другите смрзнати души“. Несомнено, симболиката на името на ангелот, но и целата заднина на болната приказна во оваа песна, упатуваат на актуелната состојба на пандемија со која живееме последниве две години, сеедно дали сме во Македонија или во Турција.

Синтезата на индивидуалното и колективното во песната „Сонце во куферот“ претставува израз на споделената идентична животна драма која сите нѐ затвори во куфер, во буквална смисла на зборот. Оттаму и асоцијациите со расказот „Човек во футрола“ на Чехов од 1898 г. (на српски расказот е преведен како „Човек во куфер“) и со ликот на анксиозниот професор кој се апстрахира од светот околу себе и се повлекува во себе, како во футрола која треба да го одвои и да го заштити од надворешните влијанија, па откако умира и буквално е сместен во футрола (куфер, односно ковчег). Овој расказ на Чехов е илустративен за тоа дека стравот од стварноста го осамува и го заробува човекот; наспроти тоа, среќата лежи во исполнет и богат живот. Бесмислата на постоењето, отсуството на комуникација, отуѓеноста од себеси и од другите, политиката и културата на страв кои се наше секојдневие, го актуализираат споменатиот расказ на Чехов. На истата линија се надоврзува и стихозбирката Куфер на Ерол Туфан, но тоа е само еден можен аспект на нејзино промислување и толкување, не и единствен. Башларовски, куферот претставува специфичен простор на интимност и прибежиште од надворешниот хаос, па функционира како меморија на некое друго време, кое ги проникнува минатото, сегашноста и иднината. Следниот чекор, според Башлар (Поетиката на просторот), е идентификација на „интимноста на човекот“ со „интимноста на материјата“, односно на човекот со куферот, во стилот на расказот на Чехов.

Споменатата игра со мотивот на куферот од метафора – до буквално значење, и трансферот од објект – во субјект, и обратно, односно дихотомијата: тело (куфер) – душа, Ерол Туфан ја користи во повеќе песни: „Куфер“, „Петтиот куфер“, „Два куфера (Два брата)“, „Тишина“… Од почетната дилема: Што да ставам во куферот / кога ќе си одам сам од себе? – во песната „Куфер“, преку спакуваните надежи и соништа во песната „Петтиот куфер“, или семејната сторија за двата сина, два сокола со два куфера, / две азна – едно материјално, друго духовно – во песната „Два куфера (Два брата)“, сѐ до желбата „да наслика тишини“ кои никако не успева „да ги смести во куферот на својот разбрануван живот“ – во песната „Тишина“, нашиот поет трага по суштината на постоењето: да се открие себеси во светот и да го осознае светот во себе. Не е тешко во овој експлицитно изразен поетски копнеж да го препознаеме вечниот немир на секој автентичен поет исправен пред предизвиците да ги растајнува феномените на битисувањето и на творењето. Оттаму, експлицитно поставеното прашање во насловната песна кое гласи: „Чуму живеам?“, се осмислува преку и низ воспоставената релација со Другиот/Другите. Зашто, ако барате знаци крај патот / по кој сте тргнале… / …јас, носачот на овој куфер со години, / можам да ви помогнам / да се соочите со себеси – читаме во финалето на истата песна. И повторно асоцијации, овој пат со воведната белешка на Иво Андриќ од книгата Знаци покрај патот: „Ако тие кратки и нејасни знаци и не нѐ спасат од лутања и од искушенија, тие ќе можат да ни ги олеснат лутањата и искушенијата и барем ќе ни помогнат со тоа што ќе нѐ уверат дека во што и да ни се случува, не сме сами, ни први ни единствени.“

Може да се рече дека споменатите согледби на Андриќ кореспондираат со идејната содржина на многу од песните на Туфан. Освен посочените имплицитни алузии во насловната песна, мисловните координати и на песната „Око“, на пример, исто така ја исцртуваат траекторијата на некои интуитивни, метафизички „селидби“ во потрага по некоја виша, духовна перцепција/состојба на свеста, потрага која нема крај:

…човештвото продолжува да талка
и да го бара куферот
во кој се носело
духовното око на мудрецот.

 

Поетиката на талкањето или поетскиот номадизам за кој недвосмислено се определува Ерол Туфан во збирката Куфер, внесува извесен динамизам во неговите лирски рефлексии и ја разигрува мисловната компонента на неговите стихови што, несомнено, претставува значајна естетска придобивка на оваа книга. Сеедно дали поттикот е личното, доживеаното искуство, или прочитаното како дел од книжевното наследство (на пример, песната „Загатка“ воспоставува интертекстуална релација со Агата Кристи и прочуениот Ориент експрес; во „Багдад-кафе“ се споменува Достоевски, а во „Око“ – Фауст итн.), стиховите на Туфан се единственото вистинско „засолниште во времето“ (Господинов). И не случајно завршната песна во збирката насловена „Синиот куфер“, напишана, според сведоштвото на самиот автор, на преминот од старата во новата година (што алудира на преминот: хаос – космос, крај – нов почеток, или симболичка смрт – симболичко раѓање, во крајна инстанца), ги синтетизира реалните искуства и имагинарните копнежи или стремежи. „Синиот куфер“, како што се вели во песната:

Допатува еден ден од синилото на Босфорот,
како сина мисла или сина птица.

(…)

тој син куфер во кој почиваа врамени
мечтата, сонот и желбата.

 

Овие стихови реферираат на поетовите почетни недоумици од книгата: синилото како боја на небото и водата упатува на бескрајот во хоризонтала и во вертикала, односно на слободниот лет на птиците (почетните „белокрили галеби“), кои, пак, можат да се поистоветат, меѓу другото, и со стиховите на еден поет од форматот на Ерол, зашто и тие, стиховите, исто како и птиците, умеат слободно да летаат. На тој начин, почетокот и крајот на книгата циклично се спојуваат како своевиден уроборос, змијата која си ја гризе сопствената опашка (симбол на вечноста и олицетворение на максимата „сѐ е едно“). И уште: ако се отвори синиот куфер од истоимената песна, од него ќе се ослободи една книга со тврди корици извезени во сите постојни и непостојни бои и со бели, неиспишани страници, како што вели лирскиот субјект. Очигледно, на повидок е нов ракопис, нова книга. Поетската авантура на Ерол Туфан продолжува…

 

Лидија Капушевска-Дракулевска

[1] Откако му го пратив предлог-поговорот на Ерол, тој ми напиша дека и самиот говорел за релацијата со Матеја Матевски на комеморацијата на нашиот поет на Струшките вечери на поезијата во 2018 г., во смисла дека постои обратен редослед во нивните биографии по однос на градовите Истанбул – Гостивар – Скопје. За жал, не бев присутна во Струга споменатото лето и не знаев за веќе изнесените компаративни согледби на Ерол, така што моите забелешки се некое продолжено ехо на веќе воспоставената паралела со Матевски.

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија