ПОСТОЈАТ ЛИ ЛАЖНИ ПРИКАЗНИ?

      ПОСТОЈАТ ЛИ ЛАЖНИ ПРИКАЗНИ?
кон „Вистинска приказна за двете соседни кралства“ од Марија Костадиновска

 

Приказните постојат откога постои човекот! Според некои теории тие своите корени ги влечат од митовите, култовите и обредите на старите племиња. На почетокот тие се ширеле усно од колено на колено. Но, со текот на времето, со десакрализацијата на митот и развојот на човековите заедници приказните добиваат различни облици. Така, кон крајот на 17 и почетокот на 18 век Шарл Перо го воведува терминот сказна или самовилска приказна. Во времето на европскиот романтизам, особено се засилува потребата сите приказни, сказни кои се пренесувале усно  да се запишат за да останат засведочени за идните генерации. Така, во светски рамки, освен Перо, едни од најпознатите запишувачи и собирачи на сказни се браќата Грим. На следното скалило од развојот на приказните или сказните го среќаваме Ханс Кристен Андерсен кој се смета за татко на авторската сказна. Оттогаш до денес авторските сказни и приказни наменети за детската популација се четива без кои не можеме да го замислиме интелектуалниот и духовниот развој на детето.

Јасно е дека секое време и секој период си носи свои приказни, а тие приказни си носат свои особености во зависност од тоа дали ѝ припаѓаат на оралната, запишаната или авторската фаза. Но, она што е сигурно е дека децата во било кој период со иста жар и подеднакво уживаата во приказните и сказните.  Децата веруваат и ги живеат со љубов приказните кои ги слушаат или читаат, но дали навистина, сите приказни се вистински, т.е. дали постојат лажни приказни? На ова прашање може да одговорат неколкуте Јас кои се кријат во човекот. Ова прашање може да го одговори детето кое спие во возрасниот или возрасниот во детето. Но, дали одговорите на сите тие Јас ќе се совпаднат? Па, ајде запрашајте се, зашто „Вистинска приказна за двете соседни кралства“ индиректно уште од самиот почеток ни го поставува ова прашање, и нам, на возрасните, но и на децата.

А, самата авторка влегувајќи во спогодба со детската природа сака да ни порача – ДА, вистински приказни постојат. Тоа ни го укажува уште од самиот наслов, обидувајќи се од почетокот да го разбуди малку детето во нас и да го искара возрасниот кој како да заборавил да верува во убави и магични нешта. Насловот на едно дело треба секогаш да е првтата најшаренолика гранка за која ќе се фатат дечињата кои ќе сакаат да ја читаат или да ја слушаат оваа приказна. Насловот треба да виде загатка, да биде примамлив, да ја разбуди детската фантазија и да го заинтересира детето за тоа да сака да се нурне во текстот и да стане едно со него.

Книгичката на Марија Костадиновска изобилува со прекрасни илустрации направени од ислустраторката Александра Филипоска. Илустрациите се шаренолики, а нивната функција е да забавуваат, да ја поттикнат детската фантазија, и исто така да ни ги прикажат топосите, односно местата каде што се случуваат дејствата. Илустрациите им помагаат на децата полесно да ја замислат приказната, просторите, да ги извајаат ликовите во нивните мали главчиња.

Подлабокото загледување во делото на Костадиновска оди паралелно со разгледувањето на сказничните матрици зашто „Вистинска приказна за две соседни кралства“ гравитира околу сказничната матрица, но со вешто воведени модерни интервенции и новитети, што ја прават книгата посебна и единствена.

Во сказничните текстови најчесто зборуваме за еден или два топоса, најчесто дејството се случува во едно кралство или шума. Но, во „Вистинска приказна за двете соседни кралства“ авторката воведува четири топоса и тоа од самиот почеток: Кралство на забавата, Кралство на здодевноста, езерото Лошо и Замокот на Лошотилук. Овие простора ќе дејствуваат меѓусебно, ќе се пополнуваат со дејства, дури и ќе израснат како ликови во книгата поради нивната важност.

Кралството на забавата и Кралството на здодевноста се двете кралства со кои царуваат Хана и Фран. Хана царува со здодевноста, зашто најмногу сака да се здодева, а Фран царува со забавата зашто непрестано сака да се забавува. Овие две кралства се синоними за детствата, едното на Хана, а другото на Фран. Всушност и секое дете си има свое кралство, свое детство кое може да наликува на она од Фран и да е забавно или детство како она на Хана – здодевно. Тука можеме да зборуваме и за нарушениот баланс на детствата на Хана и Фран, зашто претераната забава и претераното здодевање се лоши за нивниот интелектуален и морален развој.  Преку авантуристичната приказна и заедно со Хана и Фран и самите деца ќе научат дека поставувањето баланс е неопходно за правилно да растеме и да созреваме.

Границата на нивните светови со оној на Лошотилук е претставен преку езерото Лошо. Покрај многуте функции кои ги има водата, едната од најзначајните е онаа за раздвојување два света, најчесто темниот и светлиот. Од едната страна на водата секогаш е животот, а од другата страна е смртта. Во „Вистинска приказна за двете соседни кралства“ водата во езерото Лошо ја има функцијата да ги раздвои световите на Хана и Фран (оние невини детски светови) од Замокот на Лошотилук преку кој е претставен светот на возрасните.

Лошотилук е антагонистот во приказната затоа што сака да им ги одземе кралствата на Хана и Фран. Во неговиот лик можеме да го согледаме ликот на возрасниот кој децата секогаш го перципираат како Лош. Лошотилук е оној кој сака сѐ за себе, сака да биде владетел на двете кралства, а истото се случува со возрасните, и тие сакаат да владеат со детствата на децата. Возрасните често сакаат да ја контролираат детската игра, детската забава, па дури и детската здодевност. Освен ликот на Лошотилук, во книгата го среќаваме и ликот на Нина.  Имено, Нина и Лошотилук се единствените возрасни во оваа книгичка.

Во Лошотилук можеме да препознаеме фигура на родител, родител кој не успеал да се иницира во возрасен преку читање, забава, игра… Во ликот на Лошотилук се крие родител кој како дете или премногу се забавувал или премногу се досадувал и неговата иницијација заминала во погрешна насока. Затоа, неговата желба за да им ги земе кралствата на Хана и Фран е всушност желба за да им го земе детството кое немал можност да го изживее правилно. Тој копнее да го врати своето изгубено детство, но начинот на кој тоа го прави го отсликува него како главен антагонист на делото кој децата, секако, ќе го перципираат како лош, затоа и неговото име е ЛОШОтилук.

Исто како што во ликот на Лошотилук можеме да препознаеме и личности со кои секојдневно сме опкужени, така и во ликот на Нина, првата дама која требало да ја подучува Хана на важни работи можеме да препознаеме личности што се дел од нашиот или општествениот живот на нашето поднебје. Нина, освен што ја научила Хана да ги распознава буквите, таа не ја научила на ништо друго, зашто ѝ било здодевно да го прави тоа. Преку ликот на Нина, авторката им упатува критика на родителите кои го запоставуваат духовното растење на нивните деца, или пак, просветните работници (наставници, педагози, психолози) кои не обрнуваат доволно внимание на своите ученици… Но, сепак на крајот Нина ќе се преобрази и ќе стане добар помошник кој ќе им помогне на Хана и Фран да ги вратат изгубените кралства, односно да воспостават баланс во нивното детско созревање и растење. Тоа значи дека и секој возрасен може да се промени во подобра и посветена личност која може позитивно да влијае врз духовниот развој на децата.  Препознавајќи личности во ликовите на Нина и Лошотилук ни говори за тоа дека колку што една книга е наменета за деца, толку истата е наменета и за возрасните. Зашто и возрасните можат да научат многу ако се нурнат подлабоко во оваа книгичка и ги одгатнат тајните кои ги крие таа…

Во сказните, приказните најчесто антагонистот е оној кој го води дејството. Антагонистот или ликот со лоши особини е оној кој ги води ликовите кон иницијација. Така, во оваа книжулка Лошотилук како главен антагонист ќе ја потпомогне иницијацијата на Хана и Фран. А созревањето на Хана и Фран не може да започне ако тие не излезат од зоната на удобност. Во сказните најчесто иницијациите одат заедно со желбата на ликот да види што се крие на патот, во шумата, во непознатото (таков е случајот со Црвенкапче, Ивица и Марица…). Во приказната за Хана и Фран не е така, зашто тие не сакаат да излезат од своите удобни зони на забава и здодевање. Затоа, нивната иницијација слободно можеме даја наречеме принудна иницијација. Лошотилук ги принудува да излезат и да ги спасат кралствата кои им ги зазема.

Но, ако иницијацијата е принудна тогаш шансата на ликовите вистински да се иницираат и морално да пораснат е сведена на минимум. Принудната иницијација мора да стане вистинска за созревањето на Хана и Фран да тече беспрекорно. Тоа ќе се случи во моментот кога Хана и Фран ќе паднат во водата на езерото Лошо. Трансформацијата од принудна во вистинска иницијација е благодарение на измивачките својства на водата. Прочистени, измиени од претходните грешки на премногу здодевање или премногу забавување ќе го остварат преминот и кај нив ќе се роди желба ситуацијата да ја преземат во свои раце и да си ги вратат кралствата, со тоа несвесно започнуваат да созреваат.

Иницијацијата на Хана и Фран е всушност и иницијација на нивните кралства кои на крајот ќе се спојат во едно кралство, наречено Кралство на среќата. Ако за кралствата рековме дека можеме да ги поистоветиме со детствата, тоа ќе значи дека ослободување на кралствата значи и ослободување од здодевноста и претераната забавата во детството и конечно создавање Кралство на среќата или детство во кое ќе преовладува баланс. Дури и езерото од Лошо ќе се иницира преку име во Езеро Добро, а Замокот на Лошотилук ќе стане училиште зашто ништо не можеме да направиме без просвета и збогатување на знаењата.

Една од главните загатки е поврзана токму со имињата на двата главни лика од „Вистинска приказна за двете соседни кралства“, зашто ниту еден автор не избира случајни имиња. Имињата во себе имаат некое значење или некоја симболика или сакаат да ни пренесат некоја тајна порака. Таков е случајот и со имињата на Хана и Фран. Пред сѐ, интересно е што авторката се одлучила за имиња коишто не се толку карактеристични за нашето поднебје. Првенствено имињата се интернационални и секаде познати што би олеснило доколку книгата се преведе на некој друг јазик, па преку ваквите имиња, ликовите ќе им бидат поблиски на сите деца во светот.

Другата можност е поврзана со значењата на имињата. Името Хана има еврејско потекло, а името Фран е варијација на името Франк што има германско потекло и значи ‘слободен човек’. Во литературата на сите ни е многу добро познат еден лик што всушност бил и личност, а тоа е Ана Франк. Зад имињата на Хана и Фран се крие и ликот на Ана Франк затоа што Марија не ја напишала книгата само за денешните деца, оние кои имаат убаво детство, туку оваа книга авторката Костадиновска потајно им ја посветува на сите деца во светот. На оние кои имаат можност за убаво детство, но и на оние кои немале и сѐ уште во некои делови од светот немаат можност да ги доживеат веселите бои што само детството ги носи. Ана Франк е симбол за неизживеано детство, за недоживеана младост, затоа Хана и Фран како плод на авторовата имагинација се светлина за едно среќно детство какво што заслужува секое дете.

Ако ги запрашате децата кои веќе ја прочитале оваа книга, кој е главен лик? Веројатно тие нема да можат да одлучат дали тоа е Хана или Фран, па затоа, најверојатно ќе ги изберат двата лика. Во „Вистинска приказна за двете соседни кралства“ авторката не го карактеризира само Фран како главен протагонист кој треба да ја спаси Хана и кралствата, или пак, Хана главна хероина која треба да го спаси Фран. Во овој случај и Хана и Фран мора да дејствуваат заедно за да ги спасат своите кралства. Машкиот и женскиот лик овде носат иста тежина, нивната иницијација е поврзана со една многу важна задача.

Главната цел на секое дело е вистинска иницијација на ликовите, исполнување на главната задача која во овој случај е спасување на кралствата. Детето често се поистоветува со ликовите од приказните, препознавајќи се во некои од нив тоа се ослободува од своите психолошки трауми. На крајот од книгата и Хана и Фран ќе доживеат успешна морална иницијација, тие ќе пораснат во подобри и повредни личности и наместо круни ќе добијат бувчиња, зашто само мудроста може да ни го покаже вистинскиот пат. Преку ликовите на Хана и Фран и децата ќе го изодат патот на растењето. Успешната иницијација значи и пронаоѓање баланс зашто во детството треба да има и забава и здодевање, но во ограничена мера, а треба да има и читање и учење и истражување и многу други благодети кои ќе го пораснат детето во добар човек со морални и етички вредности. Хана и Фран се вистински пример дека претераната здодевност и претераното забавување не се добри ако не се искомбинирани со учење, со надоградување, слушање музика, гледање добри цртани филмови, цртање… Затоа на крајот замокот на Лошотилук ќе го преобразат во училиште.

Оваа книжулката е одлично четиво за деца од претшколска возраст, но и за деца од првите одделенија. Поради прекрасните илустрации, големите букви, оваа книга е одлична и за деца кои имаат проблеми со дислексија и дисграфија. Илустрациите, но и текстот ќе им ја олеснат тешкотијата и тие ќе можат да ја уживаат приказната целосно.

Костадиновска напишала книга за растењето, созревањето, детската игра, за балансот кој треба да се воспостави. Накратко, оваа книга е за сите деца кои сакаат да бидат дел од авантурата на Хана и Фран, да станат нивни пријатели, можеби и да се поистоветат со нив и заедно да изградат Кралство на среќата.  Со „Вистинска приказна за двете соседни кралства“ авторката нѐ уверува во магијата која ја носат приказните како оваа, или поточно кажано – вистинските приказни како оваа за Хана и Фран, за секое дете!

Елена Ѓорѓиовска, 2022 година

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија